Глас против елитите, а не против Европа

10.05.2012 10:09
Глас против елитите, а не против Европа

Грција испрати јасна порака иако на прв поглед тоа не изгледа така. Обете досегашни владејачки партии, ПАСОК и Нова демократија, изгубија голем број гласови што ќе ги спречи и понатаму да продолжат со голема коалиција. Се случи она од што многумина во Европа се плашеа: политичката ситуација во Грција стана уште понестабилна.

И покрај тоа, одлуката да се одржат вонредни парламентарни избори беше оправдана. За првпат додека трае кризата на Грците им се укажа можност да решаваат што ќе се случува понатаму со нивната земја. Многумина во Брисел одлуката за распишување избори ја примија со негодување, а германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле бараше да се одложи гласањето.

Многу Грци ги сметаа овие изјави како врв на понижувањето и лишувањето од правото да одлучуваат за својата судбина. Досега никој не ги прашуваше дали се согласуваат со мерките за помош, а посебно со последиците кои тие ги носат за граѓаните. Некои граѓани на изборите гласаа за партиите кои се изјаснија дека Грција треба да банкротира и да престане да зема помош од странство.

Врз основа на ова некој би можел да заклучи дека резултатот од изборите е глас против Европа и против еврото. Најпосле, ПАСОК и Нова демократија изгубија најмногу гласови, партии кои ги поддржуваат мерките на штедење на ЕУ и ММФ. Но, таквата процена има во предвид само две можни иднини за Грција: штедење или излегување од еврозоната.

Повеќето гласачи сметаат дека е можна и трета опција. Најголем раст забележа партијата на умерената левица Сириза, која за разлика од Комунистите од ККЕ не зе залага за излегување од еврозоната, туку за нови преговори за програмите за помош.

Дури и анкетите од пред изборите покажаа дека 70% од Грците сакаат да останат во еврозоната, но она со што не се согласуваат се мерките донесени за санација на настанатата ситуација. Досега за препораките на меѓународните тела (ММФ, ЕЦБ, ЕУ) не можеше да се преговара, зашто политичкото водство на ЕУ, кое е под германско-француска хегемонија, инсистираше на строг курс за штедење. Сега тоа се промени со победата на Франсоа Оланд на претседателските избори во Франција, бидејќи и тој смета оти строгата политика за консолидација на буџетот без поттикнување на растот досега не донела никакви резултати.

Но, постои уште една причина зошто избирачите гласаа против ПАСОК и Нова демократија и продолжувањето на нивното двопартиско владеење. Со своите гласови се побунија против целосно корумпираниот систем. Земајќи ги предвид актуелните опасности по економската и политичка стабилност, некој може да го постави прашањето: дали тоа мораше да се случи токму сега? Дали гласачите можеа да почекаат малку за земјата да застане на нозе?

Одговорот гласи: не. Луѓето изгубија доверба во постоечките политички елити. Притиснати од очајот поради кризата конечно собраа храброст да го урнат политичкиот поредок за кој долго време знаеја дека е погрешен.

Многу години беа заложници на овој систем, бидејќи секој беше сметан за неспособен ако не учествуваше во него, бидејќи злото не беше секогаш волку очигледно или луѓето, едноставно, се беа помириле со него. Тешка е борбата против таквите политички злоупотреби.

Како исход на обата овие мотиви во Атина се составува нов парламент кој не ги урна целосно досегашните односи на моќ, но значајно ги протресе, бидејќи двете големи партии отсега ќе мораат да побараат поширока поддршка за носењето важни одлуки. Таквата политичка клима ќе ѝ годи на Грција.

Извор: Die Zeit

ОкоБоли главаВицФото