Вагата што мери вештици

08.05.2012 12:09
Вагата што мери вештици

Во втората половина на мандатите македонските Влади обично ја заоструваат играта и почнуваат да играат грубо. Сегашнава Влада и во тој поглед е исклучок: таа игра грубо од почеток. Но се држи и до старите непишани правила: како што се гледа загубата на власта, така растат алчноста и насилството. Господ знае кај ќе биде крајот, но работиве не одат на арно. Нападот врз „Фершпед“ испраќа застрашувачки пораки на сите страни: секоја фирма во земјава може да биде национализирана и срамнета со земја од страна на Партијата. Секоја фирма може да биде замената со соодветна партиска фирма. И не постои цена (во луѓе, пари, углед итн.) што Партијата може да ја спречи во намерата.

Што уште велат пораките на Груевски? Не постои државна институција која е доволно партиска. Секоја државна институција може да се гмечи и малтретира до нивото од романот „1984“: не е доволно да ја слушаш Партијата; мора да ја сакаш! Се разбира дека сите ќе дојдат на ред: и комунистите и Евреите и Власите и Албанците и најпосле недоволно правоверните вмровци. Рамковски, Керим, Исмаил и Ризаов веќе беа налепени на одредени плакати: да се абортираат. Да се отстранат како малигни израстоци од чистото македонско ткиво. Вмровецот не е фанатик: се има плакат против абортус, се разбира, ама се има плакат и за отстранување, за здрава национална хирургија.

Страшно е, се разбира, што народот гледа сеир, како да се препушта на општата несигурност. Уште пострашно е што не се гледа крај на насилствово кое станува хронична и долгорочна граѓанска војна. Океј, стопанството ќе биде вмроизирано уште три години. Десетици илјади невмровци ќе останат на улица, а десетици илјади вмровци ќе добијат привилегии и работа. И?! До кога ќе трае тоа? До следниот турнус на одмазди.

Многу нешта во земјава, инаку, освен љубовта кон Партијата, личат на „1984“. Ритуалот на двете дневни минути омраза, да речеме. Да потсетам на романот на Орвел: сите граѓани, сеедно дали се дома или на своите работни места, во текот на денот се изложени на „двете минути заедничка омраза“. На сепресутните телевизиски екрани во тие две минути се емитува сликата на внатрешниот непријатал, Голдстејн (инаку, се разбира, Океанија има и цел грст надворешни непријатели), а овластени претставници на Партијата меѓу граѓаните ја разгоруваат омразата спрема Голдстејн. Работите кај нас дотолку се усовршени што веќе не станува збор за две минути омраза туку за часови скапо платена пропаганда; освен тоа, порцијата љупко ни ја испорачуваат во форма на цртан филм, кој сосема соодветно се нарекува „Еднооки“. Таму точно Партијата пропишува кој треба да се мрази, а кој треба да се обожава како, вистина, фаличен, но најфраер и најзаебант во земјата Шашардија. Улогата на Голдстејн, непријателот на Партијата, кај нас ја играат опозицијата и граѓанските иницијативи.

***

Вислава Шимборска раскажува интересна приказна за холандскиот град Оудеватер, еден од ретките европски градови каде што градските власти пронашле начин да им се спротистават на прогоните на вештерките. Прогоните во Европа беснееле во текот на 16, 17 и некаде и во 18 век и однеле, според некои процени, над еден милион жртви. Освен Оудеватер, имало и други светли примери, што се обидувале да им се спротистават на фанатизмот и лудилото: Млетачката република, Париз, едно време Аугсбург, Бремен, Улм... Во Бриж владеел прописот дека оној што обвинува некого дека се занимава со магија треба да престојува во затвор се’ додека не ја докаже веродостојноста на обвинението. Така цинкарошите веднаш замолкнале. Во Англија забраната на тортура во текот на истрагата мошне го намалила бројот на кодошења.

Оудеватер станал симбол на одважниот граѓански отпор заради својата - вага. На таа градска вага во пазарните денови биле мерени сирењето и брашното. На таа вага почнале да ги мерат и вештиците зашто тогаш постоело верување дека вештицата е полесна од обичната жена, ако се земе предвид соодносот меѓу нејзината висина и тежина. Затоа мерењето на вештиците се практикувало во многу места, најчесто со фатален исход за осомничените. Во Оудеватер било поинаку. Стотици бегалци од соседните земји доаѓале во градот, за да бидат измерени според строго пропишаниот церемонијал, пред градските одборници и граѓаните. Потоа во општината градоначалникот и членовите на магистратот, сослушувајќи ги во целина извештаите на одборниците, го испишувале сертификатот кој со потписи и печати и’ бил врачуван на измерената особа. Најважно било: ниту еден сертификат не ја содржел погубната пресуда! Наводните вештици и вештери можеле без страв да се вратат во родните земји со писмено мислење дека вагата во Оудеватер гарантира за „нормалноста“ на нивната тежина.

Вагата во Оудеватер постои и денес и се третира како споменик на културата. Шимборска вели: „Нека судбината ја сочува за сите времиња - заедно со сеќавањето на луѓето кои околу неа ја славеле спосоносната комедија, не трепнувајќи на приговорите дека веќе однапред го предвиделе исходот на мерењето. Тоа не биле само добри туку и досетливи луѓе. Добрината без досетливост е немоќна.“

Зошто ја раскажав приказнава? За да укажам дека секогаш постојат начини да му се спротиставиме на лудилото. Постојат начини да и’ се спротиставиме на „молекуларната граѓанска војна“ што ДПМНЕ ја воспоставува во Република Македонија како поредок. Внатрешните искушенија на младите демократии често се поголеми од надворешните закани. И последните зрнца ум, добрина и одговорност во Македонија се ставени на тест. Речиси како да се ставени на вага.

„Утрински весник“, 08.06.09.
слики: Dino Valls

RE (motherfuckin)

RE (motherfuckin) POST!!!

Коља, пишуј нови колумни! Зошто те плаќаат од СДСМ??!!
Не ми реобјавуј стари!!!

Еве фрагмент од уште постар

Еве фрагмент од уште постар текст на Гелевски (декември, 2006), исто така, за жал, мошне актуелен:
Ми се чини дека една од најважните точки во владината агенда во моментов треба да биде обидот да се сопре насилството и колку-толку да се смекнат, т.е. да се направат порационални и попродуктивни општествените борби. Тоа може да се направи само со многу грижа и разбирање за позициите на сите општествени актери. Со недвосмисленото покажување на клучната намера, да биде вистински и длабоко сплотувачка, владата всушност ќе ја стекне својата реална моќ. Владата нема да го добие толку потребниот авторитет доколку себеси се промовира во најголемиот силеџија во градот (кој од древни времиња, знаеме и од Макс Вебер, има легитимен монопол над средствата за насилство). Точно е дека насилството е мошне ефикасна метода за остварување на целите, но точно е и тоа дека насилните средства многу често ги поништуваат целите. Доколку власта е насилна и доколку брзо не ги оствари целите заради кои применува насилство, не само што таа власт ќе доживее пораз во однос на зацртаните цели туку и ќе го воведе насилството во целокупната политика. Да, насилството го менува светот, но најчесто го менува во уште посилеџиски свет.

Многу е добра приказната за

Многу е добра приказната за вештиците од Оудеватер! Но, добрината без досетливост е немоќна!

Моќно! Браво! Долг е животот,

Моќно! Браво! Долг е животот, така што бог знае што се ќе се изнагледаме во Македонијава.

Одлични се и сликите! Окно

Одлични се и сликите! Окно има стандардно добар избор на уметници, но некогаш сликите се вклопуваат на просто совршен начин, како делчиња од сложувалка:)

Ма, све е супер. Окно е

Ма, све е супер. Окно е најбоље у свет! Не само сликите, одлични се и текстовите, и музиката, и дизајнот, и коментарите, и уредникот (посебна приказна), али ајде, да не почнуеме. Ви викам ја, све е супер кај Окно, посебно коа сам себе си коментираш. Милина!

И сам себе кога се иронизира

И сам себе кога се иронизира исто е супер!

Кој се коментира сам бе!?

Кој се коментира сам бе!?

ОкоБоли главаВицФото