Блиски Исток на Вардар

15.05.2012 13:47
Блиски Исток на Вардар

Прв кој ми дојде овде во куќата за да ми изрази сочувство беше мојот пријател Албанец. Плачеше како мало дете, заедно со мене, ни вели Ацо Стефковски цврсто држејќи ја фотографијата на својот помлад брат Борче, еден од петмината убиени Македонци чии изрешетани тела беа пронајдени на 12 април покрај Железарското езеро, десетина километри северно од Скопје. Секоја вечер пред очи му доаѓа стравичната слика од обдукцијата.
 
"Тоа ме уби. Целосно ме уби. Од тој ден не можам ништо да јадам", говори Ацо, кој по речиси еден месец не знае кој го уби неговиот брат.
 
Токму тоа и најмногу ги интересира мајката Божа и таткото Божин, со кои Борче живее во оближното село Црешово, како и помладиот брат Цветан.
 
"Праведно би било убиецот да биде убиен како и неговите жртви", додава Цветан тврдејќи дека неговиот помлад брат ниту мравка не згазил.
 
"Мојот син немаше проблеми со Албанците ниту какви било врски со политиката. Не знам зошто некој би го убил. Се нашол на погрешно место во погрешно место. Зла судбина", вели уплаканата мајка.
 
Семејството, завиено во црно, собрано околу масата во двориштето пред скромниот дом, тешко ја прифаќа веста која пред десетина ја разбранува цела Македонија.
 
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска обзнани дека во големата полициска акција "Монструм" беа уапсени 20 луѓе, од кои за тројца се смета дека се директни извршители на убиството со уште двајца кои побегнале во Косово. Сите петмината се Албанци, некои од соседното село Арачиново во кое во 2001 година се водеа жестоки борби помеѓу македонската војска и албанските бунтовници. Македонија тогаш за влакно избегна граѓанска војна и се чинеше дека страстите кај двете страни се смирија. Сè до оваа пролет...
 
 
БЕЗ ДОКАЗИ - Напнатоста помеѓу двете најголеми етнички групи во Македонија - мнозинските Македонци и Албанци, кои ги има најмалку 30 отсто, беше засилена со изјавата на министерката дека обвинетите се припадници на радикалните исламистички групи кои војувале во Авганистан и во Пакистан. Двете клучни прашања се - дали уапсените се навистина извршители на петкратното убиство и дали злосторството било мотивирано со етничка и политичка нетрпеливост?

Во петокот околу 2.000 Албанци мирно протестираа во центарот на Скопје тврдејќи дека процесот против петмината нивни сонародници е монтиран. Со пораката "Албанците се муслимани, а не терористи" побараа ослободување на уапсените и ги прозваа македонскиот премиер, Никола Груевски, водач на десноориентирата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и неговиот коалициски партнер Али Ахмети, лидер на албанската партија ДУИ.

Македонските села Црешево и Смиљковци се наоѓаат од една страна, а албанското село Арачиново од другата страна на езерото на кое жртвите дошле да рибарат. И едните и другите од истото езеро полнат цистерни за полевање на полињата. Село до село, подеднакво сиромашни, и излез до излез на од минатата година отворениот автопат Скопје-Охрид, кој го носи името на Александар Велики, како и новиот скопски аеродром чија писта се гледа добро од ридовите над Арачиново.

Во Македонија од 2001 не било олку напнато.

На стариот пат низ зелениот пејзаж кој од Скопје води до Арачиново поминуваме покрај неколкуте до заби вооружени полициски патроли. Една е и на влезот од селото во кој многубројните куќи с

è уште имаат траги од куршуми, а до нив се издигнуваат нови повеќекатни чии сопственици главно работат во Германија. Македонците, избегани во 2001 година, главно не се вратиле, а на ридот покрај селото е подигнат споменик на загинатите албански борци. Од таа височина се пружа погледот на со снег покриените врвови на Шар Планина, но и на Скопје и на големиот крст на еден од ридовите над градот кој ноќе свети.

Како се приближуваме до Арачиново, од далечина се гледаат двете високи минариња и куполата на новата џамија која блеска на сонцето. Кога се приближивме, видовме дека уште не е докрај изградена и дека верниците одат во старата џамија со помало минаре.

"Јас ништо не знам. Оџата ќе дојде за пет минути", недоверливо ни говори старец кого го прекинавме во проучувањето на Коранот во просториите покрај џамијата. Седи на тепих задлабочен во светата книга. Макар што е напишана со арапско писмо, кое, признава, не знае да го чита.

Половина час пред централната дневна молитва од правливата улица во џамијата доаѓаат верници, главно постари мажи.
 

"Дочекајте го оџата. Тој знае подобро", додава. Го прашуваме дали ги познава обвинетите за убиството.

"Ма како не би ги познавал? Сите по ред се чесни, обични луѓе, а не убијци", тврди Алими.

"Ние овде никого не задеваме. Срамота е што ни прават", во расправата се вклучува и Аедири Нухија Зендел, кој со своите 78 години е еден најстарите во Арачиново.

"Кај нас е како на Блискиот Исток. Нормално е кога е напнато", заклучува момчето Мустафа Кена и ни покажува дека дошол оџата кого сите го чекаат. Нè повикува да влеземе во неговата канцеларија.

"За нас одлучуваат други. Политичари кои ги интересираат само нашите гласови. Жена од 60 години која никогаш не држела оружје во раце, сигурно не е убиец. Војната никому не донела нешто добро. Тоа го знаат и луѓето и Бог. Се надеваме дека нема да ја има", ни говори верскиот водач Идриз Бајрами.

Во Арачиново, додека постарите се молат, младите седат во кафулињата. Повеќето немаат попаметна работа.

"Полицијата тука во селото апсеше и испитуваше пензионери, баби, земјоделци, бербери... Каква врска тие имаат со убиството? И тоа без никаков налог за претрес. Го обвинија автомеханичарот од селото. Добар дечко. Го знам од детство. Кај него ја поправав колата. Тој не знае ни како изгледа пиштол. Зошто тој би убил некого? Во општината Арачиново живеат 20.000 луѓе, а немаме ни водовод, ни канализација. Властите не вложуваат ништо, како ние Албанците да не плаќаме данок", ни вели младиот правник Хасан. Среќен е што се вработил во адвокатска канцеларија во Скопје. Малку кој од селото има работа, иако сè повеќе млади Албанци завршуваат факултет.

НА ЛОШ ГЛАС - "Преку државните медиуми намерно се шират приказни дека во Арачиново живеат само шверцери, наркомани, криминалци и проблематични луѓе. Штом избие некој инцидент, веднаш нè обвинуваат", вели Хасан кој како повеќето останати во селото не ги симпатизира албанските политичари на власт. Луѓето не сакаат премногу да разговараат со новинари.

"Константно живееме во страв. Се прашувам кој ќе биде следната жртва. Дали и мене утре некој ќе ме уапси? Никогаш не сме имале демократија. Ниту во Југославија, а ниту подоцна. И овие обвинувања се наместени за да испадне дека ние Албанците сме екстремисти, а тоа не е вистина. Србија и Русија сакаат да нè скараат со Американците, кои се наши пријатели", ни кажа Имер Рамадани, кој цел живот се занимава со земјоделство.

"И без сето ова животот ни е тежок. Албанците и Македонците, обичните луѓе, немаат проблеми едни со други. Сето ова го потпалија политичарите", загрижен е Рамадани.

Таткото на убиениот Борче, Божин Стефановски од Црешево, вели дека има многу пријатели Албанци кои му се како родени браќа и дека своите деца ги воспитувал да не ги оценуваат луѓето според националноста. Нè води во гаражата. Ни го покажува синиот "фиат уно" со кој Борче тоа попладне, по работата, се одвезол на рибарење. Како го отворил багажникот, добил куршум. Не стигнал да ги извади ниту јадиците.

"Никого не мразам. Имам пријатели од сите нации. Заедно славиме и божик и бајрам", ни открива помладиот брат Цветан.

"Мислам дека ова убиство има врска со односите помеѓу Албанците и Македонците. Убиени се поради одмазда за двајцата Албанци кои пред неколку месеци беа убиени од полицијата во Гостивар", смета постариот брат Ацо.

ПРЕД ДУЌАНОТ - Пред еден селски дуќан во Црешево, тројца момчиња - Дарко, Дамир и Горан - го испиваат пивото.

"Политичарите сакаат војна, а не ние. Изгледа дека пак ќе запука", убеден е Дарко.

"Ние не одиме во Арачиново, Албанците не доаѓаат во Црешево. Ако случајно се сретнеме, ќе се поздравиме. И ништо повеќе. Тоа е соживотот", додава Горан додека Дамир вели дека ги познавал петмината убиени и дека никој од нив немал врска со мафијата или со криминалот.

Во соседното македонско село Стајковци луѓето тврдат дека немаат ништо против Албанците од Арачиново, посебно против староседелците кои се мирољубиви. Никој не сака пред камерите.

"Ние Македонците сме премногу толерантни. Шиптарите во оваа земја имаат илјада пати повеќе права од нас", негодува угостителот Драган додека под чадорот за сонце исполнува ливче за кладилница.

 

Македонија, оценува тој, е подложна на разни форми на националистички манипулации за што плодна почва е несомнено социјално-економската криза. Службената стапка на невработеност е 32,2 отсто, а една третина од вкупно два милиони жители живеат под границата на сиромаштијата.

Во милионското Скопје, Вардар го дели градот на мнозинско албански и на мнозинско македонски дел. Мешаните бракови се многу ретки.

"Мислам дека 2001 година не може да се повтори бидејќи албанската партија ДУИ е силен коалициски партнер на премиерот Груевски, а полицијата и војската се мултиетнички. Од околку 100.000 државни службеници, барем 20.000 се Албанци. Емоциите се и кај Албанците и кај Македонците силни, но недоволни за да доведат до поголеми судири. Сè повеќе Албанци ја сметаат Македонија за своја држава. Ова е епизода за која е виновна власта која поттикнува национална еуфорија и го потпалува огнот помеѓу етничките групи", вели Ружин кој се кандидираше на минатите претседателски избори.

ШИРЕЊЕ НА НАЦИОНАЛИЗМОТ - На целиот Балкан, вели Ружин, дејствуваат групи кои се поврзани со екстремните исламисти, но тие во Македонија не се толку силни за да изведуваат терористички напади.

Деканот на скопскиот Факултет за политички науки Назми Малиќи вели: "Овие денови видовме полициска претстава како од криминалните романи. Полицијата ја злоупотреби смртта на петмина Македоници. Нив ги убил некој криминалец или болен човек, а не терористи или кој било мотивиран верски или национално. Верската и националната толеранција во Македонија е многу повисока од политичката и затоа сум сигурен дека состојбата ќе се смири, а Македонија ќе биде стабилна земја."

Бившиот пратеник на Албанците, угледниот професор на скопскиот приватен универзитет ФОН Мерсел Биљали смета дека со доаѓањето на власт на актуелниот премиер во 2006 година, Никола Груевски, многу се заострени односите помеѓу Албанците и Македонците.

"Груевски го шири национализмот. Својата надворешна политика ја заснова на судир со Грците, а во внатрешната - со Албанците. До 2006 година се чинеше дека со Грција ќе се реши спорот околу името, но Груевски тргна со провокациите, на пример, со промена на називот на аеродромот или на автопатот во Александар Македонски. Идејата беше на улиците да се постават плакати кои би ги промовирале подобрите мултиетнички односи. Мислам дека подобро би било да ги стават во кабинетот на премиерот, бидејќи Владата, ако сака, уште може да го спречи насилството. Се создаде критична маса и ситуацијата лесно може да излезе од контрола. Можеме да очекуваме уште поголеми протести на Албанците кои се разочарани од своите политичари, кои, исто така, се корумпирани и затоа се согласуваат на ваква владина политика", вели Биљали.

"Убиството покрај езерото нема никаква врска со Ал каеда и процесите кои се водат против уапсените Албанци се монтирани. Во Македонија веќе имаше многу случаи на апсење на невини луѓе. Тоа е владиниот одговор на критиките од јавноста зашто досега не ги пронашла вистинските виновници за убиството", додава Биљали.

Советникот за надворешна политика на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов (ВМРО-ДПМНЕ) Димитар Мирчев смета дека случувањата во последните неколку недели нема да ја дестабилизираат Македонија.

"Албанските политичари држат неколку клучни ресори во Владата како што се одбраната и европските интеграции. Соживотот е добар и затоа тензиите се смирија по неколку дена и мислам дека нема да се повторат", оценува Мирчев. Нагласува дека радикалните исламисти во Македонија зазеле неколку џамии на што се спротивстави Македонската исламска заедница која не ги обединува само Албанците, туку и Македонците со исламска вероисповед, Турците и други.

"Постојат некои лоби групи во Косово кои ги поддржуваат тензиите помеѓу Албанците во Македонија. Некои арапски земји, на пример Саудиска Арабија, исто така имаат овде свои лоби групи кои го поттикнуваат исламскиот радикализам, што ги иритира Македонците. Не би рекол дека Владата поттикнува национализам меѓу Македонците, бидејќи ВМРО работи во договор со албанскиот коалициски партнер", тврди Мирчев бранејќи ја политиката на владејачките партии.

Албанскиот интелектуалец кој во Скопје ја води невладината организација за човекови права Алберт Муслиу, смета дека актуелната српска влада поттикнува приказни за меѓуетничката нетрпеливост во Македонија, што се гледа и од неодамнешните изјави на министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ. Со тоа, вели Муслиу, Србија сака да ја дефокусира јавноста од проблемите на северот од Косово и од апсењата на Албанци во Србија кои медиумски поминаа незабележано во текот на минатата недела.

"Македонското МВР својата потрага за петкратното убиство ја спроведе нетактично. Слушнавме изјави на Албанки дека биле малтретирани во полицијата и во судот. Сето тоа буди сомнеж дека процесот е монтиран, и дека правосудството е под влијание на политиката. Со тоа се испровоцира незадоволството на Албанците, кои излегоа на улици. Јас ги поддржувам демонстрациите додека се мирни", вели Муслиу.

ОПРАВДАН СОМНЕЖ - Главниот уредник и сопственикот на политичкиот неделник "Фокус" Никола Младенов открива дека од 20 уапсени, полицијата набрзо пушти на слобода 10, а петмина обвини само за незаконито поседување на оружје.

"Јавноста оправдано се сомнева дека полицијата има доволно докази за обвинение против уапсените за убиството кај езерото", истакнува Младенов.

Во Тетово, кое се смета за најсилното албанско упориште во Македонија, живеат и 30 отсто Македонци, но нема никакви тензии. Тоа го тврди Агрон Рустеми, професор на Универзиетот за југоисточна Европа во Тетово, првиот универзитет на кој се предава на албански: "На властите им одговараат вакви контролирани меѓуетнички тензии, но тие не се доволно силни за да излезат од контрола. И уверен сум дека убиството кај езерото нема никаква врска со тероризам."

Сега сите чекаат што ќе кажат судовите. Еден од најуважените македонски правници, бивш судија на Уставниот суд, во оф рекорд разговор ни потврди дека владеачката ВМРО врхушка го држи судството во дланка.

Пренесено од: Глобус

репортажава ми изгледа или

репортажава ми изгледа или измислена или напишана по нарачка. првото нешто што ми паѓа сомнително се имињата на таткото и мајката (Божин и Божа, или ко што е во вицовите - Трпе и Трпана), и ме потсетува на оние фалш бугарски репортажи од градовите во ист. Македонија каде што некој си Мане Манев наеднаш се стекнал со бугарска самосвест. но, да се задржам на темата, во текстот има уште неколку слаби места, како на пример „Во петокот околу 2.000 Албанци мирно протестираа во центарот на Скопје тврдејќи дека процесот против петмината нивни сонародници е монтиран.“ Она што го видов во живо (не на телевизија), со свои очи, не може да се оцени како мирно протестирање (имаше навредливи скандирања и кршење на автобуски станици, прозори и коли). потоа, упорното тврдење дека србија е вмешана во случајот (без никакви докази), наспроти доказите кои ги има полицијата (за кои не можам да тврдам дека се и факти) за уапсените кои се албанци (де факто) и припадници на некоја исламистичка група (не мора да биде радикална, доволно е што е исламистичка, односно е приврзаник на некое конзервативно толкување на исламот). да скратам, ставот е дека можеби се виновни србите, саудијците, американците, марсовците, ама албанците (извршителите, не сите албанци во македонија) не е можно да се виновни оти они си се добри, си одат на молитви, чуваат дома по пет-шест калашникови и плаќаат даноци. и пак немаат канализација, и пак грујо им е крив за тоа, а не локалниот функционер на дуи. интересно, нема што.

Текстот, во својата гола

Текстот, во својата гола суштина, е манипулативен и безобразен. Целта е да ги претстави уапсените и осомничените за убиството како жртви. Пак истата приказна. Истата тактика.

А таа оди вака:

Одиш во селото, го прашуваш оџата или некој длабоко замислен мештанин над книга што не знае да ја чита, какви луѓе, пази богати, биле уапсените - и веднаш одговорот се знае - бајчиња, пајчиња, мачиња, кутри мали хрчки... а жените??? жени апселе и многу криво ги гледале во полиција!!! А децата??? малолетни, толку млади без родители ќе останеле!!!

Интелектуалците, пак, од типот на Муслиу се посебна приказна. Полицијата не била тактична кога апсела. Требала длабок поклон да им направи на осомничените и рака да им баци трипати. Неумесно е полиција да фаќа бандити на полноќ, по гаќи спијат они во тоа време (па со камери, гз ќе им се види пред цела јавност) чекај, треба да чукне на врата, така голи да им остави простор прво пиштолот да си го најдат кај им е де.

Мојот омилен аспект од текстот - авантурата на новинарот-платенописец низ сиротото село Арачиново. Видете ги само овие невини фацулиња од сликите - кој живее во росната ливада? - стари и изнемоштени - еснаф луѓе, домаќини прави, китка-човек, они меѓуетнички тензии да чинат... дај... Па они ништо не знаат додека не дојде главешината на селото, па они не се занимаат со дневна политика бре, земјоделци, на житородни ниви се они цел божји ден - леб од нив си вадат, од брашното...

А младите Арачиновци, се` со факултети, високорефлексивни интелекти, а без работа во Влада! Македонијо, Македонијо синовите и ќерките од ова мало, мирно село што волку те сакааат толку лута бол и жал ги стрефи - и данок редовно ти плаќаат и никој не ги гледа и заборавени и патишта немаат (чуму?), а космополити луѓе, си бараат врзување со светот, зашто, пазете ве молам, од ридовите над Арачиново аеродромот се гледал.

Ова ти е феноменологија на простор бре - ако Медитеранците, на пример, поради морето и сонцето се весели хедонисти, Арачиновци поради близината на пистите од аеродромот Александар Велики се космополити, светски луѓе, Колумбовци... башка глобализација на локален план - во селото Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Кинезите и по некој залутан Македонец ги чинат сите бои на Бенетон (интеркултурна комуникација можеме да учиме ние постдипломците на културологија од овие).

Инаку, (ова во фуснота треба да оди) ''Македонските села Црешево и Смиљковци се наоѓаат од една страна, а албанското село Арачиново од другата страна на езерото на кое жртвите дошле да рибарат''. ААААА, ми светна сијалицата, значи имало македонски и албански села, ете гледаш, ќе научиш и вакви нови уки од странските платенописци од 21 век - си знаеме, ние Македонците не си ја познаваме доволно оваа мала грутка земја. Точка. Ние сме само чиста случајност.

А ''Окно'', окното е само загрижено за емоциите и кај Македонците и кај Албанците.

Комуњариве почнале да

Комуњариве почнале да потплаќаат и странски новинари.

Никој не рече дека

Никој не рече дека „комуњарите потплатиле странски медиуми“, иако тоа не е невозможно.
Во текстот работите се прикажани многу искривено, и човек треба да е наивен, слеп, глуп (со еден збор „окнаш“) за да голтне се' што е прикажано како „информација“ во него.

Странски медиуми потплаќа

Странски медиуми потплаќа режимот на Груевски, и тоа енормно, со милионски суми. И покрај тоа, пропагандните резултати во странство се мизерни.
Што се однесува на текстот од хрватски Глобус: мошне е избалансиран и го лови главното: очајот и стравот на повеќето луѓе во РМ, и Албанци и Македонци. Притоа текстот се воздржува јасно да каже кој е виновникот за тој очај на луѓето (владата, никој друг), но меѓу редови тоа може да се разбере.
Освен избалансираноста текстот се потпира и на интервјуа со барем десетина различни луѓе (и обични селани и експерти и од власта и од судството), што е професионална доблест.
За жал, ние во Македонија вакви текстови немаме. Една од причините е што груевизмот го згази новинарството. Та имаме само куп вмровски кретенчиња што хејтаат наоколу и мислат дека со крвавите пари на кумовите и братучедите баш се’ може да се купи, од убиство до мислење.

Не ги потплаќа, туку легално

Не ги потплаќа, туку легално објавува огласи. За резултатите... Не знам како ги мериш и дали воопшто можат да се измерат (спореди со други земји со слична големина).

И, текстот е избалансиран колку и фичото на дедо ми.

И прашање ако може: баш ме интересира чија крв лежи на банкнотите на кумовите и братучедите (мислам дека се разбираме кои се). Кажи ми, не знам. Дали е онака, дебел слој или некој се изгребал (го изгребале)? Убиле некого, а да не сум чул? Баш ме интересира.

Не само што груевистите

Не само што груевистите потплаќаа странски медиуми, уште повеќе пари истурија за корумпирање и газење на домашните медиуми. Неколку десетици милиони евра беа фрлени за таа намена. Само на Рамковски му имаа џитнато 4-5 милиони евра. Да не збориме за Сител, Канал 5, Република итн.

Се гледа колку се

Се гледа колку се избалансирани, на изјавата на единствениот да речеме про-владин соговорник налепуваат „тврди Мирчев бранејќи ја политиката на владејачките партии.“

А другите соговорници им се „се` кој од кој“.