Демократија – но не против грчкиот народ

15.05.2012 10:13
Демократија – но не против грчкиот народ

Баш е глупаво кога луѓето не гласаат онака како што би требало. Како неодамна Грците. Тоа не оди така, можеме да чуеме овие денови, Грците и нивните политичари се едноставно толку глупави, толку неразумни или толку безобразни што би допуштиле да бидат спасени под условите на нашиот посебен пријател – пазарот.

Затоа да ги зацрвстиме шрафовите уште поцврсто и да пуштиме да бираат сѐ додека резултатот не ни се допадне; или можеби би било подобро веднаш да ги исфрлиме од евро клубот – се преовладувачки ставови во Берлин и Брисел.

Целата работа можеме да ја набљудуваме и од друг агол.
Моменталниот хаос во Грција можеме да го сфатиме како прво вистинско навестување на ескалирачката борба помеѓу демократијата и капитализмот. Бидејќи ако резултатот од изборите биде сличен како оној во Грција тогаш демократискиот капитализам дојде до своите граници. Тоа е побуна против експертократијата, побуна против владите кои повеќе не мора да ја уживаат довербата на своите граѓани, туку само на нашиот посебен пријател – пазарот.

Тоа се однесува на примериот на Грција, Лукас Пападемос, како и на италијанскиот премиер Марио Монти. Нивното доаѓање на власт можеме да го набљудуваме како еден вид државен удар против нашиот посебен пријател – пазарот. Во секој случај тие не поседуваат демократски легитимитет, но затоа ја уживаат довербата на нашиот посебен пријател.

За жал, Пападемос, ЕУ и ММФ за време на преговорите за различните пакети за помош и покрај многубројните барања упатени кон Грците заборавија една работа: воздржување од нови избори. Тоа, имено, би било доследно спреведување на ставот, кој гласи: оставете нè сите искушенија и грешки на кои се подложни политичарите да ги замениме со трезвени експерти и наместо демократија да воведеме технократија.

Тешко дека таквиот став во една сѐ уште каква-таква демократија и пред нејзината јавност би можел успешно да се брани. Понатаму: „Можеме ли да ги принудиме другите народи да се одречат од демократскиот суверенитет и во наредните децении да тежнеат само кон тоа да се покажат како добри должници кои долгорочно ќе ја осигураат својата платежна способност кон нивните доверители?“, поставува кристално јасно прашање социологот Волфган Штрек. „Кој ќе им објасни на граѓаните дека нивните политички стекнати права имаат второстепено значење споредени со правата на имателите на државни обврзници?“

Ова е конфликт за кој денес станува збор и кој се одигрува во Грција, Италија, Португалија, Ирска, Шпанија... Кога последниот демократски избран премиер на Грција, Јоргос Папандреу, се обиде минатата есен, условите испреговарани со ЕУ и ММФ за стабилизација преку добивање кредит во вредност однеколку десетици милјарди евра, да ги легитимира со референдум, во замена за имплементација на строгата програма за штедење, во истиот момент Ангела Меркел и Никола Саркози го отповикаа.

Се плашеа од одговор и предлогот на Папандреу го сметаа за наивен. Но, дали е будала оној кој сака народот да одлучи за егзистенцијалните прашања? Нели тој е демократ? Или будали се оние кои веруваат дека може да има демократија која е против народот? Тоа нема да помине, што веќе и покажаа резултатите од изборите во Грција.

Понатаму, елитите би морале да им објаснат на луѓето зошто е неопходно преговарање во вакви или онакви непријатни услови. Можеби за тоа постојат добри причини освен профитните интереси на интернационалните финасиери, причини зошто интересите на нашиот посебен пријател – пазарот – повеќе се вреднуваат од интересите на граѓаните на една земја. Мора да постојат добри причини со кои би се објаснило зошто уште повеќе дерегулации, либерализација и приватизација се вистинскиот пат надвор од кризата, криза која всушност и произлезе од дерегулацијата, либерализацијата и приватизацијата.

Грција исто така по вина на нејзините корумпирани, опседнати со власт и неодговорни елити стана најслабата европска алка. Затоа обидот капитализмот да се лиши од демократија започнува овде, во нејзината колевка. Она што го разбираме како грчки хаос е, всушност, борба која се однесува на цела Европа.

Извор: Frankfurter Runschau

ОкоБоли главаВицФото