Таговите и национализмот

20.04.2012 13:23
Таговите и национализмот

Таговите со смртта биле на ти. Имале трговско-накупски однос со неа. Потекнувале од племенското племе на Сагариќаните, коишто и Херодот ги споменува како давители (волокожни јамки) и оние што колат (бодежи), а ја пустошеле Индија, како што тие тврделе, од осмиот век. Прв пат се споменуваат во една историја како страшни терористи во областа на Делхи, 1290 година, па понатаму сé до уцврстувањето на англиските колонизатори, во првите децении на минатиот век. Тоа биле најстрашни пљачкашки банди, во чијшто праксис првиот закон бил: нема преживеани. Жртвите ги касапеле во култни цели. Децата на тоа племе, култно и професионално, морале да ја наследат традицијата: да се убива каде и да се укаже прилика. Живееле помешани со обичниот свет, како земјоделци. Како членови на сектата дејствувале тајно, по цела Индија, годишно убивајќи по десетици илјади луѓе; некои тврдат дека цифрите во одредени години и периоди се движеле и до милион жртви! Имале најбескрупулозна религија во постоењето на светот. Нивната божица Кали им дозволувала, дури, барала од нив да убиваат - бидејќи на тој начин всушност ги убивале размножените демони во човечка форма. Така и било во раната фаза од раѓањето на оваа монструозна религија. Во подоцната фаза, божицата од нив бара да убиваат „за да се обезбедат себеси и семејството и за да останат здрави“ (зборови на еден таг пред англиски суд). Ако ништо друго, Индијците од англискиот колонијализам видеа едно несомнено добро: Англичаните ги открија конците на тајните и сè помасовни убиства, и успеаја да ги пофаќаат сите тагови и да ја ликвидираат оваа секта на убијци.

Токму кога таа секта исчезна од сцената во Индија, почна да се засилува на Балканот. Овдешната божица Кали беше новородената Нација. Нацијата, како и хиндуската Кали, бараше постојано истребување на непријателите (демоните), биолошко прочистување и тајна заклетва дека и во најтешките времиња на мирот не смее да се заборави суштината на таговското постоење: убиството. Нацијата - тоа е перманентна војна којашто југословенската идеја (поради политичките изопачувања на националните тагови внатре во самата неа) никогаш не можеше да ги смири. Таа војна кај нас беше само лажно дисциплинирана со комунистичкиот мир (што, сепак, според Еуген Финк, е „забрана на смртта”), но токму во него маскираните тагови дотуркаа до највисоките хиерархиски места, и во моментот на историска шанса за нов зов на Нацијата, за фашизам (според Финк, „очитување на смртта”), тие излегоа од своите заклетвени пратемници - од коишто изнурнува и божицата Кали, не како Примавера, туку како ждерачка на лешеви - и удрија со современа воена техника, сепак, амулетно, сè уште користејќи касапски ножеви, на сето она што беше југословенско, што не се одзва на повикот на божицата Нација. Изнурнаа фансингарите на Смртта како пљачкашки банди за да убиваат по одобрение, според барањата на божицата Нација; да пљачкосуваат и парчосуваат тела, како што некогаш, додека Британците не ѝ го ставиле крајот, божицата Кали барала од своите следбеници, тагови.

Подмладокот на таговите примаше долгогодишна иницијациска обука за идните убиства во милитаризираната општествена клима (по законот manus militaris) во којашто душата му ја обучуваа постарите, со смртта повеќе поврзани тагови. Таговите имаа свои тајни ложи, свои „безбедносни“ и „информативни“ организации, своите УДБИ и КОСОВИ. Тука, исто како во нивните затвори за непослушните тагови, се произведоа речиси сите наши денешни тагови, наредбодавци и извршители. Тужителот, Извршителот и Осуденикот се здружија во ова кобно време, кога се закани цивилното и правно општество, и сега, кога идејата на „акционото единство“ на родот и братството е поважна од сите нивни бивши секташки недоразбирања, тие се размавтани.

За разлика од индиските, нашите тагови ги симнаа сите маски и целата држава ја земаа под свое (како ајдучко главешинство) и легално го извршуваат своето дело на убивање, барајќи сега од сите државјани спрема божицата Кали, којашто тие ја нарекуваат „Татковина“, да ја извршат својата „света должност“ (ритуалното убиство), како што тоа го рече некое денешно министерски рангирано војничиште. Ја нема веќе старата англиска колонијална сила за и нас, како некогаш Индија, да нè извлече од ова зло (колку и тоа да го наплати). Бидејќи Обединетите Нации немаат колонијални интереси, а до некои повисоки интереси и мотиви сè уште не стигнале, тие не можат да ги заменат некогашните мисии на Обединетото Кралство. А ние веќе дојдовме во состојбата на Германија 1941-та. Кај нас денес, како некогаш таму, култот на Нацијата успева во она во што не успеа ни култот на божицата Кали: целиот народ да го претвори во тагови, или во директни соучесници на таговите, во ајдуци и јатаци. При толку народњачка врева никој не се сети на стариот Вујадин, просветлениот таг, којшто (во народна песна) ги проколнува „лажливите очи“ што „на зло го навеле“, од заседи и стапици да ги гледа по патиштата Турците и трговците, да ги напаѓа, убива и пљачкосува.

Таговите имале култ на стапот, боздоганот, и безгранична вера во неговата моќ. Еден наш таг неодамна од највисоко државно место изјавуваше дека против „странската сила“, т.е. против целиот свет, ако треба, ќе се бориме и со боздогани. Со својот таговски инстинкт тој ја осети светоста на тој предмет и поимот за него. Она што е хостијата кај христијаните, кај таговите е боздоган, а што е шеќерот (зукри) кај индиските тагови, кај нашите е ракииштето. Боздоганот убива и затоа тој е божја работа, бидејќи само убиствата се божја работа, налог на божицата Кали, или Нацијата. Таговите - болшевици, фашисти, националисти - ги покажаа крајните модалитети на можностите на верата и митот (кога изостануваат разумот и согледбата).

Во Индија таговите биле столб на семејниот морал. Наместо да организираат војни, тие „попрактично“ вршеле масовни егзекуции на патниците и населението, тајно, вон своето професионално општествено работно време, убивајќи, пљачкосувајќи и парчосувајќи на тој начин никогаш да не бидат идентификувани. Тие правеле своевиден антипопис на населението, но сепак не толку крвав како што денес се прави во Босна. Ја спојуваа забраната за убивање жени (иако ги убивале и ги продавале на макроа) со безочните ритуални верски молитви на својата божица, за добар ајдучки лов во злато и рупии. Нашите тагови својата вера во вечното убиство, и сите ритуални пракси во врска со тоа, „информативно-политички“ ги беа разработиле, и имајќи ја, за разлика од индиските, целата држава в раце, праксисот на своите верувања го претворија во една канибалска војна. Криејќи се, меѓутоа, зад ритуалната фразеологија, комитетските шифри на своите обезјазичени говори, тие на народот (јатачкото друштво) и понатаму му се причинуваат како столбови на семејниот и општествениот морал. Само нивните извршители, со чорапа на глава, со ножот в заби, под ознаката на тигар, мртовечка глава, црни и бели птичишта, оцила, шаховски табли, полумесечини, кружат низ територијата на јужнословенските стада и го земаат својот секојдневен данок во крв, пари и недвижнини.

На оние што сè уште се подготвени налутено да се присетат на „турските ѕверства“, ќе им одговори Владимир Соловјев: „Турските ѕверства ние ги помниме, а зарем одамна во Русија, па и во другите земји, сопствените турски ѕверства исчезнале?... а што се однесува до вашите христијани и нехристијани, за жртвите на сите ѕверства la question manque d’interet (прашањето е лишено од интерес): ако мене некој ми ја гули кожата, јас нема да му се обраќам со прашањето: од која сте вие вероисповед, милостив господине? - и ни најмалку нема да бидам утешен ако се покаже дека луѓето што мене ме мачат се непријатни и неугодни не само за мене, туку згора на тоа, како христијани, гнасни се и за својот сопствен Бог, со чиишто заповеди се подбиваат“.

10.08.1992.

Линк до друг есеј на Благоевиќ на Окно.

Извор: Маргина 36, 1997

Слики: Kaye Blegvad

Слични содржини

Општество / Теорија
Gif / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото