1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Французите се бунат. Како и Грците. И крајно време беше.
Во неделата во овие држави беа одржани избори кои практично претставуваа референдум за актуелната европска економска стратегија, и во обете држави гласачите го свртеа палецот надолу. Не е сосем јасно со која брзина овие гласови ќе доведат до промени во реалната политика, но на стратегијата за заздравување со затегање на ременот очигледно ѝ истекува времето – и тоа е добро.
Не треба ни да се каже дека тоа не можевте да го слушнете на вообичаените места за време на предизборниот период. Беше малку смешно да се гледаат апостолите на догмата како се напрегнуваат да го прикажат воздржаниот и благ Франсоа Оланд како закана. Тој е „прилично опасен“, пишуваше Economist, забележувајќи дека тој „искрено верува во потребата за создавање поправедно општество“.Quelle horreur!
Вистината е дека победата на Оланд претставува крај на пактот „Меркози“, француско-германската оска која последниве две години наметнуваше режим на затегање на ременот. Навистина ќе беше „опасно“ кога би успеала оваа стратегија, па дури и да постоеше некаква можност да успее. Ама не успеа и не можеше да успее; време е да продолжиме понатаму. Се чини, европските гласачи се помудри од нивните најмудри глави.
Што има лошо во кратењето на трошоците како лек за европските болки? Еден од одговорите е дека добрата вила која ја враќа довербата не постои – т.е. изминативе две години реалноста недвосмислено го поби тврдењето дека намалувањето на државните трошоци некако ќе ги поттикне потрошувачите и приватните претпријатија да трошат повеќе. Значи, кратењето на трошоците во економијата која се наоѓа во депресија само ја продлабочува депресијата.
Всушност, се чини дека користа од тоа е мала или никаква. Погледнете го случајот со Ирска, која во кризата глумеше примерен војник, наметнувајќи сè построго штедење во обидот повторно да го одоброволи пазарот со обврзници. Според општоприфатената догма, тоа требаше да успее. Всушност, волјата да се верува е толку силна што припадниците на европската политичка елита тврдеа дека ирскиот проект за штедење навистина успеа и оти ирската економија почнала да заздравува.
Но, не е така. И без оглед на тоа што ова нема да го најдете во весниците, кредитите за Ирска и понатаму се многу поскапи одошто за Шпанија или Италија, а не, пак, за Германија. Тогаш, кои се алтернативите?
Едниот одговор – е разбивање на еврото, европската заедничка валута. Европа не би се наоѓала во овие проблеми кога Грција сè уште би ја имала својта драхма, Шпанија својата пезета, Ирска својата ирска фунта итн., бидејќи Грција и Шпанија би го имале она што денес им недостасува: брз начин да ја обноват конкурентноста и да го зголемат извозот, значи – девалвацијата.
Како контрапример на ирската тажна приказна, погледнете го Исланд, кој беше нултата точка на финансиската криза, но можеше да одговори со девалвација на својата валута, круната (а имаше храброст да ги остави своите банки да пропаднат и да не исплатат долговите). Се разбира, Исланд заздравува онака како што Ирска требаше да заздрави, но која не го направи тоа.
Па сепак, разбивањето на еврото би било многу проблематично, а воедно би претставувало и голем неуспех за „европскиот проект“, долгогодишниот напор преку блиска интеграција да се воспостават мирот и демократијата. Постои ли друг начин? Да, постои – и Германците покажаа дека тој може да биде успешен. За жал, Германците не ги разбираат поуките од сопственото искуство.
Ако разговарате со креаторите на германското јавно мислење за кризата на еврото, тие секогаш ќе ви кажат дека и нивната економија стагнирала од почетокот на минатата деценија, но успеала да заздрави. Она што нема да го признаат е дека заздравувањето е поттикнато од појавата на огромниот германски трговски вишок кон останатите европски земји – конкретно, кон државите кои сега се наоѓаат во криза – кои се развиваа со натпросечна инфлација, благодарение на ниските камати. Кризните европски земји би можеле да го повторат успехот на Германија кога би се нашле во слична поволна ситуација – т.е. кога овојпат остатокот од Европа, посебно Германија, би минувал низ инфлаторен период.
Затоа германското искуство не е, како што си замислуваат Германците, аргумент за унилатерално штедење во јужна Европа; тоа е аргумент за многу поекспанзивна политика, а посебно за тоа Европската централна банка да се откаже од својата опсесија со инфлацијата и да се сосредоточи на растот.
Се разбира, на Германците не им се допаѓа овој заклучок, како ни на раководството на ЕЦБ. Тие ќе се држат до своите фантазии за напредок низ измачување, и ќе настојуваат на тоа дека продолжувањето на нивната пропадната стратегија е единствениот можен пат за одговорните земји. Но, се чини дека повеќе нема да ја имаат безусловната поддршка во Елисејската палата. А тоа значи, верувале или не, дека еврото и европскиот проект ќе имаат поголеми изгледи за опстанок отколку што имаат до пред неколку дена.
Извор: The New York Times
Слики: Марк Хантер Браун