1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Постојат мигови во политиката кога сѐ станува јасно. Кога меѓу сите зборови кои често го замаглуваат погледот изненадно ќе светнe вистината. Таков момент се случи овој викенд. Во едни весници пишуваше: „Да живеат рејтинг агенциите! Тие ќе ја одржат Франција на курсот на штедењето, без оглед кој ќе победи.“
Со овие зборови не се изразува жалење, туку олеснување. Демократијата и изборите, суверенот и неговата војла, целокупната политика во која луѓето кон своето најдобро знаење и совест се борат за вистинскиот пат – на сето тоа незаинтересирано се креваат раменици. Сето ова, можеме да прочитаме помеѓу редови, е потполно ирелевантно.
Изборите во Франција – а се надевам и изборите во Германија наредната година – на оние кои ја презираат демократијата можат да им го докажат спротивното.
Не е само политички фолклор фактот дека Франција е земја на револуцијата. Ниедна друга европска земја нема таква жива традиција на протести. „La lutte permanente“, постојана борба, е дел од француската цивилизација. Во Франција централната власт се обедини со народот против феудализмот. Повторно дојде такво време. Не е случајност тоа што Французите токму сега избраа социјалист во Елисејската палата. Франција ѝ испрати револуционерна порака на цела Европа. Новите феудални господари против кои мораше да се побуни се – банкарите.
Од германската влада не треба да се очекува подршка. Токму спротивното. Ангела Меркел би сакала демократија прилагодена на пазарот, која на капиталистите ќе им овозможи непречена работа, и што е можно повеќе моќ за Германија во Европа. Па, Германците се вистински примерни ученици на пазарот. За Германија каматите никогаш не биле пониски. Подарок од пазарот на товар на остатокот на Европа. Меркел е благодарна. Таа не се грижи за европското политичко наследство на Аденауер и Кол. Можеби овие западни идеи се непознати за политичарките кои доаѓаат од исток?
Поддржана со евтини пари од меѓународните финансиски пазари, германската извозна индустрија ги приграби за себе европските интеграции – а Ангела Меркел го дозволи тоа. Германската економија расте, невработеноста се смалува. Гласачите поради тоа ја сакаат, но не забележуваат дека политичката цена која се плаќа за ова далку ја надминува економската добивка. Во политиката сѐ се врти околу вредностите, но не околу оние кои можат да се пресметаат со калкулатор.
Крајот на химерата Меркози може да биде и крај за Ангела Меркел. Франција е деветта земја во еврозоната чија власт падна како жртва на економската криза. Германија наскоро може да му се придружи на овој клуб. Без согласноста на Франција, германската политика за штедење е готова. Германија е изолирана. Подршката на Франција ѝ овозможуваше на Меркел во Европа да направи економски експеримент: штедењето ќе нè извлече од рецесија?
Одговорот гласи: Не. Кој штеди во рецесија, само ја продлабочува. Последиците ги знаеме. Армијата невработени во Шпанија ја плаќа цената за Меркеловата опасна пазарно-радикална идеологија. Тоа долго нема да се заборави.
Франсоа Оланд е дури вториот социјалист во Елисејската палата. Тој знае што го чека: неговиот партиски претходник, Франсоа Митеран, мораше да го прекине експериментот „социјализам во една земја“, кога финансиските пазари извршија притисок на франкот. Од 2008 година постојано ја слушаме приказната за должничката криза. Но, не станува збор за долгови. Станува збор за прашањето кој донесува одлуки: политиката или пазарот?
Никаде не е запишано дека банките добиваат евтини пари од централните банки, кои потоа им ги позајмуваат на државите со високи камати. Никаде не е запишано дека државите се приморани да го носат овој товар, чијашто тежина се менува во зависност од расположението на пазарот. Никаде не е запишано дека луѓето, народот и суверенот зависат од волјата на пазарот. И никаде не е запишано дека политиката ја водат банкари, а не политичари.
Банките не донесуваат закони и банките не се избрани. Државите им го дадоа тоа право, и тие можат и да им го одземат.
Првиот чекор би бил Европскиот механизам на стабилност да добие банкарска лиценца и со тоа јавното финансирање да го одвои од разјарениот механизам на пазарот. Франсоа Оланд ќе се бори за тоа, а следната година во оваа борба би можел да му се приклучи канцеларот или канцеларката од SPD.
На Европа ѝ е потребна нова епоха на социјалдемократијата.
Извор: Spiegel
Слика: Хуан Миро
Ќе им се приклучи и
Испратено на 16 мај 2012 од АнтиквизаторЌе им се приклучи и „социјалдемократот“ Бане кога врбата ќе роди грозје.