Дезодоранс против смрдеата на животот

12.05.2012 14:07
Дезодоранс против смрдеата на животот

Пуштен е нов дезодоранс против смрдеата на животот во Македонија. Во „монструозно“ пакување (500 млл) на барањето на вистината за убиствата кај Смилковско езеро од страна на оние кои направија сè да произведат околности во кои тоа нема да биде можно.

Мојата детекција е скромен прилог кон историјата на шизофреноста за која пишува професорот Грчев во единствените колумни со кои можете да се спуштите на македонското дно и безбедно да ги посматрате ендемските форми на флората, фауната и лудоста.

Не сум сигурен дека Македонецот е во состојба да разбере дека убијците на вистината не можат да допрат до вистината за убијците.

Системот кој се темели на стахановска хиперпродукција на стварноста како лага, на лагата како стварност и на себе си како грандиозна измама, може да се впрегне во потрага по вистината за едно злосторство само ако му се предочи дека потрагата ќе се одвива како сурвајвл шоу во кое тој ќе победи. Ако во однос на системот на лагата злосторството може да биде тоа што за една цицлеста плавуша е гранд парадата на свежото женско месо.

Пред да бидат убиени децата во Радишани во Македонија беше убиена идејата за државата како нешто сериозно, строго и минимално неспорно праведно. И за полицијата како јавен сервис. Шврговски и тие пред него прифатија да ја играат улогата на портири во борделот што нацијата успеа да го изгради врз темелите на бившата република, судовите да бидат кирби апарати со кои власта ќе ја чисти флеката на другоста, собранието да ги дига куполите на својата бесмисла, а владата да функционира како дружина што ја слави државата како премија што ја има добиено на големата томбола на историјата, претседателот да расте како фикус во скроз зелената (резедо) градина на македонизмот, Филе да најави дека нема да престане да се прави луд и, еве го, не го мрзи човекот, се преправа дека преговара, остава впечаток дека верува кога слуша дека ќе ги решиме сите проблеми што бевме ветиле дека ќе ги решиме пред една, две или три години и уште пред тоа кога Штефан беше Оли, демек ќе сме правеле независно судство и медиуми (се скинав од смеење), а ние сонуваме дека ако сето тоа го истрпиме ќе бидеме спасени. Дека, кај и да е, ќе ни дадат субвенции за вили со базени и палми коцекабани во рајот. Идиоти.

Во земја во која сите се преправаат за сè, вистината не е можна (Грчев), а таму кај што во дадените околности вистината не е можна треба да се сменат околностите, рекле Срѓа Поповиќ, Ѓорѓи Хегел, Бранко Тричковски и некои други рокери на мислата. Таму, пак, кај што секој лаже за сè што е значајно, оној што ја кажува вистината почнува да делува, било да е свесен за тоа или не. Така и тој се вплеткува во политичките процеси, зашто, во случај да преживее, што не е сигурно, тој почнува да го менува светот (Дубравка Стојановиќ).

Не би ги цитирал овие умности да не е дека се занесуваме дека ќе го смениме светот, колку и да звучи будалесто тој апел на фонот на времето во кое самоидиотизацијата се промовира како егзистенцијален услов број еден.

Сè уште сме во временската отсечка во која жртвите се реални, а другото е театар во кој лудаците ги забавуваат идиотите. Но, со брзина на светлината се доближуваме до временската зона во која и жртвите ќе можат да бидат лажни или нестварни. А вистинити. Во кое убиствата ќе се произведуваат како политички агенси од три, пет, десет или повеќе милиграми, пардон, души. Во време во кое убијците по кои се трага би можеле да бидат лажни, во кое истражителите би можеле да ги истражуваат убиствата што самите ги извршиле. Како политички импулси или нешто слично. Како во последните војни на територијата на бивша Југославија во кои српски паравоени единици во хрватски униформи палеа српски села, а Хрватите хрватски за да го напумпаат сопствените народи со осветнички адреналин.

„Материјални докази за акцијата ’Монструм’ има доволно и врз основа на тие докази може да се формира обвинителен акт со кој осомничените ги товариме за кривично дело тероризам“, рекла министерката Јанкуловска при промоција на проектот ’Безбеден град’, седум дена по спектакуларната акција.

Доволно докази. Хм, не сум сигурен дека тоа е доволно. Кои докази, каква е приказната, што може да се склопи врз основа на тие докази, кој, кога, каде и зошто ја организирал целата операција кај Смилковското езеро, имал ли политички контакти и поддршка, зошто дел од групата убијци останале, практично, на местото на злосторот и што е во тој случај со митот за Косово како расадник и рај за радикалните исламисти, терористи и слично, каква е структурата на разбиената исламистичка ќелија, кој ја финансирал, какви операциии презела или намеравала да преземе, кои луѓе ги ангажирала во Македонија и во регионот, со какво оружје и материјално-финансиски средства располагале (два-три пиштола не се многу убедлив аргумен), врз основа на што се тврди дека тоа е група на радикални исламисти, што значи да се биде радикален исламист.... Вистината за таа работа, се разбира, ќе ја утврди судот, но кои се основите што ѝ овозможиле на полицијата да каже тоа што го кажа на први, односно на втори мај.

Епопејата на битката против радикалниот исламизам кој се бори против НАТО тука и во Пакистан и во Афганистан и одбрал, од некои непознати причини, да убие петмина Македонци за да ја промовира својата нова формула на борба против западната доминација, падна на ’доволно докази’ за пет кривични пријави за тероризам и незаконско поседување на оружје. Воздржаноста и на некој начин сомничавоста во американската реакција, реакцијата на ДУИ, протестите во Скопје итн, ја вратија ринглата на министерката на единица и сега водата за славеничкото кафе никако да зоврие. Зоврива едно друго тенџере, тоа во кое се крчка свеста за општата манипулација и инструментализација.

На светот му требаше еден ден за да ја прочита оваа шема и да ја симне од својата медиумска сцена приказната за спектаклот на осумстотините полицајци кои деноноќно работеле не се знае колку ноќи и колку денови за да произведат под диригентската палка на режимот – што. Ништо во смисла на тоа за што режимот се препорачува и сè што е тотална дијагонала на тоа: немир, нестабилност, актуелизирање на прашањето за судбината на оваа држава.

Лагата и манипулацијата, општата инструментализација на системот на едно ниво се претвораат во почеток на неговиот крај. Во еден фејскубовски пост напишав дека политичката гранд парада под кодното име ’Монструм’ нема да ги уништи ќелиите на радикалниот исламизам во Мкедонија туку дека ќе ја урне единствената ќелија на власта. Логично би било да се мисли дека тоа што почива на лага или што е лага ќе биде урнато со лага. Но, во овој овој случај и вистината може да има уривачки моќи.

Големиот проблем, речиси нерешлив врз основа на актуелната културна матрица, е во тоа што никој не е во состојба да ја проектира пропаста на Македонија како Основна идеја на власта. Меѓуетничките односи и комплексите на Македонците (името, Александар, Самоил и други тралалајки, сосе барокот и барокми бејби) и вакви конкретни настани се прекрасни прилики.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Алиса Велингер

Точно така, за рокерот на

Точно така, за рокерот на мислата Б.Т. ни убијците да признаат пред судот во Хаг тоа нема да биде доволна вистина.

Точно, вистината е убиена. Но, од кого?

Македонското општество од

Македонското општество од секогаш патело од готвачи кои пробувале да го додадат најновиот трендовски светски зачин во македонската манџа, надевајки се притоа дека , некако заради зачинот, манџата ке личи, барем на вкус, на јадењето на кое му се восхитувале таму некаде далеку во светот. Притоа не водат сметка за моментот во кој го додаваат зачинот. Па така во најголемиот дел од случаите иако се работи за добар зачин, неговиот ефект е тотално анулиран поради фактот што многу рано е ставен во манџата.
И тука настанува еден голем проблем. Заради тоа што готвачите се суетни суштества, и затоа што манџата не се однесува како јадењето од светот, се презентираат илјадници причини зошто не успеал зачинот. Де не чинат состојките во манџата (селски се, не се ко оние од светот), де не чини оригиналниот рецепт, , де некој пробува да го смени рецептот на манџата а сега и најновото оправдување, сите кога пробуваат од манџата се преправаат дека е добра за јадење. Како потврда за тоа ви ги кажуваат мислењата на оние сите странски готвачи кои го препорачале зачинот, иако тие странски готвачи ниту јаделе македонска манџа, ниту пак имаат појма како се прави, ниту знаат како треба да изгледа крајниот вкус. Затоа, драги наши готвачи, концентрирајте се на оригиналната македонска манџа, не пљукајте во неа, не ја загадувајте, и пробајте да ги додавате зачините правовремено, за да ни успее јадалцето.

ОкоБоли главаВицФото