1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:40
За расказите од книгата „Раскази од другиот џеб“ самиот Чапек вели: „Првиот мој интерес за детективски приказни произлегува од проблемот како се познава и се открива стварноста. Овие раскази се стимулирани од литературен мотив, од проблемот на колонијалниот јазик, разговорниот јазик во сите негови нијанси“. Во нив тој ја достигнува кулминацијата на раскажувачката техника. Од широкото пространство на разговорниот јазик тој го собирал својот раскажувачки материјал, без естетски скрупули ги искористил жанровските елементи на авантуристичкиот роман и детективските приказни, не плашејќи се да го привлече секојдневниот читателски интерес и да му пружи можност за литературно забавување.
Карел Чапек (1890-1938) е автор на шест романи, шест драми и бројни раскази, патеписи, критики и книги за деца. Неколку пати бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност, а станува познат по објавувањето на драмата „Р.У.Р.“, во која за првпат е употребен зборот „робот“. Иако во расказите од збирките „Раскази од едниот џеб“ и „Раскази од другиот џеб“ (1929) најчесто станува збор за злосторства и нивното решавање, би било погрешно да се категоризираат само како детективска фикција. Како што самиот Чапек рекол за двете збирки, „тие претставуваат различни патишта кои водат кон осознавање на вистината“. Служејќи како вовед во неговата трилогија романи за улогата на поединецот во општеството, „Раскази од другиот џеб“ стануваат слика поголема од збирот на нејзините составни делови, полна со интелигенција и мудрост. Читајќи ги нив, ние немаме чувство дека се работи за тешка литература. Приказните се лесни и свежи, често смешни и полни со добра волја.
Во книгата „Раскази од другиот џеб“ Чапек ја воздигнува детективската приказна и сличните форми на овој жанр на едно сосем ново ниво, вткајувајќи ги необичните, кратки и моќни психолошки истражувања на секојдневните луѓе кои се фатени во невообичаени и невозможни околности. Низ овие интензивни, но духовити раскази, Чапек брилијантно и лесно нè води низ филозофските сфери на човечката егзистенција, истражувајќи ја природата на злосторството и правдата, па дури и самиот концепт на вистината. Во овие раскази тој ни покажува дека е мајстор за заплети и создавање атмосфера, и во нив тој ги деконструира сите претпоставки врз кои обично се градат детективските приказни преку преиспитување на основите на кои почиваат истите, како и преку испитувањето на моралната исправност на човечкото расудување.