Дипломец

07.05.2012 14:18
Дипломец

Книгата „Дипломец“ на Чарлс Веб е еден исклучителен роман кој во 1967 година беше засенет од неговата филмска адаптиција во режија на Мајк Николс и главна улога на Дастин Хофман.

Издаден во 1963 година, во екот на хипи ерата во Америка, четири години пред излегувањето на филмот, овој роман претставува совршен рез на американското општество и портрет за отуѓувањето на младите и нивното разочарување од една ера. Богата со луциден, прецизен и ироничен дијалог, со кој феноменално се доловени акциите и ликовите во нивната болна изолираност, книгата ја следи приказната на Бенџамин Бердок кој веднаш по успешното дипломирање сосема случајно се впушта во афера со жената на најдобриот пријател на неговиот татко, госпоѓата Робинсон. Кулминацијата на приказната, која суптилно се навестува уште од самиот почеток, го достигнува својот врв во мигот кога на сцената се појавува Елејн, ќерката на Робинсонови која го руши балансот на приказната, вртоглаво носеќи го наративот во разрешница.

Чарлс Веб ја напишал книгата на 24 години. Можно е книгата да е создадена врз основа на вистинска приказна, бидејќи самиот Веб во едно ТВ шоу изјавил дека инспирацијата за госпоѓа Робинсон ја добил од Џејн Ериксон, сопруга на пријателот на неговиот татко, иако негирал дека и тој, исто како и неговиот главен лик, имал љубовна афера со постара жена.

ОкоБоли главаВицФото