Кризата го исфрли на површина фашистичкиот талог

03.05.2012 10:08
Кризата го исфрли на површина фашистичкиот талог

На парламентарните избори закажани за 6 мај во Грција можеби ќе се случи најголемиот подем на екстремната десница во современата европска историја, пишува Associated Press. Членовите на неонацистичката партија Златна зора низ целата земја спроведуваат кампања во која ветуваат безбедност во деловите од градовите со висока стапка на криминал и пресметување со доселениците.

Според нив, грчката граница мора да биде посеана со мини за да се спречи незаконската имиграција. Властите проценуваат дека околу еден милион имигранти живеат во земјата со население од 11 милиони жители.

Играјќи на популистичката карта, Златна зора собира донации за храна и облека за оние на кои им се потребни, истовремено обвинувајќи ги политичарите за кризата. Просечниот Грк се бори за гол живот под сегашните остри услови на штедење, наметнати од страна на меѓународниот кредитори и ЕУ, додека земјата веќе петта година по ред се наоѓа во рецесија. Сето тоа е совршен амбиент за процут на екстремистичките идеи.

„Златна зора се бори против овој корумпиран систем на моќ. Сите оние кои се одговорни за проневера на јавните пари мораат да завршат во затвор. Тоа е нашиот приоритет“, вели Илијас Касидиарис, 31-годишен член на партијата кој служел во специјалните единици на грчката војска.

Околу него, во партиските простории во центарот на Атина, врие од секакви активности, и секојдневно доаѓаат нови членови кои сакаат да ѝ се приклучат на оваа екстремистичка партија. Во еден дел се продаваат маици и качкети со логото на партијата, преземено од грчката митологија и кое потсетува на нацистичката свастика. На партиските собири се дели екстремистички промотивен материјал, а меѓу понудената литература преовладуваа онаа за ариевската доминација.

Златна зора се појави пред 20 години како маргинална група на улични тепачи со симболи кои едвај се разликуваат од нацистичките, а на парламентарните избори во 2009 г. собра само 0,23% од гласовите. Меѓутоа, сега се проценува оти партијата може да го премине изборниот праг од 3%, додека неодамнешните истражувања им даваат цели 5% од гласовите.

Оваа партија речиси и да не се обидува да ја сокрие својата насилна страна и често е обвинувана за напади врз доселениците. Како прва точка на своето дејствување таа го поставува „чистењето“ на земјата.

„Сите незаконски имигранти ги сакаме надвор од земјава, сакаме да ја исфрлиме нивната смрдеа надвор. Овде не им е местото, и ќе си отидат или со добро или со лошо“, изјави на собирот во Атина партискиот кандидат Франгискос Поирихис.

Предводена од лидерот Николаос Михалолиакос, кој освои место во градскиот совет на Атина на локалните избори 2010 г. и кој ги шокираше Грците со нацистичкиот поздрав кога првпат се појави таму, Златна зора ги отфрла неонацистичките етикети и вели дека во неа членуваат грчки националисти.

Меѓутоа, тие не го кријат своето воодушевување од многу потези на Хитлер, тврдејќи дека тој ја елиминирал невработеноста во Германија. Тие сега на партиските собири се поздравуваат со нацистичкото салутирање и маршираат извикувајќи националистички слогани и носејќи запалени факели.

Во земја во која многумина беа убивани за време на нацистичката окупација, измачувани и затворани без обвинение за време на воената диктатура, растот на популарноста на оваа партија ги збуни луѓето.

„Многу сум изненаден и загрижен поради зголемената поддршка на Златна зора, најекстремниот облик на крајната десница“, вели еден професор по политички науки на универзитетот во Атина.

Увидувајќи дека популистичката реторика дава резултати, и најголемите политички партии во Грција го ставија прашањето за имиграцијата на врвот од своите предизборни агенди. Министерот за јавен ред Микалис Крисохидис вети дека државата ќе изгради притворни центри за 30.000 имигранти до 2014 г. Првиот центар за прифаќање незаконски доселеници е отворен на 30 април годинава во Амигдалези, северно од Атина. Во него веќе е испратена првата група од 56 имигранти. Центарот може да прими 1.200 лица.

Полицијата пред изборите врши рации низ многубројните станови во кои се кријат доселениците, а законот сега им дозволува на властите насилно вршење медицински прегледи и третмани во случај имигрантите да се противат.

Имигрантските групи велат дека расистички мотивираното насилство е во пораст. Меѓу нив е случајот со пакистанскиот доселеник Мохамед кој моментално лежи во атинската болница откако речиси до смрт го претепаа 25 луѓе со дрвени палки и железни шипки.

На другиот крај од градот, во една мала собичка, од повредите на главата и раката заздравува неговиот пријател.

„Само прашаа ’која е твојата земја’ и потоа почнаа да нè тепаат со раце и со палки“, вели Ахмед кој не сакаше да го каже своето презиме, плашејќи се од одмазда.

Од своја страна, припадниците на Златна зора убедени се дека ќе освојат места во парламентот по изборите на 6 мај. Финансиската криза во комбинација со запаливата реторика – дека за државните проблеми секогаш е виновен некој друг – наоѓа плодно земјиште во време на криза, а Грција е само уште една во низата европски држави каде што тоа правило, судејќи по сè, ќе се потврди.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото