1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 21:59
Живееме во време на кампањи. Секакви. Понекогаш е добро да се разгледуваат насоките во кои тие се движат, целта која треба да ја постигнат, начинот на кој истите ќе се имплементираат и резултатите кои тие ги постигнуваат. Да се направи некаква кампања не значи дека работата е завршена. Но, веројатно кај нас целта на кампањата е трансфер на финансиски средства. Кога сето тоа се следи на телевизија изгледа толку добро, што човек ќе си помисли дека не живее во Македонија. Виртуелноста која кампањите ја создаваат има за цел, исто така и да создаде слика која не мора да кореспондира со реалноста, туку да биде цел самата за себе.
Не сакам да одолговлечувам, нестрплив сум.
Станува збор за кампањите и рекламите кои ги спроведува Владата, а се однесуваат на високото образование. Сето тоа низ лично искуство.
Генерално, пораките се однесуваат на стимулација на младите со цел тие да стекнат високо образование, а понатаму и да се охрабрат да го направат чекорот за да започнат свој бизнис.
Но, дали сте се запрашале дали нашата држава ги уважува знаењата и вештините стекнати за време на студиите и дипломите од домашните универзитети?
Веројатно мислите дека се шегувам. Можеби.
Дипломирав на државниот универзитет Св. „Кирил и Методиј“. Постдипломец сум на истиот универзитет. Факултетот и насоката не се битни за овој текст.
Првото нешто со кое се соочив по дипломирањето беше пријавување во Агенцијата за вработување. По неколку години добив депеша на која ме покануваат во некаков си работен клуб кој има за цел вработување на лицата до 27 години.
Но, подолу во текстот стои напомена дека, доколку не се појавам каде што треба да се појавам ќе бидам избришан од евиденцијата на Агенцијата за вработување, па со тоа ќе го изгубам здравственото осигурување.
Таквото решение произлегува од некаков си правилник на оваа институција.
Е сега, малку оф топик. Оние кои знаат, знаат. Оние кои не знаат треба да знаат дека во однос на нормативата постои хиерархија. Значи врв во законодавството претставува Уставот на државата, потоа законите и на крајот доаѓаат правилниците, статутите на организациите, претпријатијата, институциите итн.
Сега он топик. Во законот во кој се уредуваат правата и обврските на невработените лица стои дека Агенцијата за вработување нема право да наметнува кој ќе работи на кое работно место. Законот ни дава право на избор. Но, правилникот на Агенцијата не!
Во ред, се појавувам каде што треба да се појавам и нè сместуваат во некоја просторија каде што, не знам зошто, бевме 20-30 луѓе. Сите присутни беа со основно и средно образование, освен јас. Не ми пречи тоа, навистина.
Кога се појави официјалното лице ни соопшти дека тука сме за да научиме како да направиме лична биографија (или CV) која ќе ни помогне да најдеме работа. Ајде, нека му биде.
Следно, Агенцијата за вработување ни нуди основен курс по англиски јазик и основен курс за работа со компјутери.
Тука е заплетот.
Секој кој завршил основно и средно образование, учел барем англиски јазик 8 години.
Доколку учел и факултет, на тоа додаваме плус уште 1 година. И доколку се запишал на постдипломски (како што е тоа во мојот случај), при уписот требало да приложи барем потврда за активно познавање на странски јазик (во годината кога јас се запишував, 2005-та, правилата за упис беа такви).
Истото се однесува и на информатиката како предмет. Ја имаше и во основно и во средно (порано беше изборен или дополнителен предмет), но на факултет е задолжителен.
Што значи, Агенцијата ни нуди нешто што веќе го имаме, но веројатно тие тоа не го знаат, па мислат дека сме се симнале од планина и директно кај нив.
И, всушност, како некој завршил факултет без да изработи барем неколку семинарски трудови на компјутер?
Многу е логично дека државата не треба да си игра играчки со невработените лица. На сета мака која ја имаат, уште треба да трчкаат натаму-наваму за да „добијат“ нешто што веќе го имаат. И особено не на принудувачки начин.
Државните институции мораат да бидат во тек со високообразовните институции, да знаат што тие прават, какви знаења и вештини им нудат на студентите и истите да ги уважуваат, особено тоа треба да важи за државните универзитети!
Понатаму, следното искуство ме доведе до огласите за државната администрација. Не се сеќавам точно на годината, но огласот беше за некаков службеник во Владата, за работно место во некаква библиотека.
Бев повикан, без претходно да бидам известен дека ќе бидам тестиран. Инаку, тогаш дознав дека на тогашната интернет страница на тогашната Агенција за државни службеници постојат тестови кои треба да служат за да се подготвам, токму за таков тип на тестирање.
Да скратам, во тестот имаше некакво прашање во смисла, парафразирам, „кои земји ја потпишаа спогодбата за челик од 1958 година (годинава може и да не е точна).“
Каков е тој библиотекар кој треба да знае такви информации јас не знам.
Логично, ништо не направив на тестирањето.
Следно. Оглас за работа во општина Карпош. Влегувам во потесна селекција и ме повикуваат на разговор. Едно од прашањата беше, „што е тоа локална самоуправа и кои се нејзините ингеренции?“
Повторно, се соочувам со прашање за кое имам стекнато диплома од државна високообразовна институција. Предметот локална самоуправа беше дел од моите студии, исто така и дел од постдипломските студии. И колку што ми е познато, овој предмет се изучува на некои насоки на Филозофскиот факултет, Правниот факултет, Економскиот факултет. Без разлика на тоа што го одговорив прашањето, подоцна бев известен дека не сум примен на тоа работно место.
Одиме понатаму. За последен пат, се јавувам на оглас за работно место во едно од нашите министерства. Ме повикуваат да го полагам општиот дел од испитот за државни службеници.
Испитот се состои од прашања поврзани со политичкиот систем на Република Македонија. Предметот беше дел од моите додипломски студии како и дел од постдипломските студии. Истиот предмет се изучува на државните факултети кои и претходно ги споменав, Филозофскиот, Правниот, Економскиот (доколку некој знае и за други факултети, уште подобро).
Нормално, имам диплома за завршено високо образование во која во списокот на положени предмети стои токму овој предмет. Но, државата нема намера да си ги признае сопствените дипломи од државните универзитети и да им ги признае на идните државни службеници знаењата кои ги стекнале за време на додипломските студии. Не знам како може државата да им наметне на универзитетите да имплементираат кредит трансфер систем, со кој токму при „преселба“ од еден на друг факултет одредени испити кои ги имате положено се уважуваат како такви и вие продолжувате токму од таму каде што сте застанале.
Тестот го решив за точно 2 минути и 30 секунди, со постигнат ефект - освоени 30 поени од можни 30. Потоа, не ме повикаа на интервју, веројатно не сум заслужил. И не само тоа, не бев известен дека не сум примен на конкретното работно место. За положениот државен испит добив потврда која има рок на траење од 2 години. Кога ќе поминат 2 години повторно ќе си го полагам истиот испит. Неверојатно!
Во однос на ваквиот тип на полагање на државен испит, постои и општ дел за информатичка технологија. И да не се повторувам, сето тоа го имаме стекнато за време на додипломските студии. Во ред, доколку некој сака да се образува повеќе, тоа е негов избор, но, повторно државата не смее да не присилува на такви чекори.
Пред некое време дознав дека државата вовела лиценци за социјалните работници. Мислам дека се подготвува некаков труд и истиот се брани пред некаква комисија. За таа работа си плаќате пари од сопствениот џеб (не ја знам точната сума, а и не е битно). Можеби веќе сте дипломирале на државниот универзитет на насоката социјална работа и социјална политика, но тоа не важи. Дипломата служи за да стои врамена на некој ѕид.
Мојот предлог е државата да ги укине сите форми на образование, а потоа кога ќе аплицираме за каква било работа, ќе се подготвиме, ќе полагаме и на крајот сите ќе знаеме сè и ќе бидеме подготвени да работиме во сите области.
Каква порака ни праќаат владините пораки за високото образование?
Учете, учете, учете и кога ќе бидете потковани со некакви научни вештини, нема да почнете да работите, туку повторно ќе го учите истото и можеби некогаш (во некое неодредено време) ќе бидете примени на некакво работно место каде освен притискање на неколку копчиња на тастатура во денот, нема да имате потреба од никакви знаења, затоа што сте станале државен службеник и вашите цели во животот ќе бидат остварени, па сега е време да си го дочекате вашето пензионирање.
„Направи го првиот чекор. Осмели се!“
Цртежи: Џон Малта