Како сапуниците го променија светот

14.05.2012 12:20
Како сапуниците го променија светот

Сапуниците ретко кога се споменуваат во позитивен контекст. Главно се критикуваат поради плиткоста и создавањето зависност. Меѓутоа, одредени претставници на овој жанр успеаја да го спојат пријатното со корисното, па мелодрамата која привлекува внимание на милиони гледачи ја користат за да придонесат за позитивни општествени промени.

Сапуниците така послужија за да се пренесат важни пораки за човековите права, сексуалното здравје, описменувањето на населението, претприемништво, итн.

Би Би Си радио и Министерството за земјоделство во 1951 година ја снимија радио серијата The Archers, „приказна за обичните луѓе од село“, која ги потикнаа земјоделците да испробаат нова техника за да го зголемат производството во периодот по Втората светска војна.

„Едно е да прочитате убедлив аргумент во весниците, а друго кога ќе ве убеди моќта на човековиот глас,“ вели Ендру Крисел, професор по медиумски студии на универзитетот Сандерленд во Велика Британија.

„Предизвикот беше да ја пренесеме пораката, а луѓето да не се чувствуваат како да ги критикувате или им делите памет.“

Приказната за куќната помошничка која се збогатила благодарение на својата вештина со машината за шиење во 1969 година понуди образец за револуција во образованието на широките народни маси.

Simplemente Maria, перуанска тевеновела – сапуница со мал број епизоди – била особено популарна низ Латинска Америка и довела до зголемен пораст во продажбата на машини за шиење и на бројот на запишани студенти по курсевите за шиење.

Simplemente Maria особено била попуарна во Мексико, каде што, како што се зборува, била погледана од Светското првенство во фудбал во 1970 година.

Мексиканскиот телевизиски сценарист Мигуел Сабидо започнал да го изучува феноменот на серијата Simplemente Maria. Претходно напишал неколку популарни сапуници за главната мексиканска телевизиска куќа, но бил фрустриран со празнотијата на содржината. Тој составил методологија која писателите би требало да ја користат за да напишат серија која истовремено ќе биде популарна и едукативна.

Половина од работната сила во Мексико била неписмена во 1975 година. Иако владата лансирала програми за описменување на возрасните лица, наишла на мал одзив.
Сабуди ја напишал серијата која се викала Ven Conmigo, во која еден стар човек завршил курс за описменување, за потоа, во трогателна сцена, по прв пат да го прочита писмото кое го добил од својата ќерка.

Во епилогот биле наведен центри во кои можело бесплатно да се добијат учебници за описменување. Следниот ден, по учебници дошле 25.000 луѓе, а уписот во владината програма се зголемил двојно во текот на годината.

Индира Ганди, премиерката на Индија, во 1984 година го повикала Сабид да работи на првата индиска серија. Тој ја напишал Hum Log, серија која се занимавала со прашања како што се односнот помеѓу кастите и еманципацијата на жените – и која привлекла верна публика од повеќе од 50 милиони луѓе.

Една од јунакињите, девојка од хиндуско семејство, се заљубува во детектив кој е муслиман, додека друг лик од серијата сака да се ожени со девојка од пониска каста.
„Во тие шест или осум ликови претставени се новите индиски вредности, подруг пристап кон кастата. Тоа била храбра и убава визија за Индија каква што би можела да биде.“

Секоја епизода се завршувала со порака од славниот глумец Ашор Кумар, кој ги охрабрувал гледачите да разговараат за проблемите обработени во серијата. За време на 17-месечното емитување, тој примил повеќе од 400.000 писма од млади гледачи кои го молеле да ги убеди нивните родители да им дозволи да се оженат/омажат по сопствен избор.

Но, сиромашните луѓе немале телевизори, па продуцентите сфатиле дека поголемо влијание ќе остварат преку радио.
Поради тоа во 2002 година ја снимиле радио драмата „Тара“, со место на случување во индиската држава Бихар, која се занимавала со дискриминација на девојките, во однос на машките.

Истражувањето направено за ова серија открило дека девојките во Бихар не го славеле својот роденден, па сценаристите одлучиле да раскажат приказна за мала храбра девојка која успеала да ги убеди родителите да ѝ приредат роденденска забава. Слушателите ширум регионот внимателно следеле како девојката ја планира својата прва роденденска забава.

Истражувањето кое по завршување на серијата го направил Арвинд Сингхал, професор по медиуми на универзитетот во Тексас, открило дека девојките од регионот започнале да слават роденден.

Исто така, како резултат од Тара биле отворени неколку школи.

Британската сапуница Eastenders во 1989 година го покажала првиот геј бакнеж на британската телевизија, на што еднен британски весник напишал „Ѓубре! Тргнете го ова од нашите екрани“. Глумецот Мајкл Кешман добил цигла низ прозорец.

„Околу вториот бакнеж речиси и да не се кренала прашина. Третиот бакнеж едвај некој и да го забележа,“ напишал Кешман за весникот The Mirror.

Голем број сапуници во Источна Африка го разбија табуто, отворено зборувајќи за прашања за сексуалното здравје.

Една серија во Судан зборува за агонијата на девојките кои биле подложени на обрежување, и за проблемите кои тоа ги создало. Помеѓу 2004 и 2006 година, кога серијата била емитувана, анкетите покажале растечко противење кон праксата на обрежување на жени.

„Ние се занимаваме со овие прашања не осудувајќи ги оние кои практикуваат обрежување на жени, само го насочуваме вниманието на фактот дека тоа може да им наштети на оние за кои се грижат,“ вели Кети Елмор од продуцентската куќа Population Media Centre.

Радио серијата за млади во Етиопија, помеѓу 2002 и 2004 година, довела до пораст на побарувачката за контрацепција. По емитувањето на серијата Dhimbibba, едно независно истражување открило дека четвртина од оние кои побарале совет за контрацепција во 48 здравствени домови биле поттикнати од серијата.

Кога Талибанците беа на власт во Авганистан, тимот на BBC сними радио драма ги промовирала правата на жените и им зборувала на слушателите како да избегнат опасност од мини, кои се распространети по целата земја.

Според истражувањето на ОН, оние кои редовно ја следеле серијата New Home, New Life биле изложени на двојно помал ризик од мини.

„Најекстремните во редовите на Талибанците беа загрижени и опседнати со серијата“, вели Гордон Адам, еден од продуцентите.

„Тие ја разгледувале можностa за забрана на серијата. Секако, тоа беше невозможно да се спроведе, со оглед што толку многу Талибанци уживаа слушајќи ја серијата.“

Зошто „сапуница“?

Жанрот своето име го доби во 1931 година кога првата серија на радио драмата „Клара, Лу и Ем” го привлече вниманието на производителот на детергенти Colgate Palmolive. Дневната серија имала верна публика меѓу домаќинките, па Colgate Palmolive стана нејзин главен спозор, користејќи ја за рекламирање на детергнети.

Влијанието на Холивуд

Организацијата со име „Холивуд, здравје и општество“ работи со популарните серии во Америка со цел да промовираат приказна за здравствени прашања. Соработувале со сериите Доктор Хаус, Вовед во анатомија, Закон и ред, Scrubs и Очајни домаќинки, работејќи со сценаристите и пренесувајќи им приказни за вистински луѓе.

„Ние не го диктираме сценариото, ние ги почитуваме сценаристите како главни раскажувачи,“ вели директорката Сандра Бофингтон, „ние само им даваме факти и бројки и им помагаме да ја направаат приказната пореалистична.“

Извор: BBC News

ОкоБоли главаВицФото