Иродов закон: ил те прца, ил те ебе

16.05.2012 12:52
Иродов закон: ил те прца, ил те ебе

Девет осакатени тели на млади луѓе во валкани и крвави остатоци од облека – четири девојки и пет машки – висат обесени на вијадуктот близу Нуево Ларедо во државата Тамаулипас, на североистокот на Мексико, блиску до границата на САД.

На погoлемиот дел од обесените рацете им се врзани зад грбот, додека поединци имаат самолеплива лента преку устата. На нивните тела се гледаат многубројни траги од тортура, која претходела пред грозната смрт.

Пред нив стои фосфоресцентно светло на запален сообраќаен знак со ознака 85 – станува збор за мексиканскиот федерален автопат Carretera Federal 85 кој, минувајќи низ градовите како што се Монтреј, Нуево Леон, Сан Луис Потоси и Пачука, ги поврзува северната граница на САД и мексиканската престолнина Мексико сити, или, како што го викаат неговите жители, „El D.F.“ (Distrito Federal).

Белите стрелки за правец уредно ги насочуваат возачите да продолжат право доколку по некоја случајност тргнале кон околниот аеродром или кон блискиот град со злобно име Пиедрас Неграс, т.е. да свртат лево ако се упатиле кон динамичниот и добростоечки Монтреј. Жолтата, невесела светлина и утилитарната архитектура на големата модерна сообраќајница само го засилуваат чувството на ужас кој го предизвикува оваа сцена.

Огромната заканувачка порака упатена кон Заливскиот картел (Cartel Gulf), закачена на вијадуктот заедно со телата на убиените го отфрла секој сомнеж дека жртвите се членови на оваа моќна и широко распространета криминална организација. Ги убиле поради одмазда за упаѓање на територија и поставување бомба во центарот на градот припадниците на конкурентниот картел Лос Зетас, кој порано беше вооружено крило и приватна платена војска на Заливскиот картел. Меѓутоа, кога се отцепи од него, по апсењето и екстрадицијата на шефот Осиел Карденас Гуилен во САД, за кратко време го заработи неславниот епитет, најсилен нарко-картел во Мексико.

Истиот тој крвав петок, на четврти мај, само неколку часа подоцна и на другиот крај на овој, според мексиканските стандарди, мал пограничен град од околу 400.000 жители на брегот на реката Рио Браво (која белким му е позната на секој кој изгледал барем некој вестерн во животот, ја дели оваа земја од Тексас и од соседните САД каде што истата широка река се вика Рио Гранде) откриени се уште четиринаесет обезглавени тела натрупани во едно напуштено возило, а потоа и нивните глави во кутии за мраз оставени пред градските гробишта. Покрај труповите уште еднаш е пронајдена голема заканувачка порака. Овојпат таа е упатена кон градските власти, а потписник е озлогласениот мулти-милијардер Хоакин Гузман Лоера наречен Ел Капо, шеф на најмоќниот мексикански нарко-картел Синалоа и најбаран човек на планетата, уште од убиството на Осама бин Ладен.

Во неа Гузман, тој недофатлив нарко-бос чија глава е уценета на 5.5 милиони долари и чие бегство во корпа за долна облека од затворот со максимална безбедност La Palma од пред десет години се прераскажува како жива, тековна легенда, го предупредува и потсетува градоначалникот Бенјамин Галван дека тој е прв газда во градот. Потписот е доминантен: „Tu padre Joaquín El Chapo Guzmán / Твојот татко итн...“

Во слична порака, само од 17 април, која исто така е најдена со четиринаесет обезглавени и распарчени тела натрупани во пластични кеси во напуштено возило на работ на градот, последната реченица е уште понеобична: „Que no se teolvideque soy tumero padre/ Да не заборавиш дека јас сум твојот вистински татко.“

Секако, и без сите тие пораки кои Гузман и другите извршители на овие ужасни злосторства им ги упатуваат на оние кои од оваа или онаа причина сакаат да ги импресионираат, јасно е како ден дека овие најнови серии на безумно насилство, во кое повторно на најстрашен начин страдаа многубројни, главно млади жртви, е само ново поглавје на една брутална и прилично комплексна војна на која не ѝ се гледа јасно ниту главата, ниту опашот, а богами не ѝ се гледа ниту брз, ниту лесен крај. Неа ја чинат, всушност, две по многу нешта испреплетени војни: онаа за територија која ја води големиот мексикански нарко-картел, кој главно оперира на северот на земјата и долж границата на САД, и онаа која истиот тој нарко-картел ја води против мексиканската држава и нејзината евидентно немоќна полиција и војска.

Дотолку повеќе, ова надмено Гузманово потсетување на власта на пограничниот град Нуево Ларедо за нејзиното сопствено „татковство“ ја замрзнува крвта во жилите. Тоа претставува отворен, дрзок исказ на органска врска која корумпираната мексиканска влада на разни нивоа ја има со криминалното подземје, а воедно ја покажува сета бизарност и сите комплексни состојби во кои се најде современо Мексико.

*

Нарко-картелите, всушност, се помоќни од државата и тоа со години го докажуваат на различни начини. Богати се и супериорно организирани. Нивните трупи се подобро опремени и вооружени. Веројатно и обучени. Тоа и не е необично со оглед на тоа дека аналитичарите проценуваат оти илегалната трговија со дрога остварува годишни приходи кои се мерат во десетина милијарди долари. И тоа во земја која за возврат располага со вистински огромна полициска сила од половина милион припадници, трета на светот по Индија и САД, но истовремено и демотивирана, лошо обучена и уште полошо вооружена.

А бидејќи е исто така слабо вооружена – платата на полицискиот службеник во Мексико не преминува 350 долари месечно – природно, лесно е поткуплива.

Ако на тоа се додаде администрацијата која е легендарна по корупцијата, не е тешко да се заклучи „кој коси, а кој вода носи“. Сето ова исто така ги објаснува и активните учества на воените сили во судирите со нарко-картелите за време на последните неколку години обележани со немилосрдната војна која ја поведе против нив сегашниот претседател на Мексико, Фелипе Калдерон.

Степенот на корупција во војската, имено, е сепак нешто помал.


Оваа неофицијална, но затоа ништо помалку трагична и смртоносна војна последните шест години однесе речиси 50.000 жртви. Кога тоа би го споредиле со околку 100.000 настрадани за време на тригодишната босанска војна, ги добиваме вистинските размери на страшната трагедија која последниве години буквално го убива Мексико и на која не ѝ се гледа ниту крај, ниту некакво решение.

Нештата стојат толку лошо што кога ќе почнете да ја пребарувате реченицата „Is it safe to…“ (Дали е безбедно да...), Google продолжува „...travel to Mexico“ (...патувате во Мексико). Освен тоа, оваа убава и сурова земја годинава е споменета и во редовната студија на Командата на здружените сили во Соединетите држави (United States Joint Forces Command) која за потребата на Војската на САД еднаш годишно укажува на можни непријатни изненадување кои на глобален план потенцијално се можни во непосредна иднина. Мексико таму се наведува како една од двете земји на кои им се заканува можност од „рапиден колапс“. Другата е Пакистан, а како принципиелна референца од неодамнешното минато не е изоставена ни крвавата дезинтеграција на Југославија во почетокот на деведесеттите.

Претседателот на Мексико, Фелипе Калдерон, повеќе пати за време на последните неколку години очајнички повика на регионална дискусија за прашањето за легализација на пазарот на наркотици што претставуваше отворено признавање дека сите полициски и воени можности веќе се исцрпени и дека друг излез за какво-такво прифатливо решение едноставно нема. Во тоа го поддржуваат и други латионамерикански лидери кои, соочени со слични проблеми, и самите стигнале до сличен заклучок, како претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, или претседателите на Костарика, Колумбија и Гватемала, но не и претседателот на САД. На шестиот самит на Америка одржан минатиот месец во Карагена, Барак Обама го потврди првичниот став: дека силната економија, владеењето на законот и цврстата и верна полиција се единствениот одговор на теророт на нарко-картелите. Латионамериканските нации во поголем дел се спротивставија на ваквиот нефлексибилен став на Вашингтон по ова деликатно прашање.

Истото прашање ќе игра голема улога на претседателските избори кои Мексико ги чека во јули. Сегашниот претседател, Фелипе Калдерон од партијата PAN, се најде заробен во една нефер војна која за време на неговиот шестгодишен мандат однесе во просек по дваесет и три луѓе секој божји ден без пауза и починка, сметајќи ги тука и викендите и празниците, како верските така и оние државните.

Тогаш не е чудно што Калдерон на самиот крај посегна по очајничко решение – легализација на пазарот на наркотици. Не е чудно што даде сè од себе да го протурка. Легализацијата, всушност, проблемот згодно би го поместила неколку значајни километри понатаму, на другата страна на границата на САД.

Таму каде што и припаѓа, резонираат многу Латиноамериканци уверени дека илегалната трговија со дрога во ваков облик и не би постоела да ги нема Соединетите Држави кои сами конзумираат неверојатни деведесет и пет проценти од вкупната количина на кокаин што поминува низ Мексико.

Во таа смисла, нема ништо необично ни во тоа што Соединетите Држави на секое споменување на легализација или било кој друг облик на декриминализација и понатаму одлучно се противат. Тоа е потврдено и со неодамнешната посета на потпредседателот на САД, Џозеф Бајден, на мексиканскиот претседател Калдерон, која премногу претприемчивиот Бајден ја искористи уште еднаш да ја потврди апсолутната наклонетост на САД против илегалната погранична трговија со дрога наместо каква било друга форма за нејзина легализација или декриминализација или кои било слични бесмислени новотарии кои всушност би чинеле многу повеќе пари и не би постигнале ништо добро, баш ништо, освен што би создале армија зависници во САД, а кому во светов тоа воопшто му е потребно.

Не, со сјајна насмевка Бајден го убедуваше понатаму Калдерон во неговиот кабинет, вака сè е поевтино и поефикасно. Неспоредливо поевтино и поефикасно.
Бајден во таа пригода не ги спомнал жртвите. А и зошто да ги спомнува? На крајот на краиштата, меѓу сите тие 50.000 загинати во последните пет години, бројот на Американци беше мал, практично незначаен. А тоа што Мексиканците гинат и што ќе гинат и понатаму... па, добро, нели, очигледно некој мора, а сите всушност знаеме дека животот во Мексико никогаш не бил многу скап, така што, разбирате... и така натаму и така наваму...

Сè на сè, останаа неуспешни настојувањата на домаќинот Калдерон да го убеди американскиот потпретседател Бајден да се увери во спротивното и да му го претстави својот концепт за легализација на прекуграничната трговија со наркотици. Не помогна дури ни тоа што тој својот ингениозен концепт го запакува во слатка фраза за која се надеваше дека пазарниот Бајден лесно ќе ја проголта: „Market alternatives“.

Мудро, мора да се признае, па и вредно за внимание.

Но, џабе – не пројде.

*

Во Мексико постои една сјајна изрека која по раузданоста е достојна за Рабле и гласи: La ley de Herodes, o techingas o tejodes.

Ќе се осмелам овде да предложам една можна верзија на препевот која, да ми простите, доаѓа вака: Законот на стариот Ирод да се земе, ил те прца ил те ебе.

Успешно преведена или не, оваа квинтесенцијална мексиканска поговорка ја разоткрива самата суштина на мексиканскиот дуализам и мексиканскиот фатализам воедно, како и мексиканската традиционално слаба вера во можностите за суштински општествени промени. Во таа смисла и случувањата во последните неколку години (цела среќа што главно се сведени на северот на земјата и пограничното подрачје на САД) само се најновите прилози во ионака предолгата историја на неверојатни свирепости и насилства кои отсекогаш ги прогонувале жителите на Мексико.
Наведената поговорка затоа, со беспрекорни, одбрани зборови сведочи за посебното мексиканско искуство и светпглед.

Меѓутоа, бидејќи за ова земја ме врзуваат лични импресии и спомени, допуштете ми и сам да се огласам, тука, на самиот крај.

Токму деновиве се заокружува тринаесетгодишнината откако во мај 1999, среде НАТО бомбардирањето на Србија, преку Сараево, Љубљана и Франкфурт, се упатив кон Мексико. Наредните шеснаесет месеци живев во оваа фасцинантна земја, како само уште една минијатурна точка во таа бесконечна метропола од дваесет и којзнае-колку милиони луѓе. Живев најпрвин на Coyoacán кој и со името и со изгледот до денес ја зачувал автентичноста на предхиспанско село, а потоа во овалниот модернистички кварт Колониа Кондес изградена околу егзотичниот арт деко парк – Parque Mexico – кој настанал на местото на некогашниот хиподром – два, значи, преубави и необично живописни делови на огромниот, загаден и пренаселен град, растресуван од чести земјотреси, страшни социјални разлики и висока стапка на криминал, а сепак – најубав на светот.

За време на мојот шеснаестмесечен престој во Мексико работев сè и сешто. За некои работи подобро и не ме прашувајте. Мал дел од тоа, ограничен на моето двомесечно искуство на животот во Белград под НАТО-бомбите, моето бизарно и повремено ризично патување кон Мексико, доаѓањето во таа необична земја и пријателството со албанскиот поет од Косово, Џевдет Бајрај, опишав во книгата „Мексико – воен дневник“. Инаку, пишував секое утро и вечер, како што и обично правам, свирев гитара во бендот „Los Armstrings“ со пријатели од Тексас и Англија, многу патував, а помеѓу сето тоа, главно сам по цел ден, кога и да имав прилика за тоа, ги раскрварував петиците шетајќи по различните делови на бескрајниот град. Се вовлекував секаде, ме интересираше сè, често влегував во такси, евтини, мали и неудобно жолтобели и зеленобели буби без совозачко седиште и од ситните мрачни возачи барав да ме возат во оддалечените, сиромашни barrios, ноќе лутав по централната градска авенија Insurgentes долж која се наоѓаа проститутки, трансексуалци, ситни криминалци, хастлери, продавачи на сè и сешто. Сето тоа ми беше еднакво возбудливо колку и посетата на Националниот антрополошки музеј во паркот Чапултепек, колку и ручекот во некој од fondas каде се служи вкусна и свежа comida corrida. Ги сакав тие две страни на Мексико подеднакво. Моето однесување, значи, во оваа напукната земја, со едната половина стоеше во остра спротивност со многубројните добронамерни предупредувања со кои ме дочека моето друштво од добро вклопени мексикански домаќини. Сите околку мене имаа по некое искуство со крадци, киднапирање, насилни злосторства, вооружени грабежи, а јас само ги слушав сите тие страшни приказни со благо неверување, убеден дека овде нема шанси да ми се случи ништо лошо.

Ништо лошо не ми се ни случи.


Во Србија се вратив само два дена пред изборите од септември 2000 на кои Милошевиќ најпосле, по десетгодишен деструктивен терор, ја изгуби власта. Бев целосно преобразен. Оттогаш го носам Мексико во себе.

Го знаете она: „When the chips are down…“? Е, токму во таквите мигови Мексико за мене е нешто како ветена земја.
Мојот приватен Idaho, El Dorado, Xanadu.

Дури и пред страшната слика на девет лешеви на момци и девојки кои во зората на четврти мај се нишаа на вијадуктот на влезот во градот Нуево Ларед, и пред онаа друга слика на нанижани отсечени глави на четиринаесетмината темни мажи со мустаќи пред големата порака на Гузман до локалните власти, јас и понатаму цврсто и непоколебливо верувам во него. Во Мексико. Токму онаков каков што го запознав – грандиозен и скромен, отворен. Учтив и насмеан, исполнет со невидени чуда и несогледливи богатства.

Затоа: Viva Mexico – еден и единствен! Најимпресивниот дел од планетата којшто некогаш сум го запознал.

Warts and all, како што убаво велат Англичаните.

Извор: jutarnji list


ОкоБоли главаВицФото