Родителството како средство за покажување на успехот

16.05.2012 12:02
Родителството како средство за покажување на успехот

Станува збор за најголемата авантура на припадниците на денешната средна класа: одлуката да се стане родител. Тоа стана помодарско прашање. За дилемите на модерните родители и неродители во минхенскиот театар е поставена и претстава.

Во берлинскиот кварт Prenzlauer Bergu, хамбуршки Eimsbüttel или минхенски Glockenbachviertel подобро ситуираните германски семејства од средната класа си го најдоа својот дом. Но, убавите делови на овие градови во меѓувреме се претворија во вистински бојни полиња. Фронтот е јасно поделен: од едната страна се родителите, од другата – оние без деца. Со тоа што родителите се во надмоќ.

Родителството претставено низ сатира – токму со тоа се позанимава претставата поставена во минхенскиот театар Cuvillies. Глумците и авторите си поигруваат со „спорната авантура на средната класа денес“ – одлуката да се стане родител. Родителството во добро ситуираните кругови и помодарските придружни појави во врска со истото станаа интересен феномен. А овде не изостанува ни соперништвото меѓу родителите и оние кои свесно решаваат да не бидат тоа.

Авторката на овој мјузикл, Катрин Рогла, во своето дело ги обработува бројните поими од секојдневието на модерните родители и неродители. Од вревата која ја создаваат децата во купеата на брзите возови кои се замислени како оази на мирот, преку непроспиените ноќи, до постојаното чувство на „неродителите“ да се правдаат и да објаснуват која е нивната смисла на животот. Тука се и грижите на оние кои наеднаш забележуваат дека по првото дете сексуалниот живот им замрел во целост, потрагата по детски градинки и училишта, како и постојаниот и необјаснив страв за детето. Не се пропуштени ни мајките-шмизли кои во друштво на своите мали потомци во помодарските кафулиња (прилагодени за децата, се разбира) редовно го пијат своето лате-макијато, како ни потрагата за што е можно пооригинално име за својот наследник: Лени, Фиња или Торбен?

„Наеднаш сите зборуваат за деца. И јас би им се придружила со задоволство, но смеат да учествуваат само оние кои имаат деца“, се жали во претставата еден од ликовите без деца и притоа укажува на невидливиот но постоечки јаз меѓу оние луѓе што имаат деца и оние што немаат.

„Во вакво време, во кое над сè стои императивот да се постигне нешто во животот и да се оствари сопствената замисла за животот, планирањето деца, раѓањето и нивното одгледување се претворија во чист пазар на надежи, стравови и наследство“, стои во рекламата за оваа театарска претстава.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото