Ѕидовите од свила лечат носталгија

23.04.2012 12:22
Ѕидови од свила лечат носталгија

Преселувајќи се поради студиите од Сеул во Њујорк, од традиционална корејска куќа наречена ханок во типичен стан во њујоршка зграда, корејскиот уметник До-Хо Сух, длабоко бил повреден од разликата во животниот простор.

 

Немирот кој настанал поради промената на околината, уметникот го „лечел“ со мерење на новиот животен простор, а со цел подобро запознавање со новото опкружување. Со текот на времето, на листата на животни простори, Сух додал и стан во Берлин.

Дел од својот уметнички опус, Сух го изградил токму истражувајќи го поимот дом. Користејќи проѕирна кинеска свила или слични материјали и метална конструкција, уметникот се навратил на мерење на сопствените животни простори и реконструкција на истите во рамките на проект под името: „Совршениот дом“ (The Perfect Home).

 


Еден од домовите реконструирани во рамките на проектот го претставува домот во кој уметникот одраснал. Традиционалната корејска куќа ханок е изградена од свила со боја на жад. Проектот е изложен во Сеул, во „Музејот за уметност на Ли Самсунг“.

Лебдечките реплики на домовите од проѕирен материјал се навистина верни и детални копии на приватниот животен простор на уметникот. Меѓутоа, токму со прецизното и механичко реконструирање тие стануваат лишени од интимните мемории. Стерилната инсталација, како дух на архитектонската форма, произлегува од личното искуство на преместување, го акцентира и односот на индивидуалниот и колективен идентитет низ просторот како културолошка единица.


„Staircase“ и „Reflection“ се други проекти на уметникот кои се занимаваат со границите на просторот и идентитетот. За реконструкцијата на столбови и врати од својот живот, Сух изјави „Ме интересираат транзициски простори како врата, столбови, мостови повеќе од крајната одредница. Тие поврзуваат, но во истовреме и го одделуваат просторот. Навистина верувам во животот како патека“.

Доколку овие проекти ги ставиме во сооднос со тие од серијалот „Совршениот дом“, ни станува јасно дека кон дефиницијата за современ дом, како и за идентитет, уметникот поаѓа токму од транзицијата/селидба.


Извор: Pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото