Потпишување на новите книги на Шопов и Јолдески

26.04.2012 14:38
logotemplum

Темплум Ве поканува на својот штанд каде што младите автори Иван Шопов и Ненад Јолдески (и обајцата добитници на наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис) ќе ги потпишуваат своите нови книги.

Место: Скопски саем, хала 2
Време: Петок, од 15 до 18 часот

 

 

Иван Шопов - Меше на годината [поема со масни наслаги]

Жанровски, „Меше на годината” е флуидна, хибридна книга составена од триесетина песни во проза и повеќе куси прозни парчиња што само условно може да се наречат гатанки. Иако нумерирани, прозните секвенци функционираат како сосема независни структури, што допушта флексибилност во нивното восприемање. Текстот во голема мера се темели врз спојот на диспаратни и навидум неспоиви слики, ефектот на изненадување/ шокирање и употребата на иронија и хумор. 

Извадок од книгата: 

Оваа книга содржи триесет и три образложенија на
жирито што ја доделува наградата Меше на годината и
едно специјално образложение за уште поспецијалната
награда за животно дело.
Напомена: жирито е едночлено и е составено само од
мене.
Уште една напомена: секоја година наградата ја добива
мешето на К.
Трета напомена: образложенијата не се датирани; кога
се наградува такво меше, прашањата врзани за времето
и датумите се многу, многу замрсени.

                                                                             И. Ш.

1.

Мешето на К. ги заробува мислите на случајните
минувачи како воздух во гумен душек, за потоа да
ги отпушти како бура на брегови неозначени на
географските карти. Тогаш две страни на светот ги
забораваат своите имиња, а сонцето има вртоглавица
како да е легнато на грамофонска плоча.

Тоа меше е приврзок за клучеви од тајни врати,
лекција од учебник по митологија за бравари,
облак во форма на катанец што не може да го
уништи ниедна правосмукалка. Фотоапаратите се
расипуваат во обидот да го скаменат и споменот
за него е сочуван на маргините на една нова света
книга. Илјада лажни гатачки му претскажуваат
многу победи на натпревари за убавина одржани
по неговото исчезнување. А мешето спокојно стои.
Стои. Како да навестува повторно создавање на
светот.

19.

Мешето на К. им ги краде вештачките вилици
на старците и на гробишта држи говор за вечната
младост.

Додека трае говорот, вампирите пијат чоколадно
млеко, а багерите одбиваат да ги уништат мравјите
домови копајќи темели за трговски центар.
Бремените жени се преселуваат на куќички на дрво;
циркуските шатори се откажуваат од покривот
сочувствувајќи со бездомниците;

Волците заспиваат покриени со театарска завеса
и осаменоста им ја подаруваат на љубителите на
комедии. Комарците се ослободуваат од крвта на
луѓето каснати во исповедалница. Коцките шеќер
се сокриваат под перниците на болничките кревети
и уличните светилки ѝ го отстапуваат местото на
темнината...

Сите би сакале да знаат што се случува кога
говорот на тоа меше престанува. Но говорот, како
што може да видите, сè уште трае...

33.

Пијано на автобуска станица, мешето на К.
прашува за правецот на ветерот и ѝ ги крши нозете
на стоногалката што ги збунува патниците.

Сета историја на светот ја собира во кутија од
ќибрит и ја фрла преку рамото.

Очите ја преземаат формата на листот од багрем.

Прстите им го отстапуваат местото на пердувите
и гудалата.

Се менуваат имињата на планетите. Часовникот
се поместува неколку векови поназад и неколку
минути понапред.

Тоа меше стигнува навреме на пладневната
свеченост на уништувањето на светот и зачувува
трепка од заспана жена за новиот почеток.

Тоа меше набавува нуркачка опрема пред да го
научи јазикот на рибите. Добива амнезија, а успева
да го сочува споменот за гуменото пајче и шампонот
што ги пече очите.

Треба да се замисли светот како плоштад со
базен наместо папок и да се нурне во него. Треба
да се напушти сопствената кожа под дрвото на
сознанието. Треба да се стане едно со капките што ги
фрла мешето на годината кога скокнува во базенот.

Ненад Јолдески - Секој со своето езеро 

Расказите на Јолдески се колебаат околу сопствениот идентитет и тематски осцилираат околу загрозените урбани пејсажи на нашите градови, околу тагата, стареењето, љубовта... Околу едно немирно мастилаво езеро. Расказите во книгава вчудоневидуваат и речиси сите редовно уште на самиот почеток ја кршат реалната и стабилна основа врз која стапнува читателот. 

Извадок од книгата: 

Магла

Скопје. Корегиран дискурс.

Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плута по градското езеро. Една птица удира во полуотворената ролетна. Трета за денеска. До мене стои книгата за Бројгел која ја позајмив. Се присетувам на „Падот на Икар“. Чудно е, но не можам да си го споменам Бројгел, а на неговото име како асоцијација да не ми се закачи и Вилијамс.

„ According to Brueghel

when Icarus fell

it was spring. “

Ја барам сликата внатре. Ја нема. Наместо неа гледам во „Ловци во снегот“. Ова е можеби десетти пат како случајно ја гледам. Неколку пати со Оливија, неколку пати сам. Почнувам да верувам дека ми најавува нешто апокалиптично. Зимата можеби. Сеедно...

Дождот престанува. Излегувам надвор. Градот, надвиснат од темни облаци и магла, ги шета своите призраци по немите магливи булевари. Мириса на зима. Леден северен ветар се одбива од зградите. На рабовите на тротоарите набрзина се нафаќа мраз.

Излегувам на улицата што се спушта стрмно надолу во срцето на градот. Не сум најсигурен каде ќе ме одведе овој пат. Насетувам како низ тешките драперии од смог и магла ме следи глутница уморни и прегладнети кучиња. Треперам од страв и застанувам во место. Кучињата не ме забележуваат низ маглата и ме одменуваат. Забележувам дека ги следат тројца ловџии со пушки. На небото прелетуваат гаврани. Луѓето нишанат и испукуваат неколку куршуми. Еден од куршумите пробива низ стакло. На земјата не паѓа ништо. Мене, за среќа, не ме забележуваат. Решавам да продолжам низ густата магла и да се сокријам на безбедно. Ја наоѓам најблиската продавница и се кријам во неа. Низ излогот гледам како војниците и прегладнетите пци се губат низ маглата. Продавачот лежи мртов. Набрзина се враќам во својот дом.

Гавран, сигурно загубен низ густата магла, удира во прозорецот и полумртов го крши стаклото и влетува во собата. Белина започнува да ја полни внатрешноста. На ногата на гавранот забележувам порака.

Не излегувај надвор,
ги сонувам ловците,
го задоволуваат гладот,
го надјасуваат поразот...
                        Оливија

Ја заклучувам вратата. Книгата за Бројгел сè уште стои на масата. Во собата се населуваат гаврани. Правам чај и удобно седнувам во фотелјата. Среќен што сум жив. Чекам да се разбуди.