1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Со каква брзина политичкиот апарат може да го промени курсот! Гласовите во Франција сè уште не беа избројани, а кај Франсоа Оланд веќе заѕвони телефонот. Гласот на германската канцеларка, пријатен како што може да се посака. Честитки и срдечен повик до новиот француски претседател да дојде во Берлин што е можно побрзо. Можеше да се очекува дека првата станица на Оланд ќе биде Берлин.
Неа ја надмина љубезноста на Гвидо Вестервеле. „Félicitations pour le nouveau Président“, изјави пред камерите германскиот министер за надворешни работи во неделата, „L’Europe, c’est notredestin commun“. (Честитики за новиот претседател. Европа е нашата заедничка судбина.). Колку убаво што Вестервеле се потруди да каже две реченици на француски.
А Никола Саркози, довчерашниот најдобар пријател и сојузник на Ангела Меркел? Човекот поради кого канцеларката директно се вмеша во неговата кампања, на што досега не се осмели ниеден германски политичар? Саркози повеќе никој не го споменува во Берлин. Така ти е тоа во демократијата. Сменетиот си е сменет, а сега сите мораат да соработуваат со новиот претседател.
Понекогаш прагматизмот на демократите изгледа бесчувствително, но во суштина тоа е неопходно. Еврокризата веројатно се враќа со својата сила, така што Берлин и Париз мораат што е можно побрзо да најдат заеднички јазик. Меркел не може да троши време жалејќи по Саркози, а Оланд не може да биде одмаздољубив. Тоа ќе ги приближи.
А отсега, како и досега, во односите меѓу Германија и Франција нужноста ќе ги принуди водечките политичари на соработка која – како што знаеме од искуство – даваше добри резултати. Политички и карактерно различните личности наоѓаа заеднички јазик: Аденаудер и Де Гол, Шмит и Жискар д’Естен, Кол и Митеран, па дури и Шредер и Ширак, кои ги поврзуваше противењето на Бушовата војна во Ирак.
Меркел имаше слично искуство, и тоа токму со Саркози, поради чиешто заминување сега толку жали. Бидејќи Саркози, недоверчивиот популист, човек со илјада идеи и неспособен да ги спроведе, на почетокот не ѝ беше посебно симпатичен. А што, пак, тој гламурозен тип мислеше за застрашувачки трезвената канцеларка!
Но, еврокризата ги приближи и покажа дека француско-германската магија сè уште постои во Европа. Кога овие две земји не соработуваат, Европа престанува да функционира. Кога тие се обединети, се носат далекусежни и важни одлуки. Тоа важеше во првата Европска заедница со 6 членки, а тоа и важи денес, кога ЕУ ги има 27.
Меркел и Оланд имаат сличен темперамент: можеби тоа ќе биде од корист, а можеби и нема. Меѓутоа, извесно е дека потрагата по сличности веќе започна. Министерот за надворешни работи Вестервеле пред три дена веќе изјави дека на Фискалниот пакт треба да му се додаде и Пактот за раст. А како треба да изгледа тој пакт – е, тука веќе мислењата се разликуваат. Оланд предлага не само поголеми државни издатоци, туку сака и да ја прошири надлежноста на Европската централна банка за да може таа да учествува во поттикнувањето на растот. Берлин – отелотворен во министерот за финансии Волфганг Шојбле – решително одбива државно трошење, финансирано со задолжување, како и проширување на надлежностите на ЕЦБ.
Ќе помине уште некое реме додека се договорат двете страни. Пред парламентарните избори во Франција закажани за јуни, Франсоа Оланд не може ни да помисли да се откаже од своите најважни изборни ветувања. Но, едно е сигурно: еврокризата нема да им даде премногу време.
Извор: Frankfurter Rundschau