Ленин се врати во Гдањск

15.05.2012 10:30
Ленин се врати во Гдањск

Капијата на бродоградилиштето во Гдањск, колевка на независните синдикати Солидарност и работничкиот бунт на Полјаците против комунистичкиот режим, и покрај протестите од дел од опозицијата и синдикатите, го врати поранешниот лик, со името на советскиот водач Ленин.

Завчера на полноќ започна монтажата на реконструираната капија број 2 од „Гдањското бродоградилиште Ленин“ со историските натписи „Пролетери од сите фабрики, обединете се!“ и „Ви благодариме за добрата работа!“. За разлика од досегашната темносина, вратена е сивата боја од соцреалистичките денови.

Реконструкцијата на старата историска капија ја наложи градоначалникот Павел Адамович.

Дозвола даде и Градскиот завод за заштита на споменици, бидејќи таму има комплекс културно-историски споменици. Во регистарот е запишан е Плоштадот Солидарност, пред влезот на бродоградилиштето, на кој се наоѓа и споменик на работниците кои загинаа во отпорот на Полјаците против тоталитарниот режим.

Полската опозициска десница и дел од синдикатот Солидарност го обвинија градоначалникот дека во колевката на полскиот бунт против комунистите недозволиво го враќа името на омразениот комунистички лидер.

Враќањето на старата капија се обидоа да го спречат и со кривична пријава против градоначалникот, обвинувајќи го дека ја пропагира идејата за комунизам, што според полскиот кривичен закон е забрането, исто како и пропагирањето на нацизмот.

Некои од лидерите нa Солидарност му порачаа на Адамович дека од историски причини слободно во Гдањск може да врати и некоја улица со името на Адолф Хитлер.

„Обновувањето на капијата треба да служи во образовни цели и да потсетува на настаните кои се одиграле таму пред многу години. Со тоа никој нема да биде оштетен“, објасни Јоланта Јаниковска Матусјак од надлежното обвинителство зошто пријавата е отфрлена.

Извор: e-novine