Да се помират слободата и верата

04.05.2012 11:50
Да се поммират слободата и верата

Иршад Манџи се опишува како муслиманка која ја сака својата вера, и токму затоа бара реформа на исламот. Родена е во Уганда, но таа и семејството биле протерани од страна на диктаторот Иди Амин „бидејќи не биле доволно црни“. Денес живее во Канада, заговара морална храброст и спротивставување на дискриминацијата од секаков вид. Се обидува да ги помири вербата во бог и слободата, повикувајќи се на иџтихад, традиција на независното размислување во исламот. Нејзините книги се преведени на арапски, урди и фарси, и над 3 милиони пати се симнати од интернет. Властите во многу муслимански земји ги забранија, но младите муслимани ги читаат. Вехабистите ѝ се закануваат со смрт. Неодамна својата нова книга „Алах, слободата и љубовта“ ја промовираше во Сараево, Тузла, Бања Лука, Загреб и Белград, каде што разговаравме со неа.

Пред Белград, ги посети Хрватска и Босна. Какви се твоите впечатоци од балканската турнеја?

Наидов на многу топол прием. Посебно би ја издвоила Бања Лука, каде што навистина срдечно ме примија. Од друга страна, најмал интерес имаше во Загреб.

Со оглед на тоа дека Бања Лука е претежно населена со Срби, кому поточно се обративте таму?

На сите, без разлика. Имавме одлична комуникација со студентите и студентките од Филозофскиот факултет. Ми се чини дека за многумина од нив пораката за умерен ислам беше скапоцена.

Пред војната босанските муслимани беа една од најсекуларните муслимански заедници во светот, но по неа дојде до пораст на фундаментализмот. Како беше прифатена вашата умерена порака?

Младите Босанки беа посебно возбудени од оваа порака. Некои од нив имаат проблеми бидејќи одржуваат врска со момче од друга вероисповед, па многу им значи потврдата дека тоа е сосем нормално.

Во Тузла се сретнавте со имамот. Какви впечатоци имате од средбата?

Тој е навистина фин човек. За мене тоа беше можност за дознам нешто повеќе за локалните прилики. Не знам дали е конзервативен или не, ама немаше проблем да се ракува со мене, што многу имами во Америка не го правеа. Додека разговаравме, забележав дека мажите и жените на молитва седат одвоено и го прашав зошто е тоа така. Ми одговори оти тоа е со поколенија и е традиција. Интересно, забележав, тоа е истиот аргумент со кој во јужните држави на САД се правдале ропството и сегрегацијата. Тој малку се зачуди, ама не се налути туку искрено се замисли околу тоа.

Постојат ли некаде во светот џамии во кои мажите и жените седат заедно?

Да, постојат некои нови прогресивни џамии, односно места за молитва каде што сите седат заедно. Но, во традиционалните џамии седат одвоено.

Во насловот на твојата нова книга „Алах, слободата и љубовта“ зборот Алах не звучи толку „страшно“. Се навикнавме медиумите да нè плашат со зборот Алах, ставајќи го во контекст со тероризмот.

Мило ми е што го забележавте тоа. Едниот од моите издавачи се плашеше оти употребата на зборот Алах во насловот ќе исплаши многу читатели. Му реков: треба да се има повеќе верба во своите читатели. Третирај ги интелигентно и кажи им ја вистината. Намерата ми беше да им покажам, пред сè, на муслиманите, дека овие три збора одат заедно, иако обично не се појавуваат во ист контекст. Неодамна еден американски свештеник сакаше јавно да го запали Коранот, па во ТВ емисија му реков: дури и да го сториш тоа, Алах те сака, па затоа и јас. Потоа добив разни коментари, од кои еден гласеше: „Знаеш, никогаш не сум го слушнал зборот Алах и зборот љубов во иста реченица“. Зарем тоа не е тажно?

Често пишуваш за златниот век на исламот.

Да, го сакам. Но, јас не барам од муслиманите да се вратат илјада години во минатото, туку укажувам оти начелото на иџтихадот – самостојното мислење, преиспитувањето – било многу присутно во исламот и дека тогаш исламската цивилизација цутела. Кога некој ќе ми каже дека е невозможно исламот да биде поинаков, јас му велам дека тоа не е вистина, бидејќи историјата покажа оти тоа е можно.

Твојот филм „Вера без страв“ (Faith Without Fear) е прикажан во северна Африка и Средниот исток. Какви беа реакциите на луѓето, имаше ли некакви противења?

Поради владините цензури, луѓето на разни начини го наоѓаа и симнуваа филмот од интернет. Но, дигиталните активисти се поснаодливи од владините службеници. Филмот е прикажуван „подземно“ и на младите луѓе таму навистина им значи. Противењата главно доаѓаа од богатите и конзервативните муслимани во Америка.

Иршад, колку ваквиот поглед на исламот кој го застапуваш е присутен меѓу муслиманите?

Сè повеќе и повеќе. Во Европа веќе постои мрежа од исламски реформисти. Младите исламски реформисти сè повеќе се поврзуваат и во Канада и Австралија, и сфаќаат дека не се сами. Неодамна бев во Мароко, и таму се случуваат прекрасни работи, посебно меѓу жените. Кога некој ќе каже ислам, веднаш помислува на Блискиот исток. Кога пишуваат за исламот новинарите првин го споменуваат Муслиманското братство во Египет или вехабистите во Саудиска Арабија. Иако постои економскиот интерес на нафтените држави или медиумските куќи, причина за тоа е и мрзливоста на новинарите. За мене е предизвик да ги потсетам луѓето на Мароко, Босна, Индонезија. Знаете, да се биде новинар е привилегија. Имаш можност да влијаеш на јавното мислење. Но, многу новинари тоа го доживуваат како само уште една работа.

Историски, Балканот е една од ретките европски области каде што христијаните и муслиманите со векови живеат едни покрај други. Дали ова балканско искуство може да помогне во твојата работа?

Да, во своите претходни книги ги наведував позитивните искуства на Балканот како пример. Еден од најголемите проблеми на исламот денес е што интерно го колонизираа богатите арапски земји кои печатат бројни книги со исклучиво конзервативно толкување на исламот и друга пропаганда. Значи, предизвикот за исламските реформисти, како мене, е да укажеме на поинаквите искуства со исламот, како што се Босна, Мароко, Индонезија. Да покажеме дека постојат и други начини да се биде муслиман. Да те прашам и јас тебе нешто. Постојат ли овде луѓе кои ја преиспитуваат Православната црква?

Се разбира. Многумина од нив се атеисти, но постојат и такви кои ја преиспитуваат православната црква од позиција на верници. Главно, тие не ја преиспитуваат црковната догма, туку нејзиното политичко дејствување.

Секогаш е добро да се има критика.

За крај, кое искуство од твојата борба сакаш да го споделиш со младите муслимани, посебно девојките, на Балканот?

Мојата порака до младите муслиманки, но и православни христијанки, би била: свештениците, епископите, муфтиите, имамите – тие не се бог. Ако мислите дека му се потчинувате на бога со тоа што им се потчинувате ним, тогаш сте збунети. Го мешате Севишниот со овие човечки суштества. Не го мешајте гневот на имамот со гневот на бога. Сите верски авторитети се луѓе кои можат да прават и кои прават грешки. Не смееме да ги третираме како богови. Ова е мојата порака до луѓето од сите вери.

Извор: e-novine.com

Пратете му ја на Рамадан

Пратете му ја на Рамадан Рамадани.