Модернитетот и варварството

09.05.2012 10:37
Модернитетот и варварството

Во тековните расправи за Европа и во повремените референци кон Европа и европското кај нас постои една слика на Европа и на европското која се наметнува како единствена легитимна, па и решително недискутабилна и општо прифатена. Се сугерира, имено, една слика на Европа која во културна смисла како да е помалку или повеќе еднозначно определена и хомогена и за која, затоа, веќе нема големи спорови и расправи. Тоа е всушност слика на Европа којашто како самата себе и во општествена и во културна смисла веќе сосема еднозначно да се дефинирала и сега ужива во сигурноста и извесноста на своето недискутабилно себеразбирање, бидејќи веќе се пронајдени конечните и задоволувачки одговори на сите клучни и мачни прашања околу идентитетот на Европа и нејзината иднина. Меѓутоа, таквата слика е далеку од реалноста. Современа Европа, барем на нивото на духовните и културните придвижувања, многу повеќе ја обележува постојаното поставување тешки прашања и отворањето нови расправи за Европа и европското отколку конечното затворање на таквите прашања. Тоа се согледува уште на нивото на едноставните политички формули за Европа како заедница на национални држави, Европа заедница од нации, Европа заедница од региони и Европа заедница на граѓани – поединци. Слично може да се заклучи и за поимот глобализација. Тој поим кај нас најчесто се претставува како неговата содржина да е сосема недискутабилна, непротивречна и еднозначно одредена и дека како таква општо е прифатена. Тоа оди толку далеку што глобализацијата понекогаш ја претставуваат како политичка формула со својства на вистинска мантра – формула. Тоа, се разбира, е далеку од реалноста.

Дали одат заедно напредокот и варварството?

Едно од тие важни прашања коишто сè уште се важни за современата европска мисла и сè уште не се архививирани како неактуелни – е тешкото прашање за односот помеѓу модернитетот и варварството. Тоа значи и за Европа која се наоѓа во некоја постојано присутна напнатост помеѓу варварството и модернитетот, варварството и цивилноста. На тоа прашање неодамна му беше посветена мошне систематична расправа во рамките на Германското социолошко друштво, расправа во која учествуваа речиси сите најважни имиња на современата европска социологија: Зигмунд Бауман со прилогот „Насилството – модерно и постмодерно“; Шмуел Еисенштад со прилогот „Варварството и модерната“; Ханс Момсен, „Модернитетот и варварството“; Ралф Дарендоф, „Противречностите на модернитетот“; Никлас Луман, „Од онаа страна на варварството“; Клаус Офе, „Модерното варварство“; Улрих Бек, „Како соседите станаа Евреи“ и М. Раинер Лепсиус со прилогот „Модернитетот и варварството“. Недостасуваа само Ентони Гиденс и Пјер Бурдие за да биде присутна комплетната прва лига на европската социологија.

Нема сомневање дека централната тема на расправата е посебно актуелна како од стојалиште на разбирањето и објаснувањето на светот во кој живееме така и од социолошки аспект. И тоа најпрвин во онаа мера во којашто социологијата дефинитивно ја напушти претензијата да се занимава со откривање и препознавање на наводно универзалните закони на општествениот живот коишто се валидни еднаш засекогаш, туку доследно се согледува и практикува како наука која настојува да даде плаузибилна и искуствено добро втемелена дијагноза за своето време. Исто така нема двоумење дека прашањето за односот помеѓу модернитетот и варварството е мошне актуелно и важно, особено кога на виделина ќе излезе по некоја масовна трагедија со оние што се обидуваат неовластено да влезат во Европа, не почитувајќи ја шенгенската крутост и непропустливоста на границите.

Се разбира, актуелноста на расправата покажува дека се напуштаат рамките на две влијателни традиции во социологијата и во општествените науки коишто обете беа обележани со претераниот историски оптимизам. Најпрвин, се напушта традицијата на просветителството коешто веруваше дека со ширењето на знаењето и умот автоматски напредува цивилизацијата и цивилноста, та така модерната се покажува како бескраен напредок во знаењето кој води кон растечки општествен и морален прогрес, со што постепено и нужно се ограничуваат просторите се варварство. Се напушта и традицијата на тезите на Норберт Елиас кој веруваше дека со силната контрола над афектите и поривите може да се контролира насилството како главен извор на можно варварство. Наспроти тоа, клучното отворено прашање што сега се поставува е дали модерната е само во знакот на сигурниот напредок кој го исклучува варварството или пак одат заедно напредокот и варварството.

На тоа прашање беа назначени три начелно можни одговори. Првиот е – цивилизирањето е начело на модерното општество додека варварството е спротивно на тоа начело. Вториот одговор – варварството е опачина на модерната коешто не може да се отстрани и затоа ломовите и прекините на цивилизираност однапред се вградени како можност во процесите на модернизацијата. Третиот можен одговор е оној според кој модерната и модернитетот во основа се проект којшто постапно се реализира, но само на тој начин модерната да станува свесна за својот потенцијал за варварство и настојува да го надмине; тоа имплицира дека цивилизацискиот процес на модерната нужно го вклучува и начелото на постојано самоиспитување и самокритика со што се вклучува можноста за препознавање на уривачките потенцијали на модерното општество и можноста со нив да се излезе на крај.

Предцивилизирано и постцивилизирано варварство

Почетната теза беше дека варварството не е само нешто што било дадено "пред" или "од онаа страна" на цивилизацијата, туку тоа е она што цивилизацијата го носи со себе. И тоа го носи не само кога колапсира и назадува, туку го носи во чекор. Во таа смисла Нунер-Винклер истакнува дека модерната навистина се фали со тоа што насилството го ставила под контрола, но сепак е тврд факт дека 20 век беше сведок на оргии од насилство историски раритетни. Затоа е клучно прашањето дали варварството е само никогаш докрај исклучената опачина на модерната или модерната е независен проект чиишто темелни линии на развој можат да се препознаат.

На уште поизразит начин, Бауман ги доведува во врска модернитетот и варварството, и тоа не на случаен начин. Тој тргнува од фактот дека од почеток во модерната станувало збор за тоа светот да се присили да биде поинаков од што е, а тоа не е можно без насилство. Без моќта, имено, нема настојувања околу поредокот, а без тоа модерната едвај е способна да преживее. Покрај тоа, потенцијалот за варварство на модерната Бауман дополнително го гледа во стремежот на модерната кон чистота, т.е. стремежот сè на некој начин да биде исчистено и еднозначно одредено, не амбивалентно, конфузно, нечисто итн. Еисенштад оди уште понатаму и нагласува дека варварството воопшто не е новост во модерната, туку дека дури и станува екстремно со развојот и ширењето токму на модерните технологии за деструкција и комуникација. Притоа тој нагласува дека потенцијалот за варварство во основа произлегува од просветителството и од големите модерни револуции предизвикани од утописките визии коишто доминираат во европската цивилизација најнапред како негација на другите, најмногу колективните, примордијалните други.

Се разбира, видливи се разликите во сфаќањето на природата на варварството. Така Офе ја истакнува разликата помеѓу варварството пред и варварството после цивилизацијата. Варварите изворно биле оние коишто стоеле некаде однадвор и со коишто немало допир. Во модерната варварството станува внатрешно и мошне блиско; тоа, значи, ги вклучува начините за варварско однесување и после воспоставувањето на цивилизацијата и во рамките на високо културните форми на власт.

Сликата на непријателот

Во расправите се настојува јасно да се дефинира варварството во модерната. Се нагласуваат два момента; прво, варварството најпрвин и најмногу е неконтролирано насилство; второ, тоа е систематско и темелно исклучување на другите, со закани и насилство. Еисенштад вели дека варварството се легитимира во форма на апсолутизирачко исклучување на дел од населението коешто некогаш било во заедничките рамки, а сега се дефинира како "сосема други" и дури често се исклучува од категориите на човечкото. За Офе варварството е нецивилизирано дејствување со коешто една група во рамките на сопственото општество паѓа под прагот на достигнатите мерила за цивилизираност. Содржински пак, варварски постапки се оние кои предизвикуваат тешко оштетување на симболичкиот или физичкиот интегритет на поединци или групи личности, но со посебна мотивација за таквите постапки, што значи актерите самите себеси да се ослободуваат од постоечката обврска постапките да ги оправдаат или објснуваат повикувајќи се, на пример, на "правото на посилниот", што е спротивност на правото. Систематското исклучување Бек настојува да го допрецизира. Затоа тој во политичко-културната конструкција на "другиот" најнапред како "туѓинец" а потоа како "непријател" гледа битна претпоставка за варварство и варварско дејствување во рамките на модерната. Во таа смисла се отвора проблемот во која мера сликата на непријателот е нужна во модерната како што беше во предмодерната за да се остварат потребните хомогенизација и мобилизација и да се обезбеди недискутабилен легитимитет на еден ненегоциабилен начин. Имено, ако било што во историјата некогаш фалело, непријатели секогаш имало повеќе од доволно: конструкцијата на непријателот или сликата на непријателот се покажа историски неисцрпна. Сликата на непријателот притоа има посебна функција: "Сликите на непријателот применети внатреполитички создаваат, содржат и отвораат извори на вондемократско и антидемократско прифаќање. Нивното негување овозможува овозможува со консензус да се стане независен од консензуси...; во демократиите постојат два вида легитимитет: едниот тргнува од толпата, другиот од непријателот" (Бек).

Ново насилство во модерната

Најпосле, се отвора прашањето за модерната со оглед на противречните процеси на вклучување и исклучување. Всушност, модерната на некој начин изворно тежнее кон универзалното вклучување, та затоа процесот на развој на модернитетот се препознава и како процес на постапно вклучување на оние коишто дотогаш на овој или оној начин биле општествено исклучени. Меѓутоа, парадоксот е во тоа што модерната едновремено самата создава и воведува нови исклучувања, и затоа и нови насилства. Во таа смисла станува збор за непосреден противстав на познатото тврдење дека границите како такви всушност се предуслов на слободата: тие навистина се предуслов за слободата на едни, но и предуслов за неслободата на други. Офе, пак, зборува за регресивните феномени што водат кон тоа поединците и групите, заради незадоволувачко исполнување на предусловите на модерната партиципација, на некој начин да се "из-сортираат" и така да се дисквалификуваат како припадници на модерната општествена заедница. Притоа тој препознава три процеси од тој вид: а) "кон долу", т.е. маргинализација и разграничување на новата поткласа во процесите со коишто нужно се обележуваат три типа личности што модерната ги произведува: добитници, губитници и некомпетентни, односно неовластени да партиципираат; б) "кон надвор", т.е. миграции и надворешни проблеми; и в) "внатре", т.е. модернизација како противречен процес со Ахиловата петица на политичкиот модернитет која се состои во тоа што модерната им гарантира на граѓаните правна еднаквост наспроти разликите, но и систематски ги продлабочува разликите. Гисен тоа јасно го истакнува со тврдењето дека "проектот модерна може да се разбере како обид границите да се отворат кон оние што стојат надвор и варварството да се преведе во цивилизација. Секој, пак, таков обид на модерната за надминување и преобразба на варварското сепак неизбежно продуцира нови граници и понови и порафинирани форми на варварство". И тука пак се повторуваат речиси нужно и во различни модалитети границите помеѓу "еден посветен внатрешен свет и еден демонски надворешен свет".

Државата и насилството

Од прилозите на различни учесници во расправата можат да се препознаат клучните спорни точки во односот помеѓу модернитетот и варварството. Прво спорно прашање е односот меѓу државата и варварството во модерната, што во основа се сведува на прашањето за значењето на разликувањето помеѓу легитимното и нелигитимното насилство како можно исходиште на варварството во модерната.

Една линија на аргументација во основа ја следи Хобсовата традиција според која државата, како единствен сопственик на легитимниот монопол над насилството, е сигурен гарант против варварството и неутрализатор на можното варварство. Државата е таа која осигурува деприватизација на насилството и ја гарантира сигурноста за сите. Малку неочекувано следејќи ја таа линија на аргументација, Офе изрично тврди дека за современите разгледувања на односот меѓу цивилизацијата, модернизацијата и варварството релевантни најнапред недржавните форми на расизам, исклучување, децивилизирање и насилство, односно она што се јавува како современа "природна состојба", но сега претежно "во мал формат". Затоа неговото толкување е манифестација на современата незауздана и неразликувачка насилност, бидејќи смета дека станува збор за судири што се случуваат не во интактни држави туку најпрвин во урнатини од држави или врз урнатините на државноста. Затоа Офе тврди дека "во Босна, Грузија, Сомалија, Либан и Руанда рушењето на надворешните ѕидови на државната сила отворило поле за војна на банди којашто не може да се нарече граѓанска војна бидејќи државната власт која би можела да даде или одземе граѓански права веќе не постои. Актерите што учествуваат веќе не се по-државени туку се од-државени". Заклучокот е дека "постоењето на организирана државна власт денес е повеќе заштита отколку опасност за минимум цивилност".

Втората линија тргнува од констатацијата дека концентрираното насилство во државата, во којашто монополот над насилството се појавува како претпоставка за поредокот и сигурноста, само по себе може да стане варварско, а под одредени услови често и станува такво. Затоа модерните институции не претставуваат сами по себе гаранти на цивилноста туку едновремено ги задржуваат и својствата на мошне опасни присилни апарати чиешто дејствување во одредени околности им противречи на веќе достигнатите мерила за цивилност. Имено, тешко некој денес може да ги прифати како недискутабилни тврдењата дека централната власт, државните и недржавните констелации на државната моќ имаат само позитивни и пожелни цивилизирачки придонеси. На тој начин класификацијата на насилството во легитимно и нелигитимно насилство најнапред се толкува и како начин да се оправдаат најгрозните варварски постапки. Дали легитимитетот се темели врз насилство? Во сличен дух Лепсиус нагласува еден аспект на варварството коешто не се раѓа од емоции туку е програмирано. Токму затоа стравотиите што им се припишуваат на поединци денес се толку масовни бидејќи добиле простување со соодветни наредби и со укинување на санкциите предвидени за повреда на моралните стандарди.

Меѓутоа, се укажува како теориски спорно објаснувањето на варварството во модерната. Имено, се укажа дека појавите на дискриминација, диференцијација, исклучување, потчинување, кои имаат одлики на варварско, всушност се присутни насекаде и имаат статус на нормални општествени појави. Тоа значи дека тие сами по себе не секогаш и нужно доведуваат до одземање или ускратување на човечките права и до насилничко исклучување. Затоа како темелно се наметнува прашањето кога и под какви услови тие појави помалку-повеќе нужно водат во варварство; или кои општествени или културни рамки овозможуваат поголем или помал степен на имунизација на модерните општества против можните варварски состојби.

Живот во карневал од грозотии

Најпосле, во одредени прилози на расправите беа формулирани интересни патемни тези и идеи на коишто треба да се предупреди. Дарендорф, на пример, тврди дека најголемата препрека за опасностите на варварството што модерната ги носи во себе всушност е непотполната модерна, а не доследно развиената и изведена модерна. Затоа се покажаа стабилни само оние современи општества коишто успеаја да постигнат не радикална и доследна реализација на модерната, туку кои постигнале значајна комбинација меѓу модерната и предмодерната. Оттаму следува заклучокот дека модерната сама по себе не е проект кој е способен да се одржи како неварварски и да се зацврсти врз сопствените основи, туку е способен тоа да го посигне само позајмувајќи ја силата од светот на предмодерната и пред-модерноста. Станува збор за онаа логика којашто Хобсбаум критички ја опиша со тврдењето дека "најефикасен начин да се изгради индустриска економија втемелена врз приватна сопственост, е таа да се комбинира со мотивации коишто немаат ништо заедничко со логиката на слободниот пазар, на пример со протестантската етика, со семејните обврски и доверби, но не и со антиномичните побуни на поединецот". Во таа смисла мошне е јасна разликата помеѓу Дарендорф и Бек. Додека за првиот токму доследно и темелно изведената модерна потенцијално е варварски опасна, за Бек вистинската опасност доаѓа од првата модерна која секогаш се јавува како комбинација од модерната и против модерната, а која се воспоставува низ одржувањето на недискутабилноста.

На сличен начин се интересни и идеите на Бауман кој тврди дека денес живееме во непрекинат карневал од грозотии, бидејќи сликите на грозотијата преминаа од својот изолиран резерват во главната струја на секојдневното искуство; или кога укажува на новото разбирање на војната којашто веќе не е борба туку нешто што порано се нарекувало чиста егзекуција, казнена експедиција или полициска рација. Во таа смисла, најмодерните оружја и стратегии всушност се стратегии на масакри, а не вистински борби. Во истиот дух Бауман предупредува дека најзастрашувачко е она владеење на насилството што се практикува под маската на мачеништво и ја наведува тезата на Сиоран дека "блескавите очи секогаш навестуваат крвава бања". На сличен начин и Офе тврди дека модерни варвари се сите оние што другите ги прогласуваат за предмодерни варвари; или дека цивилизацијата во која партиципираме е таква што во неа можеме толку долго да партиципираме колку што сме подготвени во првата пригода да се откажеме (и за другите и за нас самите) од нејзините начела, што значи дека во секој момент можеме да станеме варвари.

Се разбира, овие расправи покажуваат дека и самостојното критичко преиспитување на сопствените стојалишта е едно од својствата што ја одредуваат денешна Европа.

Слики: Bo Bartlett

Извор: Маргина 51/52, 2001

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото