1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
Денес веќе не издржав. Бес ме обзеде кога здогледав како поставуваат нови четири коњи, овој пат златни, донесени од господ знае каде во Паркот на жената борец.
Сите коњи се со дигнати предни нозе, па се гледа дека овој пат е поработено на гениталиите повеќе отколку во случајот на главниот коњ, оној јавнат од Воинот. Коњите се испрчени токму зад нашине кутри асномци, кои онака сиво-црни, делуваат многу победно. Сите заедно - коњите и асномците - главно се свртени кон куќата на законот, нашето плурално собрание. Таму, пред Собранието, има уште еден гооолем коњ. Оној на Карев. Зад него градат купола, можда и таа ќе биде златна. Или од витраж. Или од кристал. Не знам. Коњот на Карев, гледам, веќе е љубоморен на неговата златна конкуренција. Кога и да е, сите пет вранци ќе се стрчаат едни кон други, прекутрупа по булеварот, и ќе се забрефтаат пред да се пресметаат. Асномците и Карев ќе гледаат во чудото и, скаменети, нема да можат да сторат ништо.
Значи, стварно побеснав. Не, тоа не беше само бес. Тоа беше и јад, и болка, и згрозеност, и желба да викам колку што ме држи гласот. И да бегам, да фатам уџум, некаде каде што ни сеќавањето на оваа трагедија нема да ме прогонува. А по кого да викам? Има ли некој што слуша во оваа земја? Има ли некој што ќе стане да го сопре ова садистичко плукање по нашата интелигенција? Има ли некој што навистина го боли душа од овој бесрамен терор? Или баш им е гајле на сите? Па, овие луѓе околу мене имаат ли гордост? Па, каде се, бе, да излезат илјадници на број и да побараат стопирање на ова бескрупулозно дивеење со туѓи пари? Па, дури и оние баби и дедовци на кои им го узурпираа просторот на кој им проодуваа внуците, и нив ли, барем малку, мува не ги лази? Или можда се среќни што отсега натаму ќе кулираат опкружени со злато, во очекување на рубини и дијаманти наредени по барјаците и ножевите на некои непознати борци од нашата славна светска историја што ќе следат по златниве коњи?
Е, моја опозицијо! Сите опозиции на светов покажаа чувство за борба, дури и околу далеку побенигни ствари. Кај нив властите барем не им го масакрираат идентитетот и не им чепкаат по генетската структура. Тебе, опозицијо, и оваа количина лудило не ти е доволна за да се отрезниш и станеш на нозе. Срамота! Ако, нека ти редат коњи на сите страни. Абе не коњи, крокодили и камили нека редат, зашто Воинот и Сахара и Нил ги покорил. Зар не гледаш, млитавице една, дека си играат дрндупка со тебе додека твоине се тумручат по телевизиите повторувајќи едни исти мизерни муабети од кои веќе ни се превртува во стомакот? Ти редат коњи за да ти покажат дека не им можеш ништо. И не им можеш. Прашај се веќе еднаш зошто. Јас не сум тука за да те учам.
Читам по социјалниве мрежи - има луѓе на кои им се гнаси од речникот на Бранко Тричковски. Бил вулгарен. Го претерал. Ма, немој! Е јас мислам сосема поинаку: кој не ги препознава своите мисли, емоции и човечки реакции во зборовите на Тричковски, и кој не се идентификува со неговиот отпор кон оваа излудена стварност што ни ја кројат без парче почит, за мене тој е еднакво виновен за работите што допрва ќе ни се случуваат. Ако е вулгарно тоа што го зборува Тричковски, тогаш како да го наречеме ова што со години ни го прави оваа власт?
Во принцип, не бендисувам пис усти. Ама, за тие што не знаат, да кажам дека вулгарниот говор, освен ако не е резултат на примитивизам и недоученост, претставува само вербална реакција на голема фрустрација. Значи, кога веќе не се може.
Извор: danesezaboravi.blogspot.com (8.5.2012)
Не бе, грешка си, Тричковски
Испратено на 13 мај 2012 од ПралинеНе бе, грешка си, Тричковски многу го критикувал Црвенковски на времето.
DA, tochno e, Trichkovski
Испратено на 13 мај 2012 од gragjaninDA, tochno e, Trichkovski mnogu go kritikuval Crvenkovski i na vremeto i sega. NO, shto e toa vazhno? Toa li e merkata za objektivnost? Kolku kje ja kritikuvash opozicijata????
Еве, јас не ги препознавам
Испратено на 16 мај 2012 од Doni gumeni bomboniЕве, јас не ги препознавам своите мисли, емоции и човечки реакции во зборовите на Тричковски, и јас не се идентификувам со неговиот отпор кон оваа излудена стварност што ни ја кројат без парче почит (не е излудена и не ја крои никој, уште помалку без почит).
Ако сум еднакво виновен за работите што допрва ќе ни се случуваат, bite me.
Колку што гледам, најсериозно
Испратено на 17 мај 2012 од ЈуристКолку што гледам, најсериозно обвинување во текстот е „бескруполозно дивеење со туѓи пари“. Ма кривично дело што да ти причам.
Хинт: Дури и да имало малверзации, корупција и слично, тоа е работа на суд, а не вреди да се повикува на смена на државен поредок и/или револуција. За смена на власт си има избори.