Соларна еротика

18.08.2009 13:21
Almost-Rosey_72dpi.jpg

Дваесетте века јудео-христијанство – грубо кажано – остави траги во обликувањето на западњачкото тело.

 

Рециклирањето на питагорејската, но пред сè, на платонската традиција на христијанска Европа во наследство и’ остави шизофрено тело кое се мрази себе си, кое во себе ја чува единствено фикцијата за некаква нематеријална и бесмртна душа, за на крајот да може да ужива по смртта, што доминантната религија ја одгледува ad nauseam.

Кога аналитичкиот кауч, како кај Crébillon, би можел да проговори, а исто така и фотелјата од ординацијата на сексологот, многу е веројатно дека би слушнале неверојатни работи за сексуалните употреби на тенденциите, кривините и скршнувањата на либидото и на она што во целина би го нарекол сексуална беда за да го избегнам она што, од зоофилијата до некрофилијата, преку педофилијата, ја покажува нелагодната склоност на хомо сапиенсот да ужива во пасивните предмети што тој си ги подредува себе си преку насилство. Фамозниот хетеросексуален пар, доколку ја ограничам својата тема, исто така трпи поради присуството на дива бруталност.

Еротизмот делува како противотров за таа сексуалност која е одредена од својата бестијална природа: кога зборува само сексот, тој ги изразува нагоните на мозокот на најобичниот влекач; кога, пак, се изразува преку артифициелното, тој го собира сето она најдобро од цивилизацијата која го произвела. Ако бараме јудејско-христијански еквивалент на кинеската, индијската, јапонската, непалската, персиската, грчката или римската еротика, нема да најдеме ништо. Единствена одлика на еротиката: омраза кон телото, воздржувањето, кон желбата, жените и уживањето. Не постои католичка умешност за уживање, постои само научен диспозитив за кастрирање и уништување на секое навестување на хедонизмот.

Еден од столбовите на овој систем за производство на евнуси, девици, светци, мајки и сопруги постојано се конструира на штета на женското во жените. Таа е орвата жртва на тој антитероризам, виновна за сето она што е земско. За да ја заснова логиката за најлошото во сексот, Западот создава мит за желбата како недостаток. Од говорот за андрогинот кој во Симпозиумот го држи Аристофан па сè до списите на Жак Лакан, преку корпусот на  текстовите на Св. Павле, оваа фикција трае и опстојува.

Што тврди? Во основа: мажите и жените потекнуваат од првобитното единство кое боговите го уништиле бидејќи се осмелиле да уживаат во совршенството; ние сме само фрагменти, делчиња, нецелосни сме; желбата ја означува потрагата по првобитниот облик; уживањето значи верување во фантазматската реализација и поради своето совршенство како топчесто животно. Желбата е недостаток и уживање служи за исполнување на тој недостаток, тоа е потеклото на сексуалното незадоволство и беда. 

Всушност, таа погубна фикција го тера мнозинството на потрага по непостоечкото, значи, само на наоѓање фрустрации. Потрагата по Принцот на бел коњ – или негов женски еквивалент – предизвикува разочарувања: реалното никогаш не ја поднесува споредбата со идеалот. Волјата да се постигне целосност секогаш генерира болка поради нецелосноста – освен кога ќе се јават одбранбените механизми, како што е негирањето, кои му пречат на регистрирањето на очигледното во свеста. Разочарувањето секогаш се доживува на крајот кога неговото реално се впишува во имагинарното со кое управува доминатниот морал кому во тоа му помагаат идеологијата, политиката, религијата, здружени за да ја произведат и одржат таа првобитна митологија.

Но желбата не е недостаток туку вишок кој се заканува дека ќе се прелее; задоволството не е одредување на наводно остварената целосност, туку спречување на разлевањето со помош на излевањето. Не постои метафизиката на првобитните животни и хермафродити, постои само физиката на масата и механиката на флуидите. Ерос не потекнува од небото со платонски идеи, туку од честиците на материјалистичкиот филозоф. Оттаму и потребата за постхристијанска, соларна и атомска еротика.

Во логиката на обновеното животно, стапувањето во пар се смета за круна на јудејско-христијанската еротика. Метафизичката неспособност на големото дело на цицачите, на кои им е блиозк нагонот на стадото, во тоа го наоѓа решението во облик на противотров. Кога боваризмот зборува за љубовта, за сестринската душа, принцот и принцезата, умот таму гледа општествен договор или осигурување на егзистенцијата. Кога сме двајца, болката што постоиме се чини помала. Уште една илузија.

Љубовниот дискурс ја маскира вистината за видот: романот, медиумската пропаганда – рекламата и филмот, телевизијата и т.н. женски печат – раскажуваат за љубовта на прв поглед, страста, извонредната моќ на чувствата, љубов со голема буква, таму каде умот немилосрдно ја раскрива вистината зборувајќи за феромоните, законите на видот, слепата природа која тежнее кон хомеостаза во паркот на цицачите со сива маса во мозочната кора.

Кога има недостаток од филозофија, владее биологијата. Или етологијата – која зависи од неа. Мажјакот постои пред мажот, женката пред жената. Општествената поделба на улогите се врши имајќи го предвид потомството. Не познавајќи го најситините подробности на механизмот на производството, жената натежнала, уморна од бременоста од детето што го носи, и навистина не може да го следи мажјакот во лов или собирање плодови во непријателска средина. Притоа уште мора и да остане покрај огништето поради детето или децата кои веќе се таму. 

Природно, семејството ги мобилизира и мажјакот и женката секој за својата специфична улога. За жените е следното: одржување на огнот, подготвување намирници, готвење, печење, ткаење, штавење, спојување кожинки, шиење, предење волна, обезбедување облека, што претставува селански активности, додека нивните партнери ловат, рибарат, собираат плодови и обработуваат земја, што претставува номадска работа. Неколку милениуми подоцна, наспроти културалните и интелектуалните достигнувања на цивилизацијата, дали сега е навистина поинаку?

Политиката и општеството ја обновуваат оваа првобитна етолошка структурација, и’ даваат углед во облик на закон-темелник. Оттогаш семејството со својот номадски и седечки пол ја претставува клетката на општеството. Таа е првиот запчаник на државниот механизам кој свесно или несвесно тежнее да го репродуцира божествениот план во светот за да би постоел: онаму каде триумфира монотеизмот, семејството го репродуцира небесниот поредок. Еден Бог – кој уште се нарекува и Бог Татко; Таткото, повторно, ги поседува неговите атрибути за да владее во семејството; целосна власт според начелата на божјото право, на средина е втемелувањето, глаголот е перфоматив, го зазема врвот на хиерархијата. Парот Бог и неговиот народ му ја пружаат шемата на Божјиот град, а мажјакот и неговото племе, таткото и неговото семејство – шемата на градот на луѓето.

Растргнат, страдајќи поради својот недостаток, откако ќе ја пронајде својата половина, повторно воспоставувјќи го првобитното единство, уживајќи во задоволството поради оствареното спојување, враќајќи го мирот преку реконструирање на фиктивниот ентитет, парот нема да застане сè додека не го дополни својот егзистенцијален амалгам така што же произведе некој трет, а потоа и уште такви. Нуклеарното семејство го реализира проектот на својот вид и така овозможува исполнување на програмата на природата.

Верувајќи дека се ослободиле од етолошките стеги, оваа тривијална вистина луѓето ја кријат под превезот поими со кои може да се камуфлира цицачот кој сè уште живее во нив. Таа природна предодреденост која опстојува во најпримитивниот дел на невронскиот систем истрајува и ја чува целосната власт. Семејството не ја слави толку отелотворената љубов на две слободни суштества свесни за своите проекти колку што ја слави ѕвездата на секој облик на живот на планетата.

A priori активната желба е придвижена од страшната противопштествена сила. Пред да биде фатена и припитомена во облиците кои се претставуваат како социјално прифатливи, таа претставува енергија која е опасна за воспоставениот поредок. Под нејзина власт повеќе не е битно ништо од она што го прави социјализираното суштество: востановениот распоред на часовник кој се повторува, рационалност во постапките, штедливост, послушност, покорност, досада. Оттогаш триумфира сè што му се спротивставува: целосната слобода, владеењето на хирот, општата невнимателност, расфрлањето, непокорувањето на важечките вредности и начела, бунтот против владејачката логика, целосната асоцијалност. За да може да постои и да трае, општеството мора да ја зауздува таа дива моќ без закони. 

Втората причина ја објаснува аскетската кодификација на желбите и задоволствата: дивата волја за уништување на неверојатната моќ на женското. Мажјакот брзо учи од искуството, а тој во прашањата за сексуалноста им се покорува само на законите на природата. Женското задоволство не се вклопува добро во природното варварство бидејќи бара културна артифициелност, еротизам и техники на телото – дишење, совладување на соковите, задржување, варирање со телесната активност и сл. Тоа е непристапно на оној кому му е доволно само да ја следи својата природа. Непристапно и застрашувачко.

Несмасен, невнимателен, лишен од љубезност, мажот ужива сам и пред која било етичка конструкција на вина не сака неговата парнерка да остане на прагот на уживањето. Не поради грижата за другиот, ниту поради моралната емпатија со нејзината фрустрација, туку заради гордост: тој во сопствените очи делува немоќно, неспособно, како нецелосен мажјак, како моќ која е фиктивна бидејќи не е ефективна. Слична повратна слика, не сосем нарцисоидна, ја ранува гордоста на мажјакот и тој прибегнува кон големите средства за да го реши проблемот и спасот го наоѓа во тоа што ја редуцира женската желба на строга нужност. Во тој мрачен подвиг се истакнува јудео-христијанството, а заедно со него и исламот.

Продолжува...

Илустрации: Xiaoqing Ding

Слични содржини

Психологија / Теорија
Квир / Живот / Култура / Теорија
Живот / Култура
Квир / Живот / Култура / Филм
Општество / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото