Темната страна на утопијата за учинокот

25.04.2012 13:55
Темната страна на утопијата за учинокот

„Меритократија: збор кој звучи како олицетворение на доброто“, вака оцени Сер Ралф Дарендорф уште во средината на минатата деценија, бидејќи во меритократското општество се цени – барем таква е пораката на неговите застапници – само учинокот кој може да му се припише на некој поединец, а не нечие потекло, случај, среќа или божествен план. Во меритократското општество висок доход остваруваат само оние кои го заслужиле тоа со исклучително залагање и натпросечна способност. Во таквото општество, со висока положба и углед располагаат оние кои биле во состојба да се издигнат над останатите со исклучителни достигнувања и несекојдневната извонредност во науката, економијата, уметноста и спортот.

Исто така, оној кој нема да успее да дојде до врвот на меритократската структура, во принцип има можност да ја подобри својата општествена положба, да напредува – ако се потруди повеќе од оние кои се наоѓаат во слична ситуација. Поединецот кој не е задоволен од својот живот, веќе е амбициозен и посакува напредок, повеќе учи од другите, работи, се образова, слободното време го троши на изучување јазик наместо да се излежува на сонцето – ваквиот дисциплиниран и амбициозен поединец сам по себе е олицетворение на меритократските надежи на средната класа.

Оваа приказна и исклучително привлечна и фасцинантна и се чини дека на почетокот на 21-от век меритократскиот принцип стана општествен common sense како никогаш досега, и вербата во прецизната мерливост и правичното наградување на учинокот во последно време добива на сила. Евалуации, рангирање, скали на оценување од сите видови преовладуваат во различните области на модерниот свет.

Проблемот е во тоа што меритократскиот проект по себе не гарантира добро, правично, цивилизирано, солидарно општество. Последниве години темната страна на утопијата за учинокот се разоткри токму меѓу средните слоеви на општеството. Меритократскиот повик на мобилизација во едно општество со огромни разлики во примањата, хиерархијата на моќ, сериозните социјални разлики во општествената положба и угледот доведе до беспоштедна борба за повластени позиции. Кој нема да успее да опстане во вакво опкружување – поразен е засекогаш. Тој се смета за „праведно“ пропаднат, бидејќи потфрлил во „фер конкуренцијата“, значи, самиот си е виновен за својата несреќна судбина, поточно – само тој е одговорен. Меритократското ветување се покажа како идеолошко средство за разграничување на средните и ниските слоеви на општеството.

Слични заклучоци можеме да извлечеме и од моментално жестоката дебата за средната класа во Франција. Жером Фурке (Jérome Fourquet), директор на Институтот за истражување на јавното мислење, неодамна утврди дека средниот слој најмногу се плаши од тоа „да биде достигнат од пониските слоеви и оневозможен понатаму да се искачува на општествената скала, иако неговите претставници сметаат дека дале сè од себе за да бидат онаму каде што се сега“. За средните слоеви, според заклучоците на прилично дискутираната книга „Новата средна класа“ (Les nouvelles classes moyenes) на Доминик Гоа и Ерик Моран, најважните средства за обезбедување подем во нагорна линија и разграничување од дното на скалата се: 1) образованието и 2) животниот простор.

За припадниците на средниот слој, образованието зазеде централно место во смисла нивните деца да имаат можност за успешна кариера. За разлика од децата на горните општествени слоеви, овие располагаат со помали парични средства, па единствениот начин да ја надоместат таа разлика е успехот на нивните деца на училиште. Оваа класа, не прашувајќи за цената, се брани од продирањето на оние од дното во нивните станови и животни простори во богатите населби, кои ги стекнале со мака. Значи, животниот простор и адресата се важни показатели дека не се наоѓате на дното, туку дека сте обезбедиле живот во опкружување со луѓе слични на вас, со кои ве поврзуваат истите норми на социјализација и начин на живот.

Накратко: меритократијата на средната класа не гарантира напредување кон врвот, но крева ѕидови кон соперничките стремежи. Нејзиното изворно барање се изобличува на овој начин, но ваквите процеси историски се редовна појава. Кога до неодамна динамичните слоеви или класи ќе се исплашат од губење на општествениот статус, приказната за еманципацијата станува конзервативна бајка за зачувување на положбата.

Авторот е политиколот и директор на Институтот за истражување на демократијата Götinger

Извор: Frankfurter Rundschau

Фотографии: Карлос и Џејсон Санчез

ОкоБоли главаВицФото