Ајде да прошетаме

14.05.2012 09:18
Ајде да прошетаме

Познато е дека зборот „шета“ (гулять1) има неколку значења на руски јазик. Понекогаш тие значења се испреплетуваат меѓусебно, а понекогаш целосно се прекриваат едно со друго.

Понекогаш, во буквална смисла на зборот, да шеташ значи да одиш (поединечно или во група) со бавен чекор по улицата, сенчестиот дрворед, шумската патека, училишниот или болничкиот ходник, селската уличка потпевнувајќи и свирејќи на малата хармоника, по булеварот со бастун или со дама под рака.

Да, токму по булеварот. Меѓу другото, булеварите се смислени за тоа. И тоа многу одамна. И токму како нашиот стар познајник, оној ветрогон и помодар Евгениј Онегин, ние денес понекогаш излегуваме на некој од нашите булевари и шетаме по нивните пространи шеталишта сè додека будните и внимателни специјалци не нè избркаат оттаму.

Патем, овие последни празнични денови, специјалците исто така шетаат по центарот на нашата престолнина. Но, тие шетаат во малку поинаква смисла на тој збор. Оваа смисла е поблиска до она кое често е проследено со разговорот: „А, што велиш? Добро се ’изнашетавме’ сношти! Беше одлично. Еве, мене сè уште ме боли главата“. Специјалците не можат да се жалат на главоболка бидејќи имаат шлемови. Затоа останатите учесници во прошетката се жалат, бидејќи специјалците, освен шлемови, имаат и палки. Ете ви еден убав пример како разните значења можат да се испреплетат.

Сосем неодамна, бидејќи бев непосреден сведок (и во некоја рака учесник) на „прекинот“ на една наша прошетка по Никитскиот булевар, ме повикаа на ТВ каналот Дожд да ги изнесам моите впечатоци по повод тој настан. И јас ги изнесов. Пред крајот на нашиот разговор, водителот речиси извинувајќи се ме праша дали јас и понатаму ќе се шетам на местата во градот по свој слободоен избор (во смисла, онаму каде што ќе ми се посака) или, барем на одредено време, ќе се откажам од тие свои прошетки. Отворено му одговорив дека тоа е мојот град, дека тоа се моите улици, моите булевари, моите клупи, моето детство и младост и дека немам ни најмала намера да се откажам од своите стари навики. И уште му реков дека, се разбира, тоа не е манифестација на некаква моја „лудачка храброст“, туку дека е моја најобична, банална себичност. Немам намера на некои непознати луѓе доброволно да им го предадам својот град. Дотолку повеќе ако тие луѓе се однесуваат како окупатори.

Некаде во тоа време телефонски ме побара Гриогориј Чартишвили (Борис Акуњин) и ме праша дали сакам, во друштво со уште неколку мои колеги писатели, заедно да прошетаме по булеварите на нашиот град. Веднаш се согласив. Се случи нашата стара, сосем приватна навика повремено да се сретнеме и никаде не брзајќи – во лесен разговор за што било (па и книжевоста), спокојно да шетаме по булеварите и старите улички на нашиот град – наеднаш да добие црти на општествено ангажирана акција.

Признавам, претворањето на приватното во јавно (и обратно) е тема која веќе сама по себе и доста интересна. Но, во конкретниов случај, благодарение на силните напори и крајно неспремните и апсолутно неспособни власти, последниве денови се случи зборот „прошетка“ сосем неочекувано да добие уште една нова, овојпат општествено-политичка конотација. „Прошетка“ и „протрест“, „прошетка“ и „отпор“, „прошетка“ и „демонстрација на нашиот однос кон власта“, наеднаш сиве овие зборови стана синоними. И тоа е дело на нивните раце. Сами тоа го замесија. Сами си направија себеси, кога ќе ги слушнат граѓаните како едни на други си го упатуваат беначајното прашање „ќе се прошетаме?“, да мораат да треперат во страв.

И, ајде да прошетаме! Да се прошетаме во пријатното друштво на веселите и добронамерни луѓе. Ако ме прашате мене, ова средба лично ќе ме израдува. И онака не се среќаваме толку често како што би сакале. Со еден збор, ајде да прошетаме!

Извор: Grani.ru

Слика: АМТК колектив

_______________

[1] Покрај „шета“ и „безделничи“, глаголот „гулять“ на руски значи уште и „се весели“, „поминува време во пијанчење“, „лумпува“.

Се влажните на зборот

Се влажните на зборот „протести“, а?

Слични содржини

Општество
Општество
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Технологија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото