Омразата и нетрпеливоста се европска реалност

30.04.2012 13:44
Омразата и нетрпеливоста се европска реалност

Очите на светот овие денови се вперени во Судот во Осло. И сите кои гледаат можат на своите екрани да забележат еден силен контраст: омразата со која е исполнета логиката на Брејвик, од една страна, и мирниот, достоинствен процес против него, од друга страна. Тоа е силен контраст меѓу шокантниот тероризам и одговорот на норвешката држава и тамошните луѓе на тоа злосторство. Нема хистерија, нема набрзина преземени мерки. Само реафирмација на основните вредности на почитување на човековите права и правната држава. Остатокот од Европа би можел многу да научи од норвешкиот одговор на злосторството.

Последното десетолетие, кое дојде по 11 септември, во многу европски држави (Франција, Велика Британија), ги оживеа заборавените времиња. Драконските овластувања во борбата против тероризмот, заобиколувањето на казненопоправниот систем, брзите апсења без тужби, депортација, измачување... Земјите како Полска, Романија и Литванија соработуваа со ЦИА при илегален трансфер, притворање и мачење на осомничените за тероризам.
И САД, кои се обидуваат луѓето за тероризам да ги осомничат преку крајно незаконски направени „воени комисии“, исто така можат нешто да научат од Норвешка. И покрај неговата желба, која е слична на желбата на сите терористи, да го третираат како војник, Брејвик правно се процесуира како обичен криминалец.

Лекцијата од случајот Брејвик за Европа е многу позначајна од чистата „наука во борбата против тероризмот“, бидејќи... Можеби некој може да се теши со ставот дека Брејвик е осамен лудак чии акции се изолиран инцидент. Но, реалноста јасно ни покажува дека омразата и нетрпеливоста растат во Европа. Три трендови говорат во прилог на тоа.

Прво, во многу европски земји, популистички, антимуслимански, антиромски и антиимигрантски екстремни партии денес се истакнат дел од политичкиот пејзаж.

„Националниот фронт“ во Франција во првиот круг од претседателските избори си обезбеди 18% од гласовите. „Слободарската партија“ ја повлече својата поддршка на владеачката коалиција во Холандија и предвиде пад на Владата. Сè до неодамна, екстремните партии беа дел од државните коалиции во Италија и Швајцарија. Сродните партии остварија значаен изборен успех и во Данска, Шведска и Финска, а на изборите за Европскиот парламент во 2009 година, десницата постигна успех во Велика Британија и во други земји. Големи се шансите на претстојните избори во Грција една екстремна партија да влезе во Парламентот.

Сериозните студии и истражувања покажуваат дека поддршката на десничарите е во пораст, што своите корени ги има во економската криза. И наместо да го неутрализираат тој тренд од кој треба да се срамат, владеачките партии во своите одговори често испраќат пораки дека антиисламизмот и ксенофобијата се разумни и прифатливи.

Второ, нетрпеливоста кон странците и муслиманите, општо земено, денес во Европа е нормална работа. Според податоците на фондацијата „Friedrich Ebert“, половина од акредитираните избирачи во осум земји на ЕУ (вклучувајќи ги Франција, Германија и Велика Британија) го делат мислењето дека има премногу доселеници. Над 40% од нив истото го тврдат за муслиманите. Дури и Норвешка во 2011 година беше критикувана од страна на ОН дека не успеа во борбата против говорот на омраза.

Во своја одбрана Европа го користи стравот од загуба на културниот идентитет, од тероризмот, криминалот и конкуренцијата. И со тоа успева да го објасни порастот на нетрпеливоста.

Трето, малцинствата и имигрантите секојдневно се изложени на дискриминација во вработувањето, сместувањето и образованието. Исто како што се изложени и на насилство.

Во изјавата за судот, Брејвик ги опишува претставниците на германска неонацистичка банда – кои во текот на седумгодишно дејствување, убија девет доселеници и една полицајка – како „херои“. Додека поединечните напади се типични за западна Европа, нетрпеливоста во Грција, Италија, Чешка и Словачка поприма облик на мафијашка, организирана пресметка со имигрантите или Ромите.

Борбата против екстемните партии бара политичко водство. Европските лидери треба да ги запрат екстремистите и да понудат позитивна, алтернативна визија на нивното ширење на омраза. Мораме силно да го осудиме насилството и дискриминацијата против доселениците и малцинствата, а не да ги обвинуваме нив за криминалот и останатите општествени зла.

Правосудниот систем и власта треба да ги удвојат своите напори за спречување и казнување на расистичките и ксенофобични насилства и да спроведат антидискриминирачки закони. Говорот на омраза треба силно да се осуди, а во исто време да се процесуираат сите кои директно го поттикнуваат насилството.

Европскиот пристап за интеграција исто така треба да се промени. Европските моќници како Саркози, Ангела Меркел и Дејвид Камерон, наместо да изјавуваат дека мултикултурализмот е неуспех, мораат да ја насочат интеграциската политика на асимилација. Големиот придонес кој доселениците ѝ го дадоа на Европа во текот на последните десетлетија или се заборава или се игнорира.

Поради храброста на норвешкиот народ и нивната Влада, обидите на Брејвик да ја промени земјата не вродија со плод. Европските народи и нивните лидери мораат да ја пронајдат истата храброст во борбата против растечката нетолеранција и омраза во Европа. Доколку не успееме, ќе ја сносиме одговорноста за непроценлива штета која ќе им биде нанесена на човековите права и владеењето на правото.

Авторот е заменик-директор на организацијата Human Rights Watch за Европа и Средна Азија

Извор: slobodnaevropa.org

Слични содржини

Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото