Грчките и германските грешки

14.05.2012 11:30
Грчките и германските грешки

Во 2010 г. во Грција почна еврокризата. Многу Германци до денес, а посебно по изборите пред една недела, се надеваа дека приказната со Грција е завршена. Ваквиот став се покажа како чиста илузија. Дури и кога владата во Атина би објавила банкрот и би ја напуштила еврозоната, со тоа проблемите не би биле решени. Напротив. Последиците од ваквиот потег по Грција би биле хаотична политичка ситуација, масовни социјални крахови и драматично осиромашување.

Но и граѓаните на Германија набрзо би почувствувале како апстрактната криза станува многу реална кога потресите преку Италија, Шпанија и Португалија ќе се прошират на целата еврозона. Последиците по благосостојбата, работните места и социјалната кохезија би биле драматични, дури и во Германија. Популистите кои денес нудат едноставни решенија би биле замолчани – но по која цена?

Поминаа речиси две години откако германскиот Бундестаг го одобри првиот пакет со помош за Грција. Две години подоцна зад нас има голем број пакети со помош, финансиски инјекции на централните банки, програма за штедење и структурни реформи, од едната, и постојаното влошување на еврокризата, од друга страна. Лекот кој го пропиша Ангела Меркел очигледно не дејствуваше, тоа е барем јасно: на економијата не ѝ помогна, а на политиката уште помалку. Очајот се шири низ континентот и наоѓа свој израз во различните резултати на изборите кои се одржаа во последно време. По две години гигантски напори и уште поголеми неуспеси, крајно време е попрецизно да се позанимаваме со дијагнозата за европската болест.

Еднодимензионалното објаснување дека народите од југот на Европа живееле над своите можности и дека сега едноставно мораат да штедат, очигледно, не е точно.
Најмалку три политички грешки беа потребни за еден од најбогатите региони во светот да се одведе во вакви проблеми.

Првата грешка беше онаа на основачите на монетарната унија, кои создадоа заедничка монетарна политика без заедничка фискална политика, со тоа создавајќи основа која земјите од еврозоната економски сè повеќе ги оддалечуваше една од друга наместо да ги приближува.

Втората е недостатокот на одговорност на владите од државите во криза. Шпанија и Ирска се придржуваа до ограничувањата поврзани за дефицитот, но целосно ги игнорираа проблемите на своите банки и шпекулациите на шпанскиот пазар на недвижнини. Грчката политика со години ја игнорираше реалноста, за што сега не може да ја обвинува Европската комисија која, иако знаеше што се случува, не реагираше.

Третото нешто на кое мора да обрнеме внимание е тоа дека Германците со својата економска политика придонесоа за пораст на напнатоста во еврозоната, бидејќи и понатаму настојуваа на одржување на ниското ниво на заработка, иако немаше опасност од губење на конкурентноста на германската економија.

Тврдењето дека Грците се против штедењето и реформите исто така не е точно, бидејќи и покрај големите социјални крахови, преку буџетските кратења, кои се без преседан во Европа, го намалија дефицитот. И луѓето и политичарите се подготвени за жртви, но им е потребна перспектива. Наместо тоа, сведоци сме како општото штедење во Европа само ја засили кризата и покрај сите програми за штедење, реалното задолжување растеше и понатаму расте. Штедењето ја изгуби својата смисла.

Германците лесно ги отфрлаат повиците на Франсоа Оланд за поттикнување на растот, означувајќи ги како враќање кон старата пракса. Барањата за промена на стратегијата се добро поткрепени, бидејќи го следат едноставното сфаќање дека задолженоста не е единствениот, а посебно не е најголемиот причинител на еврокризата, па затоа и штедењето не може да биде единствениот лек.

Разорниот биланс на германската политика наведува на прашањето: Дали Ангела Меркел е навистина на позиција на странските шефови на држави да им дели лекции по економија? Стереотипните предупредувања од Германија за последиците од програмата за поттикнување на растот целосно ја игнорираат европската стварност. Никој искрено не ги разгледува програмите за поттикнување раст. Дебатата во Германија претежно се води околу тоа како да се продолжи периодот за намалување на дефицитот и за тоа кои мерки треба да се преземат за да се ублажат последиците од нова рецесија во Европа врз германската економија, и притоа фокусот не е на инвестициите низ ново задолжување, туку врз одредени мерки на штедење во самата Германија.

Апсурдно е да се игнорираат последиците од политиката на штедење кои таа ги има врз растот, невработеноста и самите јавни финансии. Штедењето е потребно, но тоа не е сè: па, зарем некој по две години еврокриза сè уште може да го оспорува тоа?

Извор: Frankfurter Rundschau

Цртежи: Дејвид Вајт

ОкоБоли главаВицФото