Сузана Тратник го воведе лезбејството на голема врата

17.05.2012 10:07
Сузана Тратник

Пренесуваме прилог направен според интервјуто на словенечката писателка Сузана Тратник, објавено во хрватскиот весник Нови лист. Во продолжение следи и линк од нејзиниот настап на Меѓународниот книжевен фестивал Виленица во 2010 година, во Словенија (достапен е и превод на англиски јазик на нејзинот текст во рамки на видеото).

„Понекогаш и ќе прочитам дека би требало да се ’надмине’ лезбејската книжевност, што е потполна бесмислица. Како тогаш да се надмине, да речеме, книжевноста на црнците“, се прашува Сузана Тратник.

Кога Сузана Тратник ја издаде својата прва збирка раскази Pod ničlo (Под ништото) во мала издавачка куќа специјализирана за геј, лезбејска и феминистичка литература, постоеја реални шанси дека на словенечката книжевна сцена ќе остане засекогаш етикетирана како лезбејска писателка, како припадничка на литературно малцинство којашто не се однесува кон сите читатели туку кон само еден дел од нив, дека ќе биде гетоизирана зашто е лезбејка и зашто за тоа отворено пишува.

Но, се случи токму спротивното. За книгите што следуваа таа почна да добива понуди од угледните, големи издавачки куќи, а признание за врвност беше и тоа што ја прими Прешерновата награда во 2007 година, што ги надминува клановските прегради, па затоа таа денес заслужено ужива статус на една од најистакнатите словенечки жени книжевници. Иако нејзините книги, раскази и романи (Името ми е Дамјан и Третиот свет), се преведени на дваесеттина јазици, вклучувајќи го и српскиот, Сузана Тратник дури неодамна за прв пат објави своја книга во Хрватска (а на македонски јазик сè уште не е преведена ниедна нејзина книга, заб. на прев.). Нејзината прозна збирка Во своето двориште е објавена како дел од издавачката програма на лезбејската група Контра. Книгата ја претстави кон крајот на февруари во Сплит и Загреб, а ќе ја промовира и во Белград. Иако во последно време рапидно расте бројот на преведени книги на словенечките автори – Алеш Чар, Душан Чатер, Андреј Блатник, Андреј Шкубич (на македонски јазик се преведени Душан Чатер, Андреј Блатник, Алеш Дебељак, заб. на прев.), образецот е заморно, убиствено предвидлив и се сведува на тоа дека во хрватски превод ни се достапни машките хетеросексуални автори. Жени речиси и да нема – Јагна Погачник го преведе романот Одблиску на Ирена Светнек што е објавен во Фрактура – а лезбејската, квир книжевност што во Словенија веќе со години претставува една од подинамичните прозни струи, до нас воопшто не пронаоѓа пат.

Универзална позиција

Сузана Тратник е родена 1963 година во Мурска Собота. Дипломирала социологија на Факултетот за општествени науки во Љубљана, магистирала антропологија на половите. Таа е преведувачка, публицистка, авторка на научни трудови за лезбејската книжевност, колумнистка и актвистка за правата на ЛГБТ малцинствата.

„Всушност, таа лезбејска етикета не ме загрижуваше премногу, дури и ми се чинеше дека немам многу што да изгубам – и понекогаш тоа е одлично чувство. За мојата прва книга навистина се пишуваше како за искрена и непосредна ’одбрана’ на лезбејската љубов, иако тоа и не беше сосема мојата намера, но понекогаш не можеш да влијаеш на последиците од своето дело“, вели Тратник.

Со неа разговаравме во неделата што одбележа, за малата лезбејска заедница, многу значаен „coming out“ на режисерката Дана Будисављевиќ. Тратник вели дека лезбејството не е суштината на нејзините хероини: повеќе се интересирала за тоа како да напише приказна во која главниот лик е лезбејка, иако тоа не го доживува како некоја своја страшно посебна околност зашто е окупирана и со други животни прашања и проблеми, но можеби тие проблеми ги доживува или решава малку поинаку токму поради тоа што е лезбејка.

„Не ме загрижуваше гетоизацијата на книжевната сцена, ме загрижуваше само тоа дали сум способна да напишам добра книга и дали ќе ми успее да напишам сè онака како што сум замислила.“

Кога таа почнала да пишува, сè уште не можело да се зборува за некаква препознатлива ЛГБТ книжевност во Словенија. Денес, лезбејското поле во словенечката книжевност го омеѓуваат Наташа Сукич, која пишува кратки раскази и романи, Уршка Стерле (кратки раскази), Весна Лемаиќ (кратки раскази и роман), поетесите Сара Лубеј, Кристина Хочевар, Петра Хорватин... (Ниедна од наведените авторки не е преведена на македонски јазик, заб. на прев.) Тратник веќе девет години успешно организира книжевна вечер на квир проза и поезија; и овој април ќе ја одржи во Галерија Шкуц.

Your browser is not able to display this multimedia content.

„Но, сè уште таа етикета ’лезбејска книжевност’ предизвикува некаква неугодност, барем кај некои критичари кои тврдат дека постои само добра или лоша книжевност, и тоа е тоа. Понекогаш и ќе прочитам дека би требало да се ’надмине’ лезбејската книжевност, што е потполна бесмислица. Како тогаш да се надмине, да речеме, книжевноста на црнците? Така што ќе се стане белец или така што веќе нема да се проблематизира или нема да се пишува за прашањата на малцинставата бидејќи тоа наводно и пречи на убавата книжевност? Не го разбирам тој отпор кон дискусијата за малцинските, партикуларни книжевности. А како автор речиси секој поаѓа од своето ’situated knowledge’ и тоа е неговата или нејзината мала универзална позиција. Само што, позицијата на белиот хетеросексуален писател веројатно никогаш не е препознаена како партикуларна туку само како универзална“, вели Тратник.

Видливи малцинства

На прашањето дали членството во Европската унија го подобри третманот на малцинствата во Словенија, Тратник одговара негативно.

„Мислам дека ни независноста на државата Словенија, ни членството во ЕУ не ја изменија значајно положбата на ЛГБТ заедницата. Важните работи беа направени многу порано, во осумдесеттите, кога цветаа многу нови движења, да речеме, мировните и феминистичките, панк и алтернативната култура, геј движењето и конечно, лезбејските движења.“

Сексуалните и родовите малцинства во Словенија се навистина видливи, тие групи стануваат и легитимни, но сепак некако остануваат во рамката на својата инфраструктура, во своите гетоизирани простории. Сепак, тешко е да се замисли дека во Словенија би можело да се случи онакво насилство кон припадниците на сексуалните и родовите малцинства како што се случи во Сплит, 2011 година.

Го доживеавме и ние својот прв организиран напад, во јуни 2009, во геј френдли барот Cafe Open во центарот на градот, и тоа за време на читање на ЛГБТ литература. Ги нападна маскирана група момци која припаѓа на екстремните десничарски групи. Но, тие само го изразуваат (т.е. со камен и факел во рацете) она што го говорат политичарите на десницата и католичкото свештенство: дека гејевите и лезбејките бараат премногу за себе, дека со својата идеологија ги трујат нивните невини деца, дека се дури и премногу видливи па не е чудо што предизвикуваат и добиваат ќотек“, вели Тратник.

Неа не ја изненади насилството во Сплит

„Во градовите во источноевропскиот регион тоа насилство против родовите малцинства се покажува како константа, а константна е и таа спрега помеѓу политичкиот екстремизам, закоравените и митски претстави на луѓето за ’нормалноста и моралноста’, навивачкото рушење и крајната омраза, патетичното очајување за човечките вредности и говорот на омразата како облик на потврдување на сопствениот идентитет и нормализација“, вели таа.

Можеме да се огледаме на Словенија кога станува збор за толеранцијата кон различните: таму медиумите се партнери на геј и лезбејскиот активизам.

„За сето тоа беа потребни речиси триесет години, а не е лошо ако земеме предвид дека во нашиот регион не познаваме геј и лезбејска супкултура каква што имаше во Берлин, Париз, Лондон во дваесеттите и триесеттите години на 20-от век“, истакнува Тратник.

Во Словенија во тек е гласна јавна расправа за законот за семејство. Во тој контекст, интересен е случајот со детскиот магазин Цицибан, во кој неодамна е објавена приказната „Моите двајца татковци“, која силно го потресе конзервативниот дел на словенечкото општество.

„Мислам дека на противниците на тој нов закон им пречи тоа што некогаш посебните семејства стануваат сè повеќе дел од секојдневието – всушност, тие тоа и веќе се! Што е сега работата: дека не смее да се пишува и да се ’рекламира’ никаков облик на семејство – или дека не смее да се пишува само за геј и лезбејските родители и нивните деца? Тоа е чист идеолошки конструкт. Но, тоа не нè изненадува, ќе се случи уште многу пред денот на референдумот. Во овој момент, изгледите се добри дека законот ќе помине“, вели Тратник.

Право на различност

Во првиот предлог на овој закон, што веќе со недели е „жешка“ тема (погледнете го овој линк за актуелни информации во врска со овој предлог закон), стои императивот за потполна рамноправност на хетеро и хомо семејните заедници, вклучувајќи и право на венчавање и посвојување деца. Поради притисокот на десничарите и свештениците е направен компромис, укината е опцијата на венчавка на геј паровите, а посвојувањето деца е можно само по линија на партнерката или партнерот – тоа значи дека некој од нив мора да биде биолошки родител.

Јавната расправа во парламентот беше одвратна, некои десничарски политичари (и политичарки) се прославија со примитивни изјави, незнаење, ароганција и суштински насилни ставови, според кои треба да се лечат хомосексуалните личности ’кои го сакаат тоа’ и така да им се ’помогне’. Беше запрепастувачки да се гледа таа расправа, како да упаднавме во времето на палењето на вештерките“, вели таа.

Сузана Тратник вели дека ѝ е мило што луѓето сепак почнаа да сфаќаат дека не се работи само за хомосексуалните права, туку и за општото право на различност.

„Секогаш е опасно и политички безумно поставувањето само на себе и на својот начин на живот како единствен правилен облик. Тоа секогаш смрди на диктатура на мислење“, заклучува Тратник.

 

* Во својот коментар на интернет на оваа објава, Сузана Тратник вели: „Морам да напоменам дека првата книга на лезбејска поезија во Словенија ја објави поетесата и есеистката Наташа Великоња: „Abonma“, издавач Шкуц-Ламбда, Љубљана, 1994.“

Извор: novilist.hr

ОкоБоли главаВицФото