2011: Година на опасно сонување

18.05.2012 14:57
2011: Година на опасно сонување

Во персискиот јазик постои еден прекрасен израз: war nam nihadan, што значи да убиеш некого, да му го закопаш трупот, а потоа преку него да засадиш цвеќе за да се сокрие гробот. Во 2011 година бевме сведоци и учесници на низа драматични случувања, од Арапската пролет до Окупирај го Волстрит!, од демонстрации во англиските преградија до идеолошкото лудило на Брејвик во Осло. Така 2011 стана година на опасно сонување, во два правци. Имаше еманципаторски соништа кои мобилизираа демонстранти низ светот, како и опскурни, деструктивни соништа кои ги подигнаа расистичките популисти низ Европа, од Холандија до Унгарија.

Основна задача на хегемонската идеологија беше да го неутрализира вистинскиот карактер на овие случувања. Зарем доминантната реакција на нашите медиуми не беше токму „war nam nihadan”? Медиумите го убиваа радикалниот еманципаторски потенцијал на тие случувања, или ја замаглуваа нивната закана врз демократијата и садеа цвеќе над закопаниот труп. Затоа е толку важно да ги поставите работите на свое место – да ги лоцирате овие случувања внатре во тоталитетот на актуелните случувања.

Каков тоталитет? Според Хегел, повторувањето игра многу важна улога во историјата. Кога нешто ќе се случи само еднаш, може да се занемари како чиста случајност, како нешто што би можело да се избегне со подобро решевање на ситуацијата. Но, кога ќе се повтори истото случување, тоа е знак дека имаме работа со подлабока историска нужност. Кога Наполеон во 1813 г. за прв пат изгубил битка, се чинело дека е само прашање на несреќен случај, кога изгубил по втор пат кај Ватерло, било јасно дека неговото време изминало. Зарем истото ова не важи и за денешната финансиска криза? Кога за прв пат го погоди пазарот во септември 2008, личеше на незгода која може да се исправи со подобра регулација. Сега е сосема извесно дека имаме работа со структурна блокада. Како да се извлечеме од таквата конфузна ситуација?

Во триесеттите години на минатиот век Хитлер го понуди антисемитизмот како наративно објаснување за несреќите кои го погодуваат обичниот Германец. Невработеноста, расипувањето на моралот, општествените немири – зад сето тоа стоеле Евреите. Така, со фабрикување на еврејска завера, на обичните луѓе им е објаснето сè, така што им е понудено едноставно когнитивно мапирање. Зарем денешната омраза кон мултикултуризмот и емигрантите не функционира на сличен начин? Се случуваат чудни работи. Одеднаш имаме финансиски потреси кои ги чувствуваме во секојдневниот живот, но тие се доживуваат како сосем непроѕирни, а отфрлањето на мултикултуризмот воведува лажна јасност во оваа ситуација. Неканети гости ни ги го нарушуваат нашиот начин на живот. Така постои меѓусебна поврзаност помеѓу сè посилната антиимигрантска клима во западните земји и тековната финансиска криза. Цврстото држење за етничкиот идентитет служи како заштитен браник од трауматичниот факт дека сме западнале во вртлог од непроѕирни финансиски апстракции.

Вистинското туѓо тело, кое не може да се асимилира, не се странците, туку токму самодвижечката машинерија на капиталот. Затоа треба да се замислиме над некои работи од Брејвиковото идеолошко оправдување, како и за меѓународните реакции на неговиот чин. Брејвик е анитсемит, но воедно и симпатизер на Израел, бидејќи за него израелската држава претставува прва линија на одбраната од муслиманска експанзија. Тој дури би сакал повторно да го подигне Ерусалимскиот храм. Негов став е дека Евреите се океј, сè додека ги нема премногу. Како што напиша во својот манифест: „Не постои еврејски проблем во западна Европа, со исклучок на Британија, затоа што тука ги има само еден милион. Од другата страна, Соединетите Американски Држави, со над шест милиони Евреи, 600% повеќе од Европа, имаат сериозен еврејски проблем.“

Што треба да заклучиме од ова? Клучот е реакцијата на европската десница на Брејвиковиот напад. Мантрата на овие реагирања гласи – секако дека го осудуваме неговиот злосторнички напад, но не треба да заборавиме дека тој постави некои легитимни прашања за вистинските проблеми. Мејнстрим политиката не е способна да се соочи со корозијата на Европа преку исламизацијата и мултикултурализмот или, цитирам од Ерусалим Пост, „треба да ја искористиме трагедијата во Осло како прилика за сериозно да ја разгледаме политиката на интеграција на имигрантите во Норвешка и на други места“. Во оваа проценка, секако, клучна е имплицитната алузија на Израел. Мултикултурниот Израел нема никакви шанси да опстане, апартхејдот е единствената реална опција.

Цената на овој первертиран десничарско-ционистички пакт е тоа што ционистичките претставници на Израел, за да го оправдаат своето полагање на право врз Палестина, мораат ретроактивно да ја прифатат аргументацијата која порано во европската историја беше користена против самите Евреи. Премолчениот договор е следниов: ние, радикалните ционисти, спремни сме да ја прифатиме вашата западноевропска нетолеранција кон другите култури на вашето подрачје, ако вие го прифатите нашето право да не ги толерираме Палестинците на нашето подрачје. Трагичната иронија на овој премолчен договор е тоа што, во новата европска историја, самите Евреи беа, да ги наречеме така, мултикултуралисти. Нивниот проблем беше како да преживеат со недопрената култура на просторите каде што доминираше некоја друга култура.

Патем, треба да се спомене дека во 1930-те години Ернест Џонс, главниот виновник за конформистичката гентрификација на психоанализата, во директен одговор на нацистичкиот антисемитизам, се занимавал со извртени проучувања на процентот на туѓата популација која може да толерира само едно национално тело, а да не го загрози сопствениот идентитет. Прилично е шокантно како тој, кому Фројд толку му верувал, ја прифатил нацистичката проблематика. Велел: можеби нацистите се малку радикални, можеби би можеле да толерираме 5 проценти, не повеќе од тоа, итн.

На крајот на овој пат стои екстремната можност која никако не треба да се занемари. Можноста за историски пакт помеѓу ционистите и муслиманските фундаменталисти. Но, што ако навистина влегуваме во нов период, каде што тоа ново резонирање, засновано на етнички идентитет, ќе се намете насекаде? Неодамнешните изливи на хомофобија во источноевропските посткомунистички држави би требало да нè предупреди за размислување. Во почетокот на 2011 г. е одржана првата геј парада во Истанбул, каде илјадници луѓе мирно шетаа. Обидете се да направите нешто слично во земјите на пораншена Југославија. Геј парадите се редовно прекинувани од насилна маса расположена за линчување.

За мене е пресудно во оваа низа да го лоцирам антисемитизмот, како еден од елементите покрај расизмот, сексизмот, хомофобијата итн. Обидувајќи се да ја втемели својата ционистичка политика, израелската држава овде прави една катастрофална грешка. Се одлучи да го намали значењето на таканаречениот стар, традиционално европски антисемитизам, концентрирајќи се наместо тоа на нов, наводно актуелен антисемитизам кој, велат, е маскиран во критика на ционистичката политика на израелската држава. Во линија со тоа, Бернар Анри Леви неодамна изјави дека „антисемитизмот на 21 век ќе биде прогресивен, или нема да го има“. Изведена докрај, оваа теза нè принудува да извртиме една стара марксистичка интерпретација на антисемитизамот како мистифициран антикапитализам – наместо да го обвинуваме капиталистичкиот систем, ние се концентрираме на штетното влијание на Евреите. За Анри Леви и неговите следбеници, токму денешниот антипатализам претставува превртена форма на антисемитизмот. Тој тоа буквално го изјави во едно интервју: „Зад секој радикален антикапиталист денес можеш да најдеш антисемитист.“

Оваа премолчена, но не помалку ефикасна забрана на напаѓање на „стариот“ антисемитизам се одигрува токму во моментот на враќање на стариот антисемитизам во цела Европа, од посткомунистичките земји до Скандинавија. Се забележува сличен сојуз во САД. Како многу американски христијански фундаменталисти, кои се антисемитисти по природа, сега безрезервно ја подржуваат ционистичката политика на израелската држава? Израел овде игра опасна игра. Fox News, главното гласило на американската радикална десница, промотор на израелската експанзија, неодамна мораше да ја симне програмата на Глен Бек, чиишто коментари, како што знаете, станаа отворено антисемитски. Мислам дека тоа е прилично мрачна тенденција. Имено, стандардниот ционистички аргумент против критичарите на израелската политика е дека Израел треба да се набљудува и критикува како и секоја држава, но, велат тие, критичарите на Израел често ја злоупотребуваат критиката на израелската политика за антисемитски цели.

Кога христијанските фундаменталисти одбиваат да ја прифатат левичарската критика на израелската политика, зарем нивната премолчена аргументација не е најдобро претставена со една прекрасна карикатура, објавена во јули 2008, во австрискиот весник Die Presse? На карикатурата гледаме двајца дебели Австријци со нацистички изглед, од кој еден во рацете држи весник и му вели на пријателот: „Погледај како овде сосем оправданиот антисемитизам се злоупотребува како евтина критика на Израел.“ Овие се денешните сојузници на Израел. Еврејските критичари на Израел редовно се нарекуваат автошовинисти. Меѓутоа, вистински еврејски автошовинисти, т.е оние кои потајно ја мразат вистинската слава на еврејскиот народ, се токму ционистите кои склучуваат премолчен пакт со западните антисемитисти.

* * *

За што станува збор во денешната економска криза? Прва работа која треба да се разбере е дека овде не станува збор за безгрижна потрошувачка, алчност, неефикасна регулација на банкарите итн. На пример, како што знаете, денес во Европа е модерно да се напаѓа Грција – мрзливи Грци, трошат европски пари, итн. Но, мислам дека фактите се многу потрагични. Грција не е исклучок. Таа едноставно е еден од главните полигони за наметнување нов општествено-економски модел, кој пледира на универзалност на Деполитизираниот технократски модел, каде на банкарите и другите експерти им е дозволено да ја задушат демократијата.

Зошто ова се случува сега? Мислам дека на еден економски циклус му се ближи крајот. Циклус кој започна со почетокот на седумдесеттите, во време кога – според грчкиот економист Варуфакис – е роден таканаречен економски Минотаур. Чудовишна машина, која управуваше со светската економија од првата половина на осумдесеттите до 2008. Така, Јанис Варуфакис тврди дека крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите не беше само време на нафтена криза и стагнација. Никсоновата одлука да го напушти златниот стандард за американскиот долар беше знак за многу порадикални промени на основното движење на капиталистичкиот систем. До крајот на шеесеттите, американската економија повеќе не можеше да го продолжи рециклирањето на своите вишоци во Европа и Азија. Нејзините вишоци се претвораа во дефицити. А кој ќе го плати тоа? Остатокот од светот. Како? По пат на перманентен трансфер на капитал, кој тргнал да достигне преку два големи океана со цел да го финансира американскиот дефицит.

Иако визијата за денешниот глобален поредок на Емануел Тод, опишана во неговата книга „По Империите“, е прилично еднострана, мислам дека во неа постои зрно вистина. Америка е империја во залез. Нејзиниот растечки негативен трговски биланс покажува дека Америка е непродуктивен грабливец. Таа мора да вшмукува милијарди долари дневно од други земји, за да ја плати својата потрошувачка, и како таква претставува универзален кејнзијански потрошувач, кој ја движи светската економија. Овој прилив на капитал, сличен на парите кои му се плаќале на Рим за време на антиката или жртвите кои старите Грци ги принесувале на Минотаурот, се темели на сложен економски механизам. На Соединетите Држави им се верува како на стабилен и безбеден центар, така што сите останати, од богатите арапски земји со нафта до западна Европа, Јапонија, а сега и Кина, го вложуват својот вишок профит во САД. Бидејќи ова е идеолошка и воена, а не економска доверба од прв ред, проблемот за САД е како да ја оправдаат својата империјална улога. Потребна им е перманетна воена состојба, па мораа да измислат војна против тероризмот, нудејќи се како универзален заштитник на сите останати нормални (не отпаднички) држави.

Овој период, тврдам, сега завршува – оваа чудна нестабилност каде што целиот свет, на некој начин, го финасираше САД. И тврдам дека движењето Окупирај го Волстрит! беше реакција на тоа. Јас не го зголемувам неговото значење, а особено не им го препишувам знаењето кое очигледно го немаат. За мене клучната порака на движењето Окупирај е двострана. Прво, ова повеќе не е изолиран протест околу едно прашање, како, да речеме, протест против расизмот, некоја конкретна војна итн. Тоа е движење кое укажува на некаква конструкциска грешка во глобалниот капиталистички систем како таков. И второ, уште една импликација на движењето Окупирај го Волстрит! Е дека постоечкиот демократски институционален поредок не е доволно силен да се избори со овие проблеми. Немаат позитивни решенија како тоа да го изведат, немам ни јас, но мислам дека оваа забелешка е точна.

* * *

Целосно сум свесен дека одговорот на демонстрантите практично се сведува на одговорот на Меливил Барталби – не, подобро не би. Нема позитивна програма. Можеби така би требало да започне, иако пред нас е долг пат. Наскоро ќе треба да побараме барем елементи од позитивна програма. Зошто?

Реагирајќи на протестите во Париз од 1968, Жак Лакан рече: „Тоа кон кое што тежнеете вие како револуционери е нов господар. И ќе го добиете.“ Добро, мислам дека оваа дијагноза и прогноза би требало да се занемари, премногу е евтина. Но, има во неа трошка вистина. Тврдам дека токму ова е проблемот со денешните протести, барем во Европа. Индигнадосите во Шпанија, до некој мера дури и во Грција. Кога и да разговарам со демонстрантите, инсистирам на едно глупаво, наивно прашање: „Што сакате?“ Да речеме, подобра регулација, повеќе етички стандарди, подобар капитализам, враќање на социјалдемократијата, или некоја неомарксистичка револуција? Редовно се однесуваат како да сум поставил некое забрането прашање – како можеш тоа да го правиш, не е време за такви прашања итн.

Мислам дека е време. Голем дел од овие протести кои поставуваат барања – бараме праведен живот, бараме живот каде што парите им служат на луѓето, а не луѓето на парите итн. – во суштина е повикување на нов господар. Тоа е типично хистеричен хест, и тој нов господар веќе се гледа во Грција и Италија. Како иронично да одговараат на недостатокот на експертски програми кај демонстрантите, сега е тенденција политичарите во владата да се заменуваат со неутрални деполитизирани технократи. Јас тврдам дека ова повеќе не е шега. Демократијата постепено е веќе половично укината. Да се присетиме на оној момент кој мене ме преплаши, кога Грција беше во длабока криза, последниот премиер од ПАСОК, Папандреу, предложи референдум. И целата Европа беше во шок – како се осмелува, овде нема место за референдум. Тоа буквално беше притисок со порака – не, ова е проблем за експерти, немојте овде да си играте демократија.

Патем, сосем истата работа се случи во САД во 2008. Се сеќавате? Првин владата на Буш предложи конгресна помош од 750 милјарди долари, тоа тогаш беше голема сума, денес е ништо, и ќе се присетите дека конгресот гласаше со двотретинско мнозинство против. Потоа целата политичка елита – Буш, Мекејн, Обама – отиде таму и панично ги убеди. Нивната основна порака гласеше: слушајте, ни требаат овие пари веднаш, немаме сега време за демократско заебавање. И една недела подоцна повторно се гласаше – две третини гласаа за одредбата. Така, тоа за мене е de facto укинување на демократијата. Повторувам, нема лесни решенија. За мене пораката до движењето Окупирај е дека мораме да почнеме да размислуваме.

* * *

Што може левицата да научи од Ајн Ранд? Вистинскиот конфликт во универзумот на нејзините романи не е помеѓу таканаречените иноватори и купишта паразити кои живеат од нивната продуктивна генијалност. Тоа е нешто сосема друго, ако го погледнете она ремек дело, кое и покрај најдобрата волја не успеав да го прочитам до крај, „Рамнодушниот Атлас“. Вистинскиот конфликт е оној помеѓу Џон Галт и Дагни, јунакињата. Меѓу самите иноватори, кративни гении. Тој е во сексуалната тензија помеѓу иноваторите Џон Глат, и неговите хистерични партнерки, потенцијални иноваторки кои остануваат заробени во смртоносна, автодеструктивна дијалектитка.

Кога во „Рамнодушниот Атлас“ еден од иноваторите, мислам дека Џон Галт, ѝ вели на јунакината Дагни, која сака да истрае во својот зафат и да одржи во живот трансконтинентална пруга, дека нејзиниот вистински непријател не се купот паразити – туку таа самата. Мислам дека ова треба да се сфати буквално – Дагни тоа бавно го сфаќа. Кога иноваторите почнуваат да исчезнуваат од јавниот продуктивен живот, таа се сомнева во некоја мрачна завера, која ги принудува да се повлечат и така постепено да го запрат целиот општествен живот. Зошто? Паразитите немаат своја конзистентност. Решението не е тие да се разбијат, туку да се скине синџирот кој ги присилува иноваторите да работат за нив.

Идејата е дека во корумпираниот систем на социјалната држава која ја опишува Ајн Ранд, проблемот не е во таа Рузвелтова или Обамова бирократија. Проблемот се креативните луѓе кои сè уште се грижат како да го одржат системот во живот, кои се борат со систем внатре во системот – тие се вистинскиот непријател. А заклучокот е дека мора да престанат да се грижат за туѓата грижа. Треба да се повлечат, да допуштат системот да ја достигне најниската точка, и единствено така ќе можат да споревдат радикална промена.

Овде потполно ја злоупотребувам Ајн Ранд за радикално левичарски цели, но ако сè уште сакам да бидеме некакви радикални левичари, можеби токму ова на некое ниво би требало да го сфатиме. Не бидете како Дагни, како креативните луѓе кои очајно се обидуваат да го спасат системот. Иако се борат против него, тие практично му го продолжуваат животот. Како во Европа денес – што ќе се случи со еврото, што ќе се случи со финансиската криза итн. Секако, немојте да ме разберете погрешно, не велам дека не треба да направиме ништо ако умираат милиони луѓе од глад. Но, денес не се грижиме за тоа. Денес се грижиме за проблемите како финансискиот колапс. Сè почесто паѓам во искушение да кажам: можеби би требало да допуштиме тоа да се одигра. Немојте да се грижите за туѓите грижи. Не бидете противници кои со својот очајнички труд овозможуваат да функционира системот. Повлечете се, дозволете системот сам себе да се уништи.

Мислам дека за секоја општествена промена е неопходен ваков момент. Само по поминувањето низ овој момент, кога ќе видите како вашата активност на спротиставување на системот, наместо да му штети, му овозможува опстанок – само тогаш ќе можете да ја замислите вистинската промена. Нема вистинска промена без ова преминување низ точката на апсолутното, кога гледате како стандардните методи на отпор овозможуваат функционирање на системот. Кои би биле денес вообичаени моменти на отпор? Морализаторска критика – национализирајте ги банките, казнете ги финансиските спекуланти итн. Сериозно имав намера да напишам нешто во одбрана на Бернард Мејдоф. Не, тој е навистина ѓубре, но немојте да го обвинувате. Обвинете го системот кој му озвоможи да го направи она што го направи. Тој не е проблемот. Прво што треба денес да се направи е забрана на морализаторската критика – алчноста, финансиските шпекулации. Мислам дека се работи за длабока структурна нужност. Тоа нема никаква врска со алчноста, банкарите итн. Ако не сте спремни да поминете низ таа нулта точка, водете лажен живот.

Делови од предавањето на Славој Жижек, одржано во Њујорк на 25 април 2012 г.

Извор: pescanik.net

Слики: Robin Williams

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото