Ревизија на Глигоров

19.05.2012 12:47
Киро Глигоров

Илија Димовски соопшти дека на ВМРО-ДПМНЕ ќе му треба дополнително време за да го процени ликот и делото на Киро Глигоров. Високиот партиски функционер не даде прецизен рок за претстојната вмровска ревизија на првиот претседател на Република Македонија. Според Димовски, поважно е да се добијат втемелени ставови што ќе го одразуваат мислењето на стручната јавност, но и на она што обично се нарекува вокс попули.

Кога на работите ќе се погледне од аспект на Димовски, т.е. ад хоминем, една дилема е расчистена: имено, ако нему, досега, не му станало јасно кој е и што значи Глигоров за оваа Македонија, сосема е извесно дека нема да му биде јасно ниту во наредните дваесет години. Или, уште попрецизно – никогаш. Гледано одново ад хоминем, на Димовски, веројатно, не би му помогнало ниту мислењето од некои научни авторитети, какви што се, на пример, проф. д-р Владо Поповски и проф. д-р Димитар Мирчев, кои важат за едни од подобрите познавачи на поновата македонска историја. Овие двајца професори исполнуваат еден важен критериум: Владо Поповски, во деведесетитте, важеше за многу близок на Глигоров или, барем, на неговите политики, а Димитар Мирчев, од друга страна, беше активен во почетната фаза на плурализмот и беше амбасадор во Словенија и во Ватикан. Вториот важен критериум е тоа што и Поповски и Мирчев се „луѓето на континуитетот“ во македонската транзиција. Тие се денес блиски на идеологијата и на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега е нејасно дали Димовски ги консултирал овие двајца професори или не, бидејќи Поповски има работа преку глава, оти мора да го советува Коце Трајановски, а Митрев, од друга страна, мора да го советува актуелниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов. Во секој случај, кога-тогаш, тие ќе мора да се изјаснат на темата: „Како да го оцениме Глигоров?“. Тоа ќе стане партиска обврска. И тогаш ќе стане јасно – дали Димовски застапувал цврсти партиски ставови или, пак, ја имал и науката зад себе.

Целата оваа работа околу Глигоров ќе се одвива на две нивоа. Првото ниво ги изразува исклучиво интересите и политиките на владејачката партија, а сето тоа има широки општествени ревандикации. ВМРО-ДПМНЕ во континуитет, а особено во времето кога со неа раководи Никола Груевски, сака да изврши комплетна ревизија на поновата македонска историја, што значи превреднување на настаните и на личностите не само во периодот по АСНОМ, туку и во времето на преродбата и почетоците на националната борба за слобода. Уште поконкретно, ВМРО-ДПМНЕ сака да се расветли докрај нашето комунистичко минато или времето на тоталитарните пракси. За тој нагласен интерес за историјата, во принцип, нема ништо чудно и ништо необично, особено за партија која себеси се декларира како десна.

Проблемот настанува кога минатото почнува да се гледа врз база на телеолошкиот принцип или, пак на она што се нарекува телеолошки образец на дополнителна памет, при што се занемаруваат глобалните историски контексти, кои, за т.н. мали нации, а за македонската особено, се покажале како некој вид виша сила.

Вториот проблем произлегува од тоа што вмровската аксиологија е дихотомична и е рудиментарна, односно, црно-бела. Оттука, пресметката со комунизмот не дава резултати, посебно, ако се сака да се изврши насилство врз историјата – она што било бело да се направи црно и обратно. Тоа, всушност, значи само минатото да го скроиме по мерка на сегашноста.

Една од последиците на историскиот ревизионизам е што тоа нужно води кон ерозија на антифашизмот, придобивка со која Македонија треба да се гордее. Борците од НОВ ја прозиваат Владата дека нема однос спрема антифашистичката борба, а факт е и тоа дека во времето на споменикоманијата, хероите од Втората светска војна ги нема на плоштадите. Но, за овие теми е пишувано многу и нема потреба од пошироки експликации.

Оттука, антикомунизмот што сега се форсира во Македонија, всушност, е некој вид димна завеса за упропастувањето на македонската демократија или најлесен начин за дефокусирање од вистинските проблеми и предизвици. Преку ваквиот третман на историјата, преку таа опсесија за минатото, само се зајакнува мрзеливиот грч на интелегенцијата, се поттикнува алиби играта и се инсталира грандиозниот генератор на социјалната неодговорност во тешките времиња.

Нормално, за оваа власт е приоритет какви ставови ќе имаме за комунизмот што пропадна пред две децении, наместо целокупната јавност да се сконцентрира на клучното прашање: како ќе се справиме со постојниот неокомунизам што ни е наметнат од популисти, со наводна демохристијанска провиниенција.

Второто ниво од целата оваа операција е тоа што превреднувањето на Глигоров ќе падне врз грбот на македонската научна мисла, која и онака лелека поради товарот што мора да го носи (а некои и самите се натоварија) во изминатите шест години. Она што е бизарно и е политички многу опасно е фактот што ВМРО-ДПМНЕ испраќа сигнал до стручната јавност дека треба да се подготви за темелно и за непристрасно преиспитување на ликот и на делото на Глигоров. И да биде уште потрагично, овој процес почна да се тркала низ институциите на системот или, уште поконкретно, во Собранието.

Првото логично прашање што се наметнува е: кој ѝ пречи или кој ѝ пречел на историската наука и на општествената мисла критички да го промислува Глигоров? Дали Глигоров бил табу тема во плурализмот? И каде се видело во некоја демократска држава, власта, односно, владејачката партија, да дава инструкции или самата да се декларира која личност заслужува научен третман? Зарем тоа не е во доменот или, пак, е исклучива привилегија на самата наука?

Во нашиот случај, одново се случува партиското да се прелева во државното и обратно. Дури и доколку расправата за Глигоров остане во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, што е речиси невозможно, пак се наметнува прашање: чуму сето тоа?

Еве, без никакво специјално и длабинско истражување, јас можам со сигурност да тврдам каков ќе биде ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Глигоров. Тој став бил, е, и, најверојатно, ќе биде негативен. Но, што со тоа!? Кого го занима што мислат сега вмровците за Глигоров!? Конечно, каква врска има сето ова со односот што треба да го гради државата, односно една државна гарнитура кон поранешен политичар, кој починал.

Во секоја здрава демократија, во секоја држава која гради здрав однос кон историското, актуелната државна гарнитура изразува пиетет по дефолт, што се вели, спрема починат политичар, без оглед на идеолошките и на политичките разлики. Пиететот е особено изразен спрема политичар кој бил прв претседател на една држава, како што е кај нас случајот со Киро Глигоров.

На сето ова, ВМРО-ДПМНЕ може да каже дека и како партија и како Влада покажаа пиетет по смртта на Глигоров. Телеграмите со сочувство и изјавите на актуелниот државен врв, беа во тој дух. Исто така, луѓето од власта ќе кажат дека Глигоров доби споменик во Жена парк. Така, формата беше задоволена. Но, сега стигнавме до она суштинското.

Партијата на власт во однос на Глигоров, убеден сум, ќе се раководи според тактиката: бркам зајак, а очекувам да се појави мечка. За почеток, процесот на критичко превреднување ќе заличи на некој вид демитологизација на Глигоров, на набројување на сите грешки, пропусти и погрешни политики од тоа време. Кога власта ќе обезбеди доволно количество аргументи, оркестрирано и пропагандистички, ќе ја соопшти „вистината“ за Глигоров и, демек, на народот ќе му се отворат очите. Тоа, истовремено, ќе означи и промоција на најголемото откритие – дека 2006 г. е нултата година на македонската независност и на македонската демократија, а сè што било претходно е само лага и измама.

Се разбира, целата оваа операција носи и огромни ризици за власта. Таа мора да води сметка дека луѓето во Македонија немаат баш толку кусо паметење или се толку заглупавени, како што сега се мисли. Потоа, мора да го респектираат и фактот дека Глигоров имал убедливо највисок рејтинг од кој било политичар во изминатите 21 година на независност. Ресентиманот спрема Глигоров е сè уште силен. Освен тоа, треба да се има предвид дека светски државници од формат говореле и говорат за Глигоров со уважување и со почит.

Глигоров беше еден од ретките луѓе кои се определиле за политиката, со јасна свест дека политичарот не си обезбедува место во историјата со панагирики. Или, со наместени рејтинзи и со политика на страв и на заплашување. Глигоров не беше ниту светец, ниту безгрешен. Но, тој стана вертикала, пред сè, со својата рационалност, која тешко може да се прескокне и да се потисне. Страничните удари и фаули што сега ги прави власта навестуваат фронтален напад. Тоа е само доказ колку Глигоров останува коска во грлото на оваа владејачка гарнитура.

Да се ничкоса Глигоров е сон на ова ВМРО-ДПМНЕ.

Но, Глигоров е и надежта дека можеме да останеме барем нормални.

Извор: globusmagazin.com.mk

Мнгогу нешто знаеш што мисли

Мнгогу нешто знаеш што мисли ВМРО-ДПМНЕ, што „е сон на ова ВМРО-ДПМНЕ“, што сака “ВМРО-ДПМНЕ во континуитет, а особено во времето кога со неа раководи Никола Груевски“, што би направило ВМРО-ДПМНЕ...

Член си на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ или гледаше на гравчиња?

Сите гледаме што сака ДПМНЕ.

Сите гледаме што сака ДПМНЕ. Самиот пастир зборува за неколку илјади реализирани проекти на Владата на ДПМНЕ. Реалирани и видливи за народ, така ли, а не за тајни масонски кругови. Така што, би рекол, секој идиот во земјава (а особено ако тоа му го објасни пропагандата на ДПМНЕ) знае што сака и што прави ДПМНЕ. Е сега, ако има некои тајни агенди кои се кријат од народот, а за кои се шушка, тоа е друго прашање.

Господине Мицковски

Господине Мицковски вистинската улогата на Глигоров ке биде расветлена во моментот кога ке спроведе "ПРОЧИСТВАЊЕТО" за периодот после 1990 година. "ПРОЧИСТУВАЊЕ" спроведено во судски постапки.
Приказнава на Илија е само замајување односно шанса вие да ја до замаглите вистинската слика за Глигоров.

ДА СЕ РАЗОБЛИЧИ ГЛИГОРОВ Е

ДА СЕ РАЗОБЛИЧИ ГЛИГОРОВ Е ЗАДАЧА НА СЕКОЈ ОПШТЕСТВЕН ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ КОЈ ИМА НАУЧНА СОВЕСТ. А ДПМНЕ-В‘ЦИТЕ НИТУ ИМААТ ИНТЕЛЕКТ НИТУ ИМААТ НАУЧНА СОВЕСТ ЗА ЕДНА ТАКВА ЗА НИВ СИЗИФОВА ЗАДАЧА.

Немаше да го напишам овој одговор доколку Вангели не беше доволно дрзок да не го објави мојот коментар на неговата ода на глув фанфарон спрема „грендпа Киро“. Немајќи оваа апотеоза база на економски аргумент таа е изопачение на Ќопиќ за паднаниот „анти-фашистички“ пролетер Глигоров. Вангели заборавил кадејќи му да спомене дека Глигоров како еден од промоторите на теоријата за „социјалистичко стоковно производство“ – ставена во пракса уште по анти-фашистичката победа – ги засеа никулците на идниот економски фашизам против општественото богатство на работниците кои рамо до рамо со грендпа Киро се бореа за нов поредок – антифашистички и комунистички. Во таа смисла Глигоров е апокалиптичар што јуришаше против југословенска Македонија. Дури и самиот Вангели – несвесно, се разбира – не го исклучува од одговорност за овие злосторства, опишувајќи го како „југословенски политичар на позиција“. Глупите и слепите сороидни окнаши во прв ред Никола Гелевски-Коља наместо да ми забележуваат дека Глигоров немал можност да ги промени тековините во социјалистичкиот развој на Југославија нека го (пре)прочитаат својот колумнист Вангели. Од 1947 до 1952 Глигоров имал позиција на помошен министер за финансиско планирање. Во 1962 бил избран за член на ЦК СКЈ. Од 1969 до 1978 бил член на претседателство на ЦК СКЈ. Држејќи ги овие функции, Глигоров има историска одговорност за пропаста на социјализмот. Дури и да не бил „југословенски политичар на позиција“, Глигоров е одговорен затоа што молчел, бидејќи молкот е злосторничко соучесништво – од глупавост или од политичка итрост. „Не треба да ги казнете само предавниците туку и оние кои се неутрални. Треба да ги казнете сите пасивни во Републиката“ (Сен-Жист). Тогаш каква чесност, каква доблест му препишува Вангели на Грендпа Киро, кој всушност го надгледуваше своето чедоморство, првите фази не на пост-комунистичка транзиција туку на дооформувањето на медузиното лице на „социјалистичкото стоковно производство“ – приватниот капитал. Глигоров иронично е одговорен за признавање на санкилотска Македонија од вампирски жедниот меѓународен капитал. Денес на секои 8 дена загинува по еден работник. Вангели, која дрскост ја имате за да препознаете овде независност на една цела нација?! Глигоров можеби преживеа обид за убиство, но срамот во иднина што ќе го зацрни неговиот авторитет сигурно нема да го преживее во мигот кога санкилотите на Македонија ќе го зацрнат лажниот сјај на буржоаската дрдорилница со свој непосреден собир. Ова а не разоткривањето на атентаторот е императив на денот!

Кога Вангели зборува дека македонската „економија требаше да помине низ мултифацетирана преобразба – од социјализам до пазарна економија“, просто блади. „Исто така, би можел да се укине папата, а да се пушти да суштествува католицизмот“ (Маркс). Овојпат Вангели со своето одвратно заглушувачко фанфаронство кон грендпа Киро ги прегазува и своите анархистички идеи и му суди по заслуги за плодови на прагматизам кој токму беше исход на корупција на принципите! За Вангели идеите на Париската комуна паднале на земја заедно со мршите на комунарите! Безочна дрскост! Вангели ја загуби својата радикалност, тоа веќе, за жал, го знаеме. И јас повеќе не му верувам.

Не само што претседателот Глигоров направи малку да ја заузди корупцијата, којашто сам како промотор на „социјалистичкото стоковно производство“ ја зачна во оргија со Кардељ и Бакариќ, туку сталинистички ладнокрвно го набљудуваше голодоморот на македонските санкилоти овојпат како „врховен командант на вооружените сили“. Во таа смисла ние сигурно знаеме дека Глигоров го предизвика најлошото од чија сенка не може да го сочува ниту Гебелсова пропаганда.

Кој благослов за непросветените ако Глигоров ги прифатеше своето несовршенство и своите ограничувања како марксист и комунист! Која заштеда на време и жртви ќе придонесеше овој грендпа за своите идни генерации ако тој навистина се посветеше и беше доследен на марксизмот отколку на прагматизам на ниво на деловен човек. Поради тоа беше слеп дури за непосредните ефекти на неговите одлуки. Поради тоа беше политичар без смисла за она што е правилно и она што е погрешно; неговиот морален код во својата срж беше буржоаски. Со буржоаски вредности и благородност чија рамка беше буржоаски независна Македонија со мнозинство од крепосени работници. На овие македонски санкилоти не им требаше чесноста на маскираната битанга, туку работни места, леб, а не „чесност“.

Лицемерието на Глигоров го достигнува својот зенит со мислата дека „лидерите не треба да се плашат да остават некои од проблемите и задачите за идните генерации“ додека токму тој беше оној „југословенски политичар на позиција“ кој во 1983 година ширум СФРЈ ја кроеше иднината на генерации: „Социјалистичкото стоковно производство се разликува од капиталистичкото, бидејќи се базира на општествена сопственост над средствата за производство и социјалистичко самоуправување“.

Глигоров можеби намерно не навредил ничии чувства, но како апологет на „социјалистичкото стоковно производство“ ги отуѓи душите на работниците во рамки на прозорци на својот расипан морален код.

Глигоров не е никаков „комунистички реформатор“, освен уништувач на комунизмот. Без сочувство спрема жртвите на македонската акумулација на државниот капитал во приватни раце. Во оваа смисла неговиот непрофесионализам, се разбира антимарксистички, е разобличен во неразбирање на општествениот однос на капиталот. „Во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување“ (Маркс). Токму Глигоров како апологет на „социјалистичкото стоковно производство“ ги убедуваше работниците, а денес санкилоти, дека тоа се разликува од капиталистичкото, бидејќи се заснова на општествена сопственост над средствата за производство. Дали уште сте убедени дека Глигоров и неговите содругари во апологетствово се политичари од доблест, чесност?

Вистински пример на политичар од чесност за овој „југословенски политичар на позиција“ кој никогаш не ја ризикувал својата благосостојба (затоа што не го искористил својот ум да ги проучи Маркс-Енгелсовите дела), е францускиот буржоаски револуционер Жан-Пол Мара (1743-1793). Тој живеел на црно кафе во текот на три месеци, за време на неговото творештво, спиејќи само два часа ноќе – и потоа редоследно спиејќи здраво тринаесет дена. „Работа во којашто тајните и злобните обиди на принцовите да ја срушат слободата се посочени, а страшните сцени на деспотизмот се обелоденети“, објаснува Мара. Глигоров за негова срамота и за жал на народот не успеа да ги обелодени страшните сцени на деспотизмот на „социјалистичкото стоковно производство“. За да го намали страдањето на сиромашните, доктор Мара отворил амбуланта како што направил во Лондон, и давал бесплатни здравствени прегледи на сите коишто се обратувале. Глигоров како „врховен командант на вооружените сили“ не ја спречи срамната акумулација на државниот капитал во приватните џебови на новопечените буржуи за да го намали страдањето на работниците поради што ги преобрази во санкилоти во краток рок. Толку скрупулозен бил Мара со работите околу парите што тој не прифаќал помош од владата. Ниту примал плата ниту допуштал на некој освен на приватни граѓани да му помагаат да го издава неговиот весник. Во таа смисла Мара бил на повисоки марксистички позиции (за укинување на разликата меѓу производствениот и непроизводствениот труд) во однос спрема „југословенскиот политичар на позиција“ кој сепак не успеал да го предвиди мракобесието на општествениот однос на капиталот допуштен во – социјалистичка, според Вангели – Југославија. Мара исто така сослушувал секој санкилот што ќе му пристапил и е познато дека ги раздавал своите пари за да ги нахрани оние посиромашни од него. Мара без сомнение бил човек на народот. Глигоров немаше доблест, немаше чесност, во 1983 година да го сослуша непрофесионалниот/неплатениот марксист и комунист Лазар Гогов кој му пишува писмо во кое го опоменува дека социјалистичкото самоуправување врз основа на стоковно производство е злочудна илузија, и според тоа не станал познат дека ја раздал својата „позиција“ за да ги „нахрани“ оние „посиромашни“ марксисти и комунисти од него, но, се разбира, побогати по дух, како Лазар Гогов.

Искрено? Едните се обидоа да

Искрено?

Едните се обидоа да му извршат атентат, другите се обидуваат да го егзекутираат постхумно!!

Сепак тешко ќе можат да го избришат неговиот потпис на времето во Македонија во првата половина од 90тите години.

Киро антачабл. Секој што ќе

Киро антачабл. Секој што ќе се обиде да го преиспита, макар и да го спомне а без притоа да го „кова во ѕвезди“ е егзекутор.

Ма дај молим ти се.

ОкоБоли главаВицФото