Тој здодевен народ

27.04.2012 09:27
Тој здодевен народ

Баук од армија невработени и сиромашни луѓе кружи на финансиските пазари – што ако откажат послушност? Затоа политичарите и економските моќници не сакаат повеќе демократија. Евро кризата спие, билионските кредити одобрени од страна на Европската централна банка ја смириja ситуацијата. Меѓутоа, финансискиот пазар се соочува со нова опасност: демократијата. „Изборите во Грција и Франција, како и престојниот референдум во Ирска“, изјави Елга Барч од инвестициската банка „Морган Стенли“, “ги загрижуваат инвеститорите, претприемачите и потрошувачите“. Изгледа дека сите опасности се закануваат од народот.

Државите во еврозоната бараат големи жртви од своите жители за да се поврати довербата во финансискиот пазар, укинувајќи притоа стотина илјади работни места во државните служби, зголемувајќи ги даноците, намалувајќи ја социјалната помош и пензиите. За да се зголеми конкурентноста на меѓународниот пазар, се намалуваат платите, но и заштитата на вработените од отказ, а синдикатите ја губат својата моќ. Покрај тоа, сè повеќе луѓе ја губат работата. Во Грција и Шпанија стапката на невработеност кај младите е поголема од 50%. „Помал ризик за Европа во овој момент е најверојатно растот на каматите на државните обврзници“, објаснува Патрик Артус, економист на француската банка Natikus, „отколку што е политичката и социјалната криза поради спектакуларниот раст на невработеноста.“

Во одредени временски размери, барем како што тоа го предвидуваат демократските правила на игра, жртвите на кризата можат да гласаат за донесените мерки – и да ги отфрлат. Оваа можност создава неизвесност на финансиските пазари. Поради тоа претходните месеци политиката презеде многу мерки за неутрализација на волјата на избирачкото тело. Во ноември во Грција е спречен референдум – Германија и Франција без размислување се заканија со исклучување на Грција од еврозоната доколку рефенрендумот се одржи.

Во Грција и Италија кризата ги натера шефовите на државите на повлекување. Наместо нив дојдоа „технократи“, кои не се избрани и со тоа не одговараат пред гласачите. Под притисокот на пазарот исчезнува демократијата. „Политиката во криза потсетува на перманентен државен удар“, критикува професорот по книжевност Јозеф Фогл. Политиката сè повеќе се управува на неформалните состаноци на банкарите, политичарите и гувернерите на централните банки. „Финансиските совети“, според Фогл, „донесуваат одлуки кои не можат да се преиспитаат, и кои им служат само на одредени интереси.“

Сега од народот се бара да гласа. Како, на пример, во Ирска. Тамо на крајот на мај ќе се гласа за прифаќање на Пактот за стабилност, но во оваа прилика Ирците нема да имаат преголема слобода: земјата зависи од парите од Фондот за спас – а нив ќе ги добие само ако го потврди Пактот за стабилност. „Ирска ќе изгуби многу ако не гласа со ’да’“, вели Кристоф Вејл, економист на банката Komerc.

На почетокот на мај, Грците ќе гласаат на парламентарни избори. За да ја заштитат програмата за штедење од волјата на граѓаните, најверојатните победници Пасок и Нова Демократија однапред се обврзале дека ќе продолжат со реформите. Проблемот е во тоа што малите опозициски партии стекнуваат сè поголема поддршка, па во овој момент се чини дека во Грција нема да биде лесно да се состави постизборна коалиција. Сето ова ги вознемирува инвеститорите, кои би сакале што помалку политички расправи. „Финансискиот пазар сака единствено и силно водство“, објаснува Џорџ Сорос.

Во Франција, Оланд сака богатите да плаќаат поголеми даноци, да се намали брзината на штедење и да се остварат нови преговори за Фискалниот пакт. Пазарот веќе го предупреди: минатиот понеделник, при продавање на државни обврзници, каматите пораснаа. „Притисокот на еврото расте“, предупредува банката „ВП“. Саркози, од друга страна, веќе вети дека ќе продолжи по курсот на реформите, што за жителите на Франција значи уште поголемо жртвување. „Без реформи нам ни се заканува грчкото или шпанското сценарио“, предупредува Саркози. „Алтернатива едноставно не постои“. Читај: Французите можат да излезат на избори, ама немаат избор.

„Приказната за непостоење на алтернатива претставува забрана на говорот и мислењето“, критикува економскиот етичар Улрих Тилман. „Ако веќе не може да се зборува за алтернативи, тоа е крај на демократијата. За волја на вистината, и понатаму може формално да се гласа, но луѓето веќе нема да мислат дека бираат туку дека само потврдуваат веќе утврдена политика – и тоа е демократија на акламација.“

Може да се рече дека во овој момент пазарот ја одзеде моќта од народот за одобрување или отфрлање на кредити. „Станува збор за губење на суверенитетот“, вели Тилман. „Политиката се наведнува пред пазарот како да станува збор за сила на природата, а би можела истиот тој капитал, за кој сега очајнички моли, едноставно да го конфискува: по пат на данок.“

„Слободниот пазар е спротивност од слободната демократија“, смета Тилман, „Ако причината за постоење на државата е само зголемување на конкурентноста, со тоа автоматски се исклучува централното демократско прашање: Како сакаме да живееме?“

Извор: Frankfurter Runschau

Илустрации: Кен Лонсет

ОкоБоли главаВицФото