Живот мрачен како трилер

21.05.2012 11:18
Живот мрачен како трилер

Сериски убиец шета низ богатите предградија на Атина. Негови жртви се Грците кои го избегнуваат плаќањето на даноците. Нивните безживотни тела се расфрлани меѓу урнатините од стариот град. Причина за смртта: труење со букемиш, како и Сократ.

Грција деновиве минува низ многу нешта, вклучувајќи го и порастот на криминалот, но оваа приказна во поголемиот дел е фикција. Станува збор за заплетот на последниот бестселер на грчкиот писател Петрос Маркарис, кој успешно ја комбинира улогата на писател на трилери и прилично цитиран општествен коментатор.

Убиствата, централна тема во неговата нова книга „Расчистување на сметките“, поминуваат добро кај читателите кои се бесни на елитата даночни неплаќачи, чиишто несовесност и негрижа ја донесоа Грција на коленици. Многу читатели, како и главниот лик, кој воедно е и наратор, инспекторот Костас Харитос, се растргнати меѓу гадењето и потајниот восхит кон убиецот, кој се нарекува себеси Национален собирач на даноци, кој собира пари не за себе туку за државната каса. Толкави се јавните симпатии за убиецот што Маркарис на задната корица од книгата ја стави следната напомена: „Предупредување: не го имитирајте овој роман“.

„Сакав да раскажам вистинита приказна за тоа како се развиваше оваа криза и како ги погоди обичните луѓе“, вели Маркарис во својот атински стан. „Пишувањето крими роман претставува најдобар облик за општествени и политички коментари, бидејќи многу од она што сега се случува во Грција е криминал.“

„Насловот на романот во античка Грција би означувал крај на животот, расчистување на сметките пред смртта. А неговото ново значење е методот за наплата на данок. Во замена за уплата на данок во даночната управа – канцеларијата за расчистување на сметките – државата ги амнестира оние кои не ги плаќале даноците“, вели овој 70-годишен автор.

Роден во Истанбул од грчки и ерменски родители, Маркарис на 30-годишна возраст се доселил во Атина и сè уште ги набљудува грчките проблеми со очи на некој отстрана. „Ова е систем кој се градеше ден за ден од почетокот на минатиот век, а забрзано во последниве 30 години.“

Системот за кој зборуваме се нарекува клиентелизам. Тој ги вклучува грчките елити – бродосопствениците, докторите, адвокатите и некои новинари – кои ги финансираат двете главни партии, а за возврат нивните синови и ќерки добиваат високи функции во државното раководство, плус доживотно ослободување од данок. Тоа беше неодржлива спогодба која се заташкуваше со државниот буџет и која спектакуларно беше разоткриена кога Грција повеќе не можеше да позајмува пари од меѓународните пазари за и понатаму да ги финансира своите навики.

Кога владата во заминување се обиде задоцнето да собере даноци и почна да ги прелистува даночните пријави и деловни книги на атинските доктори, откри дека поголемиот дел од нив не плаќале ниту евро годишен данок, бидејќи пријавиле доход помал од одданочуваниот минимум од 12.000 евра годишно, иако поседуваат коли кои се неколку пати поскапи од овој износ. Во борбата меѓу реформистите во владата и оваа елита, изгубија реформистите. Владата падна, а последните избори доведоа до пат позиција, формирање преодна влада и закажување нови избори.

Во меѓувреме, градските ексклузивни ресторани се полни со грчки богаташи, додека поголемиот дел од работничката и средната класа се соочува со беда. Самиот Маркарис живее во скромен стан во центарот на Атина, која порано беше пријатно место за живот. Сега бесот е насекаде по ѕидовите на градот, испишани со графити со заканувачки пораки кон доселениците – за депортација или нешто полошо. Улиците издишуваат со отпорот на месното население кон африканските улични продавачи. Кога во утринските часови Маркарис ќе погледне низ прозорецот, ги затекнува своите средовечни соседи како пребаруваат низ кантите за ѓубре.

Книгата е полна со размислувања за растечката криза.
Книгата почнува со цитат на поранешниот претседател Константин Караманлис, кој ја опишува Грција како „вечна лудница“. Во првата глава, четири старици се самоубиваат оставајќи порака дека поради намалувањето на пензиите не можат повеќе да си дозволат лекови ниту да посетат лекар, па решиле повеќе да не бидат на товар на општеството. Во текот на изминативе години забележани се неколку слични случаи. Официјалните статистики говорат за пораст на самоубиствата од 22%, но побожните православни семејства често ги прикриваат самоубиствата на своите роднини поради срам.

Подоцна во книгата, кога инспектоторот Харитос го повикуваат да ги истражи убиствата на богатите Атињани, неговата прва помисла е дека секое вмешување во приватните работи на елитата би можело да го чини претстојното унапредување. Се бори со самиот себе, се обидува да почувствува сочувство со жртвите, забележувајќи кај првата, еден познат хирург: „Пред да ги отвори пациентите, првин ги отвораше нивните паричници“.

Обидувајќи се да ги открие мотивите на самонаречениот Национален собирач на данок, Харитос иронично забележува дека кога би биле убиени сите неплаќачи на данок, населението на Грција би се свело на неколку „работници, невработени и домаќинки“.

Маркарис и Харитос ја канализираат мрачната потсвест на грчката психа која економската криза ја исфрли на површина, а која најдобро ја слика влегувањето на Златна зора, неонацистика партија, во парламентот. Во својата претходна книга, „Долгови за наплата“, жртвите се поврзани со банките, хеџ фондовите и агенциите за рејтинг; сите се обезглавени. Тој веќе ја подготвува новата книга од трилогијата, но го чека развојот на настаните во Грција.

„Системот кој раководеше со земјава од падот на воената хунта е мртов. Мерките на штедење го уништија политичкиот пејзаж. Прашање е дали Грција ќе успее да ги преживее овие мерки и дали Европа може да го преживее грчкиот колапс. Но, јас не ги знам одговорите на овие прашања.“

Извор: The Guardian