Расправа со пиратите: авторите го возвраќаат ударот

14.05.2012 12:35
Расправа со пиратите: авторите го возвраќаат ударот

Нова рунда во борбата за авторски права. Германските автори во отворено писмо предупредуваат на искористувањето на нивните права.

„Скржавост и алчност доминираат во однесувањето на крадците во дигиталната ера“, велат писателите.

Многу истакнати и успешни германски книжевници, од ветеранот Мартин Валсер, преку претставникот на средната генерација Франк Шетцинг, па до „enfant terrible“ на денешната германска литерарна сцена Шарлот Роше, сметаат дека нивните авторски права во Германија се во опасност.

„Ние сме сопственици на авторските права“, стои во апелот на повеќе од стотина уметници објавен во неделникот Die Zeit, кои сакаат да се борат против сите слаби правила за зашитата на авторските права во денешната дигитална ера.

„Авторското право е историско достигнување на граѓанската слобода во однос на феудалната зависност и гарантира материјален темел за индивидуално духовно творештво.“

Кражба на духовната сопственост?

Ова достигнување сѐ повеќе во јавноста се доведува до прашање, се жалат авторите на отвореното писмо. Тие сметаат дека, со тоа што сѐ повеќе корисници на интернет разменуваат музички снимки, видеа или електронски книги и сето тоа без плаќање на авторски права, ги загрозуваат темелите за живот. Единствено со авторските права на уметниците им се овозможува да живеат од своите дела. На оние кои се залагаат за реформа на досегашните правила за авторски права, потписниците им префрлаат дека: „сакаат да легализираат обична кражба на духовна сопственост“.

Тука како повикана, пред сѐ, може да се чувствуа Пиратската партија која се залага за опширна реформа на авторските права. Оваа млада партија копирањето текстови, музика и останати уметнички дела за приватни, некомерцијални цели не го смета за кражба. „Песните кои најмногу се ’симнуваат’ од интернет, истовремено се и најпродавани“, ги аргументира своите тези специјалистот за авторски права кај Пиратите, Бруно Крам.

А токму таквиот став авторите на отвореното писмо го критикуваат со најостри зборови: „Секојдневната присутност и користење на интернетот во нашите живот не може да оправда никаква кражба и никаво извинување за алчноста и скржавоста.“ На ваквото стојалиште на интернет адресата www.wir-sind-die-urheber.de се придружија веќе стотина истомисленици.

Ние не сакаме да ги укинеме авторските права

Но, зборовите како што се ’алчност’ или ’скржавост’ членот на Пиратската партија, Крам, никако не ги прифаќа. Тој тврди дека работите не се така едноставни како што во своето писмо ги претставуваат истакнатите автори. Наместо низ полемика да се гради фронт, би требало отворено да се расправа како при користење на интернет би можело да се земат предвид различните интереси на уметниците од разни области како што се на пример книжевноста или музиката.

„Ние сме сопственици на авторските права“ – оваа дефиниција повеќе не е точна, тврди Крам. Истакнатите автори, музичари или глумци со своите издавачи или агенции потпишуваат профитабилни договори. Но, за поголем дел од уметниците, без оглед дали се работи за глумци, писатели или музичари, тоа не важи. Овие уметници од реформите на авторските права би можеле значајно да профитираат: „Ние не сакаме да ги укинеме авторските права, но сакаме темелно да ги реформираме за во денешно време да не бидат постојано во судир со корисниците на интернет.“

Каде се тука интернет корисниците?

Што тоа значи во пракса? Пиратите, на пример, сакаат да се скрати рокот за зашита за користење на некое уметничко дело. Моментално некој текст или музичко дело дури 70 години по смртта на авторот станува општо добро, значи може да биде неограничено копирано или користено. Пиратите исто така бараат да се развие нов модел на плаќање за користење на уметноста на интернет.

Во меѓувреме се јавија и бројни корисници на интернет под девизата „Ние сме граѓани и граѓанки“. Тие бараат правните рамки да се постават така што ќе „останат зачувани интересите на носителите на авторски права и истовремено колку што е возможно повеќе луѓе тие правила да ги сметаат за праведни и да се придржуваат до нив. Само на тој начин може да биде пошироко прифатена вредноста на содржините заштитени со авторските права“.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото