1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Некои наслови треба да се објаснат. Дури и кога се вака обични и ептен разбирливи изреки. Треба да се објасни контекстот во кој се употребуваат. Така, овој аферим во насловот не е кажан од некој љубител на сериозна музика туку од еден скопски автомеханичар. И тоа не од восхитеност, туку од мака. Имено, еден мој другар во раните години на својата младост се дограбил до семејната кола, па со другарите почнале да возат кругови по маало. Но, се удриле во некоја бандера, а тие, живи и здрави, решиле сами некако да ја закрпат и да ја камуфлираат колата за да не се забележи. Така, удирајќи со чекан и стегајќи со менгеме некако ја средиле колата и ја вратиле дома. Сепак, по некое време му кажал на татка си што се случило и заедно отишле кај автомеханичарот за навистина да ја поправат колата. Механичарот испитувал, испитувал и на крајот прашал кој возеше, а кој потоа буричкал во колата обидувајќи се да ја поправи. Кога таткото покажал кон неговиот син, овој извикал: Браво, маестро! Мајсторот имал мака да објасни зошто поправката на колата, која инаку добро изгледала, ќе чини толку скапо!
Ваков извик би требало да каже секој што треба да пресмета колку штета е направена за нашата државност од последните случувања. И тоа при толку доверба и при толку конструктивност покажана од сите страни. Потребна е голема вештина при толкав капацитет да уништиш толку многу како што направија, според многу мерила, институциите на државата. Имено, целата јавност се воздржуваше од вршење притисок, дури и медиумите и опозицијата. Недвосмисленоста на грозниот чин на петкратното убиство доведе до тоа сите да го осудат и беа во голем степен подготвени да соработуваат за пронаѓање на вистинските сторители. Регионално, освен Србија, сите соседи помагаа во разрешување на случаите. Меѓународно, исто така, бевме поддржани.
И покрај сево ова, досегашниот резултат е следниов: компромитирана е нашата сериозност во борбата против тероризмот, се протестира пред нашите амбасади во соседните земји, членки на НАТО и на ЕУ, Бугарија и Албанија, уште поголем сомнеж паѓа врз МВР и врз судството и се создаваат дополнителни јазови во кохезијата на нацијата. За сето ова да го постигнеш, навистина, треба мајсторство!
Но, тоа е така секогаш кога се прави политика со државата, а се владее со помош на партијата. А, сосема спротивното е исправно: партиите служат за правење политика, а државата за владеење. Џабе конструктивност од секаде кога апаратот сам по себе е деструктивен.
Иако имаме држава, сите граѓани станавме како домаќинки што треба да ги чистат куќите со расипана правосмукалка, па мора со метли да метат пред и по машината и дополнително да собираат прав!
Сигурно ова не е таа тажна лубовна песна од „Бјело дугме“ во која се пее: А могло је боље... Македонија ќе ја биде со сите нас во неа затоа што таа има капацитет и има многу работи и квалитети што допрва ќе излезат на виделина. Токму како оригиналните слики на Пикасо што биле заборавени во една галерија.
И ова не се тукутака напишани оптимистички зборови туку, навистина, се логичен редослед на една реалност за Македонија. Имено, Македонија историски е толку намалена и распарчувана што не е одржливо веќе никакво дополнително скратување. За да се разбереме ќе ја споредам со нашиот семеен буџет. Тој буџет стигнал на најдолната граница што, ете, не дозволува ни купување и собирање сликички за ЕУРО 2012! Исто така, и Македонија историски е многу поместувана и сега, во дефинираниот регион, нема веќе простор каде да се помести.
Освен ова, Македонија е и земја со голем број доселеници: од Егејска и Пиринска Македонија, од Босна, средна и јужна Србија, Косово и од Санџак. Тоа го прави населението воопшто да биде поделено и сè уште недоволно кохерентно како нација и со тоа се објаснува недостигот на граѓански активизам кај нас. Но, тоа што дава надеж и што беше вистина, на пример, за Америка и за Турција, е дека токму вакви раселени луѓе градат одржлив систем на држава: луѓето што загубиле еден дом уште повеќе го чуваат нивниот втор дом! Само тој што ќе го разбере и ќе работи на ова, навреме ќе биде на вистинската страна.
Сепак, ние заслужуваме и вака, со неколку дена задоцнување, да си го честитаме 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот!
Колаж: Џули Веиц
Тие што протестираат пред
Испратено на 13 мај 2012 од Па види сегаТие што протестираат пред амбасади, па и пред влада, не значи дека се во право.