Репортажа: Осмели се, вози велосипед во Скопје без да пцуеш!

23.05.2012 11:19
Репортажа: Осмели се, вози велосипед во Скопје без да пцуеш!

Возењето велосипед во Скопје делува терапевтски. Бројот на пцовките кои ми излетуваат во текот возењето е најмалку два пати помал од лавината која се слева кога еднаш во месецот принудено ќе влезам во автомобил.

Сочната пцовка, сепак, секогаш ми е на врвот на устата и кога ги вртам педалите, но најверојатно поради физичкот ангажман при возењето многу поретко се случува таа да го збогати скопскиот етер.

Има моменти кога не можам да ја додржам. Автомобили паркирани на велосипедските патеки, возачи кои често за влакно не те прегазуваат, пешаци кои по патеките се движат како на корзо, улици на кои возењето е практично невозможно, се само дел од тие ситуации. Меѓутоа, ова на Министерството за внатрешни работи минатата недела не му пречеше да ги предупреди велосипедистите да возат по означените патеки или по десниот раб на улиците, или ќе добијат казни од по 25 евра.

За да видиме дали оваа мерка за растечкиот број на граѓани кои вртат педали во Скопје е изводлива, на велосипед со фотоапарат во рака ја извозевме рутата од Рекорд, по булеварот Партизански одреди до мостот Обединети нации и назад. Во какви услови секојдневно возат велосипедистите најдобро покажуваат следните фотографии.

Рекорд - Ако градоначалникот Коце Трајановски може да помине со велосипедот тука, ќе возиме и ние

Кај „Рекорд“ граѓаните кои чекаат автобус го блокираат целиот тротоар. Според препораките, би требале да се движиме по десната страна на улицата. Таму застануваат автобусите и најверојатно велосипедистите, за да избегнат казна, би требало да се протнат меѓу нив и тротоарот на простор широк триесетина сантиметри. Притоа може да налетаат на патници кои влегуваат или излегуваат од автобусите.

Најинтересни се пешачките премини. На нив со свежа црвена боја е означен просторот по кој треба да се движат велосипедистите, за бојата магично да исчезне веднаш штом почне тротоарот. На потегот од „Тифани“ кон Соборниот храм, патеката исчезнува под паркираните автомобили.

Велосипедската патека би требало да биде просторот меѓу бледите црвени линии

По „Партизанска“ начекавме повозрасен велосипедист па едноставно возевме позади него и ги фотографиравме ситуациите со кој се справуваше. Тротарот на кој би требало да биде велосипедската патека е целосно блокиран, а ниту работ на улицата не е подобар. Делот на Партизанска во правец од Центар кон Карпош до крстосницата со улицата Рузвелтова нуди најживописно велосипедско искуство.


Живописно велосипедско опкружување на Партизанска

Состојбата е малку подобра во делот на Карпош, најверојатно поради поширокиот тротоар на кој велосипедската патека е одвоена од пешаците. Меѓутоа интересно е што сите автобуски станици излегуваат токму на патеката, па треба да се пробивате меѓу патниците. Сепак и таму не недостасуваат „светли“ примери. На места на патеката има контејнери, нормално, и пешаци, а пред мостот Обединети нации патеката често се користи како паркинг простор.

Властите сигурно си размислиле: Ако е толку широка патеката зошто да нема и контејнери



Кој знае, ќе се снајде - „Партизанска“ пред мостот Обединети нации

Ова треба да се изучува во учебници: Како целосно да се блокира велосипедска патека

Многу е логично среде патека да има автобуска станица

Нашата велосипедска тура својот зенит го достигна при враќањето кон центарот на Скопје. Целосната анархија по тротоарите почнува од крстосницата на која се сечат „Партизанска“ и Рузвелтова кај познатиот кројач „Ангелковски“. На тротоарите нема место ниту за пешаците, а не е поштеден ниту десниот раб на коловозот. Ако не знаете да летате, тогаш ви останува со велосипедот да влезете во средната лента и да ги вртите педалите што побргу, молејќи се некој од „брзите“ автомобили да не ве качи на хаубата или да ве симне под тркалата.



Кај кројачот Ангелковски - Цело е кога има се, целосно блокирана патека, велосипедист и полиција

Интересен избор: да се вози по патека или по десниот раб на улицата?

Ситуација на денот: Дали ќе има попусти на казните ако патот го блокира „Улици и патишта“

Состојбата е слична сè до крајот на булеварот, а се уверивме дека сличен хаос продолжува и по улицата „Даме Груев“, која минува зад зградата на Собранието. Сликата со која секојдневно се соочуваат огромен број на велосипедисти во главниот град е многу поинаква од онаа која најверојатно ја имаа градоначалниците кога на новите кинески велосипеди пред две недели протоколарно во одела и со своите насмеани придружници кружеа околу споменикот на Александар на плоштадот Македонија. Пред да почнат да се залагаат за полицијата наместо предупредувања да почне и да ги казнува велосипедистите поради тоа што не возат по според „прописите“, им предлагаме една цела недела да одат на работа и низ градот со велосипеди. Ако притоа преживеат и повторно се залагаат за казните од 25 евра, во ред, ќе ги плаќаме…

Репортажата продолжува деновиве со слика од другите делови на градот...

Извор: greenbox.com.mk

Браво, браво Јане Димески –

Браво, браво Јане Димески – Гринбокс.

Конечно некој се сети да напише не само збор-два за велосипедистите во градов, туку и да направи целосна реконструкција на проблемите со кои тие се соочуваат секојдневно.Иако од друга страна мора да се признае дека во последниве неколку години, значително се подобри инфраструктурата за велосипедисти во градов, но џабе кога тие се на маргините на општеството и на сообраќајната свест.

И уште и казни ќе ни пишуваат, бе, дебилероси!
Видоа дека луѓево поради скапиот бензин, масовно се префрлаат на велосипеди и ај сеа ќе го полниме буџетот и од нив.

Инаку само за Рекорд не држи муабетот од реконструкцијава, затоа што таа делница може да се помине преку плоштад.

ПРОТЕСТ НА ВЕЛОСИПЕДИСТИ ВО НАЈБРЗ МОЖЕН РОК!!!

Види, Клан Анонимус, Јане се

Види, Клан Анонимус, Јане се обидува да прикаже како е да се вози по  тротоарите кои се предвидени да бидат велосипедски патеки, така што, приказната со Рекорд не му е утната. И јас многу пати сум бил приморан со мојот велосипед да поминам оттаму, и верувај дека поради автобуската станица и присутните луѓе кои чекаат автобус или кои поминуваат речиси е невозможно да се помине. Преку плоштад е едно од решенијата, но во случајов, бидејќи станува збор за предвидените велосипедски патеки, тоа не функционира на Рекорд. А да не споменам за другите делови од Скопје, како што се Чаир, Бит Пазар и сл. Таму тротоарите се окупирани од возила или чајџилници, ќебапчилници или кафулиња, и човек е приморан да вози на улица, загрозувајќи ја со тоа личната безбедност.

Жорж, ок јасно. Јас само

Жорж, ок јасно.
Јас само еднаш имам поминато од таму и веќе никогаш, токму поради тие причини што ги наведувате ти и Јане.

Но забелешката беше онака чисто практична, во смисла дека таа обележана патека на Рекорд нема поента и дека подобро би било или да се премести на плоштад или ние да ја заобиколуваме, но ок, тоа е веќе далеку од поентата на текстов чД

ОкоБоли главаВицФото