1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
До претстојниот самит во Чикаго останаа само неколку дена. Период кој е прекраток за да се постапи дипломатски и да се отвори вратата на нашата држава за влез во Алијансата. Во 2008 година во Букурешт, со ветото кое за нашиот влез го стави Грција, ни беше направена неправда. Со неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд за правда во Хаг докажавме дека сме во право и дека со таквото однесување Грција не ја почитува привремената спогодба да не ги попречува нашите интеграции во меѓународните институции. Меѓутоа, тоа не значи дека треба еуфорично да славиме и да чекаме меѓународната заедница ширум да ни ја отвори вратата за влез во Алијансата и во ЕУ.
Предизвици
Напротив, сите релевантни меѓународни институции од Советот на Европа, преку НАТО и Меѓународната кризна група, како и сериозни домашни и странски анлитичари како што се професорот Даниел Сервер, Сабине Фрејзер, директор на НАТО програмата за Европа, медијаторот Метју Нимиц, претседателот на Унијата Ван Ромпуј, еврокомесарот Штефан Филе, до Звонимир Јанкуловски, Денко Малевски, Мерсал Биљали и други, предупредуваат дека ова беше погоден момент двете страни – Скопје и Атина – да ја искористат пресудата како поттик за удвојување на напорите за решавање на спорт за името.
Бидејќи, како што вели професорот Даниел Сервер, пресудата не влијае на одлуката што НАТО сојузниците ја донесоа на Самитот во Букурешт, ниту влијае на промена на ставот на членките на Алијансата дека Македонија ќе добие покана веднаш и само откако ќе биде најдено обострано прифатливо решение за прашањето за името. Дури и по пресудата на Судот јасно е дека нема скратен пат, бидејки покрај правната димензија која е на страната на Македонија, политичката димензија останува во рацете на оние кои одлучуваат во рамките на НАТО и ЕУ, а тоа е консензус при донесување на одлуките. Што значи дека Грција повторно може и има право да стави вето повикувајќи се на сосема друго-трето прашање, не спомнувајќи го прашањето за името.
И меѓу политичарите и меѓу обичните граѓани во Македонија постои консензус за нашето членство во Северноатланската алијанса. Но, колку нашите граѓани знаат за НАТО? Кои се правата и обврските кои ги наметнува членството во Алијансата. Кои се и зошто интересите на НАТО на Балканот?
Да не постоеше, НАТО денеска ќе требаше да се измисли. Бидејќи, како што би рекол Кристоф Бертман, еден од еминентните европски познавачи на безбедносно-политичките предизвици во светот, теоретски НАТО ги нуди сите предности на институција која е најпогодна за соочување со глобалните безбедносни предизвици.
Токму затоа НАТО ги отвори вратите за Западен Балкан (Албанија и Хрватска), вклучително и за Македонија на самитот во Букурешт за да ѝ ги затвори вратите на евентуалната криза која може да произлезе од нестабилното Косово и рамковна Македонија. Бидејки овие прашања сè уште стојат отворени, тоа би значило дека Македонија по Пресудата, на предстојниот самит во Чикаго ќе добие покана за влез во Алијансата врз основа на чисто политичка одлука. За возврат, според аналитичарите, сепак ќе мора да направи некои отстапки во спорот за името со Грција.
Каде грешиме
За Македонија е ризично и нема да влезе во НАТО ако не се промени провокативната политика на премиерот Груевски.
Да потсетиме, само неколку часа пред конечната одлука на самитот во Букурешт бевме убедени дека сигурно влегуваме во Алијансата. Таков оптимизам влеваше и посредникот во грчко македонскиот спор Метју Нимиц, а такви изјавии доаѓаа и од врвот на САД.
Грција се двоумеше до последниот момент дали да даде зелено светло. Нејзината аргументација да гласа против нашиот прием, која наиде на разбирање меѓу северноатланските партнери покрај името кое во тој момент можеше да биде и периферно прашање, беа преименувањето на аеродромот Петровец во „Александар велики“, промена на регистерските таблички, поставување на скулптурите пред владата, најави за изградба на споменици...
Нужен аргумент за нереализација на Хашката пресуда и сега ќе бидат настаните што ја дополнија грчката аргументација: дека и понатаму провоцираме и не се залагаме за добрососедските односи. Најголем потенцијал за прием и грешките за негативна одлука на следниот самит лежат, според западни дипломатски кругови, во однесувањето на македонската страна. Понатамошната еуфорија со изградба на античките споменици на новиот Воин во ликот на Филип Втори Македонски и сличните, инаку можеби легитимни потези на македонските власти, ќе мора да почекаат поопортуни моменти за да се избегне овие „тактички“ маневри да го загрозат стратегискиот интерес за зачленување во НАТО.
Очигледно е дека овие два пресврти во расчистувањето на можните пречки за македонските аспирации за членство во НАТО ги поврзува клучната улога на САД.
Проблематизирањето на стабилноста на Македонија и нејзиниот модел на меѓуетничка демократија во конечно затворање на балканските проблеми, особено во завршните фази на косовскиот проблем. Вашингтон се обиде повторно да ги мобилизира „ресурси“ што ќе можат да ги „модифицираат“ состојбите на македонската, но и на грчката политичка сцена. Помошта од нашите „стратегиски сојузници“ беше кон создавање на уште една значајна можност за Македонија да ја осигура својата долгорочната иднина во Чикаго. Добиената шанса ја пропуштивме самите ние.
Условите за прием во ЕУ и во НАТО се практично идентични, и исполнувањето на услови за прием во Алијансата практично значи зелено светло и за прием во ЕУ (со некои дополнителни варијации кои се усогласени со заедничката надворешна политика на Унијата).
Проширувањето е процес, а не чин
Во следните потези (после Чикаго) многу е важно конечно власта и опозицијата да се солидаризираат околу ова прашање и до следниот Самит (кој не е услов за прием) да не се случуваат застои или некакви безбедносни гафови (а ги има) во државата.
Во 2012 година Македонија ќе одбележи две децении од одлуката на Собранието за проатланската ориентација, 17 години во Партнерството за мир и неколкугодишно искуство во мировните мисии во Авганистан и други кризни жаришта. Војнички гледано, нашите шанси се оптимистички.
Во изминатите петнаесет години на проширување, Македонија, која стапи во Партнерството за мир уште во 1995 година, постојано се надеваше дека ќе добие покана за членство. Но, споменатите надежи беа повеќе резултат на политички волунтаризам, субјективни желби и нереални реакции, отколку на објективни проценки.
Во овој контекст ќе се обидеме да ја анализираме меѓународната и внатрешно-политичката позиција на Македонија, нејзините амбиции и слабости во периодот до проширувањето во 2008 година и од 2008 година до денес.
Во 1994 година, на самитот во Брисел, лидерите на Алијансата јавно се изјаснија дека се отворени за членство на другите европски држави. Проширувањето е објаснето како процес, а не како чин на прием.
На почетокот на деведесеттите години меѓу новите европски партнери од Централна и Источна Европа се појави сериозен „безбедносен“ страв и неизвесност. Поранешните членки на варшавскиот пакт, заедно со Словенија, Македонија и Албанија беа поканети да пристапат кон членството во Северноатланскиот Совет за соработка (NACC).
Потоа се засилија партнерските односи на НАТО со Украина, Унгарија, Полска, Чешка, и тие 1997 година станаа рамноправни членки на Алијансата.
Во тој период кога стратешки најзначајните демократии на централна и источна Европа целата своја енергија ја фокусираа врз интеграцијата во евро-атланските институции и ја афирмираа проатланската ориентација, Република Македонија зборуваше за еквидистанца како клучна надворешно-политичка ориентација, што најверојатно ги збунуваше и нашите атлански сојузници.
Со напуштање на политиката на еквидистанца, се создаде консензус за нашето членство во Партнерство за мир и доближување до Алијансата. Меѓутоа, тој пат долго време беше исполнет со незнаење и импровизации. Сите оние кои одблиску се запознаа со начинот на прием на новите членки, се отрезнија дека Алијансата во периодот на пост-студената војна никогаш не примаше за членки држави со внатрешни или надворешни стратешки слабости или конфликти. Основниот императив при приемот во Алијансата е прашањето: „Со што ќе придонесе вашето членство во јакнење на стабилноста и безбедноста во регионот?“
Во 2000-2001 предизвикавме регионална безбедносна криза, потоа следеше Рамковен договор и неговата тешка инплементација. По 2006 влеговме во ера на антиквизација, се успорија реформите во АРМ, се намали буџетот на армијата како услов за модернизација на армијата според стандардите на НАТО, за што минатата година добивме опомена и од Брисел. По самитот на НАТО во Букурешт се засили анти-нато расположението.
За жал, во однос на темата НАТО, македонските лидери години наназад поседуваа широка доза волунтаризам, наивно верувајќи дека Македонија сигурно ќе добие покана за членство „при првиот циклус на проширување“.
Што е НАТО за малите земји?
НАТО е воена алијанса на САД, Канада и 18 европски држави. Основана е во 1949 година за заштита на капиталистичкиот запад од социјалистичкиот исток.
Со рушењето на берлинскиот ѕид и со другите промени, пред сè во Русија, социјалистичкиот режим падна во 1989 година. Теоретски, НАТО ја изгуби целта на своето постоење. Но, наместо да го снема, тој себеси си зададе нови цели.
Во новиот стратешки концепт кој е усвоен во 1999 година, НАТО се овластува на „правото“ воено да интервенира во конфликтите кои се вон територија на земјите членки. За помалите земји кои се членки или аспиранти за членство во НАТО, како Република Македонија, на пример, мултилатералниот чадор на Алијансата ја потврдува тезата дека: за опстанок и прогрес на државата, бројот на пријателите во светот е поважен од бројот на тенковите дома. За мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална Македонија, членството во НАТО може да придонесе за дефинитивно ставање „ад акта“ на едно суштинско политичко и безбедносно прашање-територијалниот интегритет на земјата, сфатен како завршеток на еден долг процес на дефинирање на македонската држава. Тоа, индиректно, ќе овозможи уште поцврст демократски и економски развој на земјата. Странските инвестиции во Албанија и Хрватска по нивниот прием во НАТО десетпати се зголемија. Нато е гарант дека вложениот капитал нема да пропадне поради безбедносните ризици.
Паролата на НАТО е и да се осигураат некои вредности како што се : демократијата, почитување на човековите права, но и слободен пристап до енергетските потенцијали, заштита на регионалните партнери од терористичка војна, па сè до грижа за етаблираните културни и политички вредности како што се носење фереџе, право на глас и образование за жените до заштита на слободата на печатот кога, на пример, неколку објавени карикатури на една точка од земјината топка предизвикуваат лавина на реакции, со смртни и рушителни последици на другата точка од земјината топка.
Значи во овој глобализиран и непредвидлив свет, ѓаволот, буквално, ја однел шегата.
Што е НАТО за големите членки?
За поголемите земји-членки на НАТО или, пак, оние ангажирани во некоја од формите на соработка со НАТО, Алијансата претставува дополнување на нивните национални и регионални безбедносни аранжмани.
Примерот со Русија, иако е многу комплексен, е мошне илустративен: Територијално најголемата земја во светот и една од енергетски и рудно најбогатите, со бројност на население од само 140 милиони жители (и со негативна стапка на раст на населението од околу 700.000 жители годишно) на своите граници е притисната од десет пати побројната Кина со експлозивна стапка на прираст на населението и со голем недостаток на енергија и суровини. Русија нема друг избор, освен долгорочен аранжман токму со НАТО, што во една или друга форма подразбира евроатланско-руска соработка, „Енергија за безбедност“ и заеднички руско–НАТО пристап кон Кина во моделирање на понатамошната иднина на Алијансата.
Во другите делови на светот, НАТО покренува иницијативи за соработка како што се Медитеранскиот дијалог и Истанбулската иницијатива. Од причина што „на глобалните закани НАТО не треба да одговара со глобализирање на своето членство, туку со поединечни партнерски односи со држави кои ќе му помогнат на НАТО да ги пресретне глобалните закани“.
ЗАДАЧИ
Конкретни задачи кои Македонија ги исполни за влез во Алијансата:
1. Зголемување на транспарентоста во процесот на планирање на буџетските средства за одбрана;
2. Демократска контрола над воружените сили;
3. Способност и спремност да придонесе за успешно спроведување на сите операции под чадорот на ОН и или ОБСЕ;
4. Да воспостави и развие воена соработка со НАТО преку заемно планирање, обука и вежби за зголемување на готовноста и способноста на учесниците во партнерство, успешно да ги извршува задачите за одржување на мир, пронаоѓање и спасување во хуманитарни и други операции;
5. Долгорочно да ги гради своите воени потенцијали кои ќе бидат способни да дејствуваат заедно со силите на Северноатланскиот сојуз;
6. Оперативна интероперабилност, единиците на морнарицата, воздухопловството и пешадијата да бидат обучени според стандардите на НАТО и да бидат способни да дејствуваат во рамки на заедничка команда и контрола во структурите на НАТО.
Колку ќе нè чини НАТО?
Индивидуалната безбедност е сепак поскапа од колективната. Алијансата функционира по принципот на заедничко финансирање, и Македонија ќе мора во зависност од висината на БДП засега да уплаќа околу осум милиони евра годишно. На оваа сума треба да се додаде домашната потрошувачка за модернизација на вооружените сили и набавка на модерните хелихоптери, оклопни транспортери, авиони... Околу 40% од војниците морат да бидат постојано во кондиција за потребите на Алијансата. Бројката на наши војници кои се во Ирак и Авганистан во континуитет треба да се зголеми на 600, а трошокот да биде на товар на буџетот. Бројот на вработените во Министерството за одбрана треба да се зголеми двојно од сегашните над 3.000 на 7.700. Македонија од буџетот ќе треба да плаќа уште триесетина постојани воени претставници кои ќе ја претставуваат земјата во седиштето на Алијансата.
Циклуси
На ноемврискиот самит во Прага 2002 година се случи големото проширување. Алијансата географски се прошири меѓу Атлантикот и Јадранот до Балтикот, руската граница и Црното Море. Од Вилнус групата се примени Бугарија, Романија, Естонија, Летонија, Литванија, Словачка и Словенија.
Македонија , Албанија и Хрватска останаа да чекорат заеднички во рамки на Јадранската повелба која ја пополни празнината по приемот на Вилнус групата.
Во Рига во 2006 г. се очекуваше можна покана за отпочнување на преговори за членство. Амбиции на аспирантите беа реалани бидејќи индивидуално покажаа некаков прогрес.
Македонија беше третирана како шампион на реформите, што создаде лажна илузија дека членството во Алијансата е многу блиско. Одговорот беше директен: „Македонија не е подготвена за членство бидејќи не ги исполни обврските кои беа наметнати од страна на НАТО“.
Се разочаравме од непријатните оценки и не тргнавме со поголема решителност да се ангажираме на своите домашни обврски.
До следниот самит во 2008 во Букурешт им беше понудено на сите аспиранти да ги поправат своите перформанси. Хрватска и Албанија во целост ги задоволија критериумите, Македонија беше лидер во јадранската група и со право очекуваше и таа да добие покана. Се случи драматичен пресврт и Атина го искористи своето право да гласа против. Без консензус алијансата не можеше да ја прими Македонија.
Илустрации: Лука Батлер
Важи, ај да ги избереме
Испратено на 16 мај 2012 од СтавреВажи, ај да ги избереме твоите на власт, па они ќе рушат споменици, па ќе ни дојде НАТО како во Авганистан.
Да ти се мочам во НАТО-то.
Македонија е креатор на
Испратено на 17 мај 2012 од Игор С.Македонија е креатор на својата сегашност и иднина но не е самата крива за она што произлезе во Букурешт 2008. Не се сложувам со тоа дека Македонија ја прелеала чашата на Грција која се двоумела дали да даде вето за НАТО. Сепак, интересите на Грција се Македонија да не постои, да е слаба и Македонците кои за нив не постојат да се избришат од сите списоци на народи. Тоа е мошне поголем мотив одтколку споменици и провокации. Бенефиции од НАТО има но има и логика дека сме опкружени со НАТО држави. Ако тие самите немаат морал и интерес за мир и прогрес во регионот, нашето членство е небитно за нив. Под условите Македонците да ги променат најважните елементи на сопствениот идентитет за да постанат членка на организација која се залага баш да ги заштити демократијата, правото и човековите права не е рационално нити во нивен интерес. Македонија сепак мора да почека на подобри времиња. Незначи повлекување на молбата од НАТО и ЕУ, туку инсистирање на својот идентитет и меѓѕнародно право во својот пристап кон истите.