Историски пораз на партијата на Ангела Меркел

15.05.2012 11:14
 Ангела Меркел

Најважните избори во 2012 година во германската сојузна покраина Северна Рајна и Вестфалија се одржаа во неделата, 13 мај, со резултат кој не донесе големи изненадувања. Ханелор Крафт од Социјалдемократската партија (SPD) и понатаму, во коалиција со Зелените, ќе остане на чело на оваа покраина на западот на земјата.

Иако од изборните резултати никој не очекуваше некој голем пресврт, сепак целата земја, вклучувајќи го и кабинетот на канцеларката во Берлин, со голема нестрпливост и напнатост го следеше броењето на гласовите. Со оглед дека во прашање е најнаселената покраина (таму живеат речиси 18 милиони граѓани) која придонесува со дури една четвртина од бруто националниот производ на Германија, тоа и не е така чудно. Резултатите од изборите во Северна Рајна и Вестфалија секогаш вределе, ако не како показател за резултатите на избори на повисоко, односно, на државно ниво, тогаш барем како показател за нови политички коалиции односно, констелации. Тоа конкретно значи дека во 1966, 1995, и 2005 г. токму овде беа создадени нови сојузи кои подоцна се потврдени и на државно ниво.

Меркел и понатаму популарна

На изборите за покраинскиот парламент победата јасно ја однесоа социјалдемократите, додека демохристијаните го забележаа својот најслаб резултат во историјата воопшто. Тоа е вооедно и единаесетти пораз на Ангела Меркел и нејзиниот коалициски партнер, Либералната партија (FDB) на покраинско ниво. Но, и покрај тоа, овие порази никако не се сигурен показател за смена на власта во Германија.

Канцеларката Ангела Меркел и понатаму ужива голема популарност и симпатии, и нејзината Христијанско демократска унија (CDU), според анкетите, сè уште се наоѓа во значајна предност. Со други зборови, нејзината положба засега не е загрозена, но поразувачките резултати на покраинските избори во секој случај би се протолкувале како знак на предупредување.

Најголемиот губитник на изборите во Северна Рајна и Вестфалија секако е Норберт Ротген, еден од потпреседателите на CDU и државен министер за заштита на околината. Досега многумина во него гледаа потенцијален наследник на Ангела Меркел, но по овие две недели, неговата положба и углед нагло опаднаа. Веднаш после објавата на изборните резултати, тој поднесе оставка на местото шеф на покраинската CDU и отпатува за Берлин каде следниве денови го чекаат не баш пријатни состаноци, првенствено со политичките противници и критичарите на сегашната германска енергетска политика.

Пиратската и Либералната партија во добивка

Победничката на изборите, Ханелор Крафт останува и понатаму на чело на Северна Рајна и Вестафлија. Но, и покрај популарноста и шушкањата дека токму таа на следните избори би можела да биде главна кандитатка на социјалдемократите за шеф на владата, Крафт го негира тоа и нагласува дека нема амбиција да стане нова германска канцеларка. Меѓутоа, доколку нејзината популарност уште повеќе порасне, притисокот од партијата би можел дополнително да се зајакне.

Што се однесува до Либералите, тие успеаа да го повратат делот од својот оштетен углед. На изборите во другите сојузни покраини, оваа партија доживеа големи порази, а на одредени мести дури не успеа да добие ни 5% од гласовите кои се потребни за влез во покраинскиот парламент. Но, благодарејќи на Кристијан Линдер и неговото повикување на старата либерална традиција и вредности какви што примери застапуваше Ханс-Дитрих Геншер, Либералите очигледно успеаа да ја повратат вербата и дел од популарноста.

Главните профитери од силната динамика која моментално се забележува на германското политичко поле е секако Пиратската партија. На изборите оваа недела, на Пиратите одново им тргна од рака да добијат доволен број гласови кои им обезбедија влез во парламентот на Северна Рајна и Вестфалија. За разлика од нив, партијата Левица не успеа да добие доволен број гласови, со што заедно со CDU припаѓа во губитниците на овие индикативни избори.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото