Четирите заповеди на слободниот новинар

04.05.2012 08:20
Четирите заповеди на слободниот новинар

Тешко е денес да се споменува слободата на печатот, а да не бидете обвинети за неумереност или дека сте Мата Хари или дека сте роднина на Сталин. Меѓутоа, таа слобода е едно од лицата воопшто и треба да се разбере нашата истрајност во нејзината одбрана, ако признаеме дека не постои ниеден друг начин навистина да се победи во војната.

Се разбира, секоја слобода има свои граници. Само уште треба слободно да ги препознаеме. Впрочем, за пречките кои денес стојат пред слободата на мислење рековме сè што можеше да се каже и ќе зборуваме уште, сè што ќе можеме, до заситување. На пример, никогаш нема да престанеме да се чудиме како, штом еднаш е наметнато начелото на цензура, пренесувањето текстови објавени во Франција – кои тамошните цензори ги одобриле – е забрането во Le Soir Reublicain (дневен весник кој се објавувал во Алжир, чиишто уредници биле Ками и Паскал Пиа; заб. на прев.). Фактот дека во тој поглед еден весник зависи од расположението на еден човек укажува најдобро на степенот на неосвестеност во кој се најдовме денес.

Едно од добрите правила на филозофијата, достојна да ја нарекуваме така, е никогаш да не се расфрлаш со излишни поплаки пред состојбата на нештата која повеќе не може да се избегне. Во Франција денес веќе не е прашање како да се зачува слободата на печатот туку како новинарот, пред укинувањето на тие слободи, во тоа може да остане слободен. Проблемот веќе не се однесува на колективот. Тој се однесува на поединецот. А токму овде би сакале да ги одредиме условите и методите преку кои слободата може, и среде војна, не само да се зачува туку и да се изрази.

Постојат четири такви методи: луцидност, одбивање, иронија и истрајност.

Луцидноста претставува отпор кон занесите од омраза и култот кон фаталноста. Според нашето искуство, сигурно е дека сè може да се избегне. Самата војна, која претставува човечки феномен, може да се избегне или да се сопре со човечки средства секој миг. Доволно е да се познава историјата на европската политика последниве години за да бидеме сигурни дека војната, каква и да е, има јасни причинители. Тој бистар поглед на работите ги исклучува слепата омраза и безнадежноста оставена без надзор.

Во 1939 г. слободниот новинар не очајува и се бори за она што верува дека е вистинито како неговото дејствување да може да влијае на текот на настаните. Не објавува ништо што би можело да поттикне на омраза или да предизвика очај. Сето тоа е во негова моќ. Пред надоаѓачката плима од глупости, исто така битно е да се спротивстават неколку одбивања. Сите присили на овој свет не можат да го натераат чесниот дух да го прифати непочитувањето. Значи, а и според она колку што го познаваме механизмот на кружење на информациите, лесно можеме да се увериме во автентичноста на некоја вест.

Токму кон тоа слободниот новинар треба да го насочи своето внимание. Бидејќи, ако не може да го каже сето она што го мисли, може да не го каже она што не го мисли или што смета дека е погрешно. Според тоа, еден весник се мери како според она што го кажува така и според она што не го кажува. Таа сосем негативна слобода несомнено е најважна од сите ако знаеме да ја одржиме. Бидејќи таа го подготвува доаѓањето на вистинската слобода. Според тоа, независниот весник го обелоденува потеклото на своите информации, им помага на читателите во нивната проценка, ја одбива пропагандата, ги укинува навредите, ја прикрива униформираноста на информациите со коментари и, накратко, ѝ служи на вистината во човечката мерка на своите сили. Таа мерка, колку и да е релативна, му дозволува барем да го одбие она што ниедна сила на светот не може да го присили: да ѝ служи на лагата.

Така стигнуваме до иронијата. Начелно можеме да претпоставиме дека духот кој има наклоност и средства за наметнување присила е непребоен за иронијата. Не гледаме дека Хитлер, да се послужиме само со еден од бројните примери, се служи со сократовската иронија. Значи, вистина е дека иронијата е единственото оружје против моќниците. Таа го дополнува одбивањето на тој начин што дозволува не да се отфрли она што е лажно туку често да се зборува за она што е вистинито. Во 1939 г. слободниот новинар нема преголеми илузии за умот на оние кои го угнетуваат. Песимист е, што се однесува до човекот. Вистината, изречена со догматски тон, се цензурира во девет од десет случаи. Истата таа вистина, изречена на шега, се цензурира само во пет од десет случаи.

Тој распоред прилично точно ја претставува способноста на човечката интелигенција. Објаснува зошто француските весници како Le Merle или Le Canard enchaine (француски сатирични весници; заб. на прев.) можат редовно да објавуваат храбри статии. Значи, во 1939 г. слободниот новинар е нужно ироничен, иако често против своја волја. Но, вистината и слободата се „конкубини“ со свои барања, бидејќи имаат малку љубовници. Откако накратко ја опишавме таа состојба на духот, јасно е дека таа не може успешно да се одржи без минимална доза истрајност.

Низа пречки стојат на патот кон слободата на изразувањето. Но, не се најострите пречки тие кои би можеле да го обесхрабрат духот. Бидејќи заканите, спречувањата и прогоните во Франција главно доведуваат до спротивниот ефект од саканиот. Но, треба да се признае дека постојат обесхрабрувачки пречки: постојаноста во глупоста, устроената млитавост, агресивната ограниченост – се само некои. Тука се наоѓа големата пречка која треба да се совлада. Истрајноста во случајов е кардинална доблест. Низ интересниот, но и очигледен парадокс, се става во служба на објективноста и толеранцијата.

Тоа се правилата за зачувување на слободата сè до сржта на ропството. А потоа? – ќе прашате. Потоа? Не се брзаме. Кога само секој Французин би сакал во своето опкружување да го задржи она што го смета за вистинито и праведно, кога со својот мал удел би сакал да помогне во одржување на слободата, кога би одбил да се препушти и би сакал да ја истакне сопствената волја, тогаш и само тогаш би ја добиле оваа војна, во целосна смисла на зборот.

Да, слободниот дух во овој век често прибегнува кон иронијата против своја волја. Но, како да се најде нешто шеговито во овој раздразнет свет? Доблест на секој човек е да се одржи пред сето она што го негира. Никој не сака за дваесет и пет години повторно да започне двојното искуство од 1914 и 1939 година. Значи, треба да се обидеме со сосем нови методи на правда и великодушност. Но, тие не се искажуваат само во веќе слободните срца и уште попроникливиот дух. Да се обликуваат тие срца и тој дух, или можеби само да се разбудат, е истовремено скромна и тешка задача која го затекнува секој независен човек. Треба да се придржуваме до неа и да не гледаме веќе напред. Историјата ќе ги уважи овие напори, а можеби и нема. Но, тие се веќе направени.

Извор: 6yka.com

Фотографии: Ruadh DeLone

Перфидно, перфидно. Демек

Перфидно, перфидно. Демек важи и за денес кај нас.

А врска нема.

Интересно е кога ќе види

Интересно е кога ќе види човек ваков текст, преобјавен на сајт финансиран од СДСМ, од новинар на СДСМ, за сдсмовска пропаганда.

Отфрлање пропаганда и новинарска слобода жими тебе, Коле:)

Што знае за слобода на размислување оној кој пишува/реобјавува текстови нарачани од партија? Како ли ја замислува идејата еден ден да не објави нарачан текст од СДСМ и да успее да изгради свој, личен став?

ОкоБоли главаВицФото