1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Нешто се наѕира на хоризонтот: како библискиот ѕвер со седум рогати глави, пазарот се поместува од длабочината на кризата и почнува да мрмори. Франција: во првиот круг од изборите победи Оланд, DAX (индексот кој го мери работењето на триесетте најголеми германски компании) истиот ден заврши во минус; Холандија: падна владата која ѝ беше верна на Ангела Меркел, причина – расправата за штедењето. Меѓународните банкари предупредуваат на „балканизација на Западна Европа“.
Сите нè потсетуваат дека Франсоа Митеран, последниот социјалист кој се всели во Елисејската палата, по изборната победа во 1981 г. на неолибералниот мејнстрим му ја спротивстави политиката на „социјализам во една земја“. По само две години, финансиските пазари го принудија да попушти. Весникот Handelsblatt веќе му упати слична порака на Франсоа Оланд: „Финансиските пазари денес се далеку поагресивни одошто на почетокот на 1980-те, нема време за двогодишни експерименти“. Кој зборува вака, сака политиката да стане роб на пазарот.
„Вашиот глас во наредниот период ќе го одреди патот по кој ќе оди Европа“, изјави Оланд на предизборниот собир во Винсен. Тој не е посебно харизматичен лидер ниту е голем визионер, но е во право кога го вели ова. Сегашниот претседател, едноставно, им оди на нерви на Французите, а како што пишува Нилс Минкмар од FAZ: „Французите имаат чувство како да се заглавени во лифт со Саркози“. Но, Французите на овие избори носат и одлуки кои ја засегаат цела Европа: доволно ни беше од германската опседнатост со штедењето, идеологија која економски е бесмислена и која веќе предизвикува вистинска социјална катастрофа. Франција е единствената земја која има доволна политичка тежина за да ја прекине германската превласт. „Може ли некој да замисли како Германија сака сама да управува со Европа, изолирајќи ја Франција?“, прашува Оланд и самиот дава одговор: „Не!“
Неодамна претседателот на германските социјалисти (SDP) Сигмар Габриел, одговарајќи на тезата на Ангела Маркел дека демократијата мора да се прилагоди кон пазарите, рече: „Ние веруваме во спротивното, пазарите мораат да се прилагодат кон демократијата“. Во тој правец политиката досега не направи ни најмал чекор. Европејците не го искористија неодамнешното попуштање на кризата за да го преиспитаат сегашниот курс. Сега Меркел повторно сака на сите да им даде до знаење кој го има последниот збор во Европа.
Германците веруваат дека нивната канцеларка со сигурна рака ја водеше Европа низ кризата. Меѓутоа, токму спротивното, нејзиното колебање ја претвори локалната криза во континентална. Германците цврсто се придржуваат до учењето за аполитичните пари, повлекувајќи ја со тоа тоа Европа во мочуриштето на својата идеологија. Но, парите се политичка работа, тоа Французите отсекогаш подобро го сфаќаа од нас. „Европа ќе ја создадат парите или истата нема да постои“, изјави Жак Руеф, советник за монетарна политика на Шарл де Гол. Независната Европска централна банка, која дејствува независно од политичките околности, отсекогаш била германска грешка.
Зошто кризата во последно време попушти малку? Не поради Меркеловата политика на штедење, туку зашто Марио Драги ја извлече „дебелата Берта“, како што самиот ја нарече програмата за давање евтини кредити на европските банки вредна илјада милијарди евра. Неговиот претходник Трише претходно веќе ги откупи обврзниците на задолжените држави во вредност од 200 милијарди евра. Може да се каже дека кризата е малку ублажена во оној миг кога ЕЦБ отстапи од германските барања и ја одврте славината. Социјалистот Оланд ветува дека ќе продолжи по овој пат. Ако победи тој, на германската политика нема да ѝ преостане ништо друго освен да ги признае своите грешки, а потоа ќе видиме кој е навистина Меркел – спасителка на еврото или најголема закана за еврозоната.
Овде е и шансата на германски SDP на парламентарниот избори во 2013 г. Прашање е само дали тој ќе знае да ја искористи. Оланд неодамна рече: „Не сум умерен социјалист ниту умерено социјалистички настроен туку едноставно социјалист“. И остана верен кон тоа. Тој се бори за поправедна политика на прераспределба и планира да воведе повисоки даноци за богатите. Таквиот радикализам им е туѓ на Германците. Штом некој во Германија се претстави како социјалист, може да очекува дека тајната служба ќе почне да му го прислушкува телефонот (алузија на неодамнешната изјава на германската ѕајна служба дека ги следела активностите на сите пратеници на партијата Die Linke). Но, германските социјалисти не мораат, како нивните француски другари, да бараат даноци од богатите во висина од 75%. Ќе биде доволно ако направат нешто во борбата против растечката социјална нееднаквост, а не – како досега – сè да остане на празни зборови.
Кога Меркел отстапи до досегашните дипломатски манири и му понуди помош на Саркози во кампањата, реагираше Сигмар Габриел, претседател на SDP, застанувајќи на страната на Оланд. Ако Оланд победи во вториот круг, тоа ќе биде поттик за левата струја во SDP. Тогаш Габриел би требало да прекине да ги споменува тројцата потенцијални кандидати за канцелар, да се исправи и да каже: „Јас сум кандидат на SDP за канцелар“.
Авторот е издавач на неделникот Der Freitag. Пишувал колумни за Süddeutsche zeitung и Die Zeit. Редовен колумнист е и на Der Spiegеl.
*Назив за социјалистите во Германија, слично како Ози за жителите на поранешна ГДР или Веси за жителите на Западна Германија.
Извор: Der Freitag