Антипротести

16.05.2012 08:56
Антипротести

Што би можело да изненади некого во земја во која победата над фашизмот се слави со – трка на келнери? За волја на вистината, ако тогашните келнери беа како оние што се вклопуваат во нашата традиционална претстава за типичен овдешен претставник на оваа доблесна професија, тогаш е просто чудно што фашистите воопшто толку долго се задржале во биртијата наречена Македонија. А денес уште и се враќаат.

Ако се земе предвид фактот дека истиот ден се одбележуваше и Денот на Европа, тогаш трката на келнерите добива сосема ново симболичко значење. Таа, од една страна, ја персонифицира бавноста на нашиот пат кон нашиот континент, а од друга, јасно става на знаење дека некој тука упорно ни ја поткраднува токму Европа. И покрај оригиналната идеја на одбележување на овој ден, мислам дека посоодветно ќе беше тој да се одбележеше со трка на младинци кон аеродромот „Александар Велики“ или барем кон некој од граничните излези. Да видевме тогаш кој ќе беше побрз – келнерите или младите сили што се во масовен егзил. Како што сега стојат работите, келнерите воопшто не се за потценување.

Значи, во такво општествено милје никого нè изненадуваат никакви протести, а уште помалку антипротести. Нејасно е само зошто се одржаа во различни денови. Имено, како што убаво можеше да се забележи, и протестите и антипротестите беа организирани против ист „непријател“, против новинарите! Да, навистина ќе беше мошне поекономично заеднички да се одржеа едни антипротестни протести, па белким луѓето ќе се договореа за што или против што навистина протестираат. Ако веќе не знаеја, тука се новинарите да им кажат! Имам само еден апел: да не се кршат прозорците на зградата на Владата. Имено, по новиот ценовник на Владата, поставување и реконструкција на секој од нив ќе чини по 200.000 евра.

Очекував дека ќе има антипротести и на оние фејсбук и твитер протести на кои момци и девојки испозалепија лажни пари од по сто евра на оградата на мостот кај „Холидеј ин“. Прилично јасно го замислувам градоначалникот Коце Трајановски како, со своите следбеници, врз лажните евра лепи вистински банкноти од по сто евра.

Во суштина, дечките чија идеја беше да направат жива ограда на мостот и така да ја докажат апсурдноста на одлуката за реконструкцијата на оградата на овој мост да се издвојат преку милион евра буџетски пари (првин беа милион евра, па милион и сто илјади, па преку 1.400.000 евра, за да се дојде до цифрата од 1.700.000 евра) – ја промашија темата! Требаше внимателно да го слушаат градоначалникот. Тој јасно и гласно изјави дека проектната цена на реконструкцијата била три милиони евра, но со помош на јавното наддавање успеал да ја намали речиси за три пати, па смета дека градот прошол евтино во овој сити-бизнис. Вистинското прашање гласи, што ќе се случи со кусурот од парите што Коце ги заштедил на оваа зделка. Немој да излезе дека ќе се дадат милион и пол евра за реконструкција, а со останатите милион и пол навистина ќе се облепи оградата!

Зашто, ако некој се сеќава, истиот тој градоначалник, на времето кога ги промовираше палмите на плажата на Вардар, на прашањето „Од каде сега палми тука“, лаконски одговори „А вие да не очекувавте врби да садиме“. Клучна беше забелешката на еден новинар: „А зошто да не?“. И, ете што нè снајде. Па, потоа ќе кажат дека новинарите не биле виновни!

Но, тогаш не го слушавме Коце Трајановски. Во суштина, човекот ја има таа среќа или несреќа никогаш да не го слушаме. Зашто ако го слушавме во предизборната кампања, на пример, ќе чуевме дека тој кога ќе стане градоначалник ќе го поправи часовникот на Старата железничка станица. А ако тоа навистина го чуевме, тогаш денес барем ќе баравме одговорност за неостварените ветувања. Вака, часовникот остана да го покажува часот на катастрофалниот земјотрес во Скопје, оставајќи нè дезориентирани во времето (и просторот) да живееме сè уште во услови на катаклизмичен земјотрес. А во такви услови, поставувањето на волшебната ограда (барем според нејзината цена) и не е нешто невообичаено. Конечно може да биде корисно. Ја знаете веќе онаа мисла на Гоце Делчев: „Излези момче на тераса, а ако немаш тераса излези на мостот кај 'Холидеј ин'“.

И во овој контекст еве уште една погрешна проценка на Владата. Повторно го дозволи откупот на старо железо. Еве едно реторичко прашање (значи дека никој не треба да ми одговори, бидејќи ни онака нема никој да ми одговори): колку ќе чини килограм железо украдено од оградата? Нормално, откога таа ќе се реконструира.

Нешто протестираше и капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Перо Антиќ, па на „Фајнал форот“ за европски клупски кошаркарски шампион се претстави како кошаркар од ФИРОМ. Верувам дека мораше тоа да го направи. Не од друго, туку за да може идниот ден да организира анти-протести, што Антиќ и го направи, фотографирајќи се по освоената шампионска титула со македонското национално знаме.

Анти-протестите на Антиќ, како што можеше и да се претпостави, ги оладија овдешните патриотски сили, кои, по неговото легитимирање, беа подготвени на дефинитивна пресметка со маалските контејнери. Но, повторно станува збор за промашена тема. Во перцепцијата на македонските црно-бели политички односи (со преовладувачка превласт на црното во оваа комбинација), Перо Антиќ не може да биде ништо друго туку веле-предавник! Имено, тој му помогна на неговиот тим да стане европски шампион! А неговиот тим не е никој друг, туку грчки „Олимпијакис“, гордоста на клетиот непријател.

Но, ќе се расчистат овие протести и антипротести. Самите од себе. Останува само да видиме кој ќе го земе кусурот: келнерите или ние.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Кристофер Сент Леџер

Па еве и ти со својот

Па еве и ти со својот анти-талент пишуваш анти-колумни.

That's a slick answer to a

That's a slick answer to a chlalnegnig question

Слични содржини

Став
Став
Став
Наука [к:8]
Став
Езера [к:6]
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото