Шест години од независноста на Црна Гора

23.05.2012 11:48
Шест години од независноста на Црна Гора

Изгледаше како случајност. Токму на денот кога на Цетиње беше одбележана шестгодишнината од државната независност (21 мај), црногорскиот премиер на црногорската опозиција ѝ испрати предлог-договор за идентитетските прашања. Накратко: премиерот Лукшиќ предлага, освен официјалното црвено државно знаме, да се воведе и тробојка со златен црногорски грб како некој облик на претседателско знаме, и во официјални прилики да се интонираат само две строфи од химната, или двете последни строфи да се заменат со стиховите „О, светла мајска зоро, вечна наша Црна Горо“. Што се однесува до јазикот, се нуди компромисната одредба која ветува дека „во случај јазикот во службена употреба на пописот да биде најброен – да се дефинира решение“...

Секако, не станува збор за случајност туку за пресметан тајминг. Пораката на власта ѝ е врачена на опозицијата токму пред 21 мај, на Денот на независноста, за пред домашната јавност и европските претставници – јавно да се демонстрира кооперативноста на најсилната црногорска партија: DPS се согласува делумно да ги смени државните симболи – ќе го прифати, значи, опозицискиот ултиматум – ако, за возврат, опозицијата вети дека ќе даде двотретинска парламентарна поддршка за уставните промени кои се однесуваат на правосудството.

Понуда која (не) се одбива: Веднаш штом се дозна за понудата, Нова на Андриј Мандиќ и PzP на Медоевиќ лесно ја отрфлија, додека SPD, во ликот на Ранко Кривокапиќ, предлогот на владата го оцени како „спротивен на препораките на Европската комисија“. Лидерот на SPD тврди дека никој од Брисел не бара да направат такви политички акробации и да се жртвуваат дел од државните симболи поради заедништво за уставните промени.

Не треба, сепак, да се брза со прерани заклучоци дека Лукшиќевата понуда е одбиена. За предлогот за договорот сè уште официјално не се огласи најсилната опозициска партија – SNP. Запечатено писмо со понудата за договор на Лукшиќ испратено е директно во Белград каде што овие денови се наоѓа лидерот на SNP, Срѓан Милиќ, кој заздравува по оперативниот зафат. Не е, исто така, ни исклучена можноста дека понудата на најсилната партија на власт можеби ќе ја освои потребната поддршка на најсилната партија во опозицијата.

Со тоа што депеесовците – итро и пресметано – ја фрлија политичката јадица. Со воведувањето на тробојката формално се избегнува референдумско изјаснување, а се излегува во пресрет на опозициското барање за народно знаме. Но, истовремено се задржува симболичниот белег на современа Црна Гора – користењето на златниот двоглав орел и златните рабови. Би се рекло, претседателското знаме прилично би наликувало на српското, но истовремено би било тробојно со црногорски знаменитости.

Сличен тип на компромис воочлив е и во новото решение за химната: според Лукшиќевиот предлог, државната свечена песна во реалниот живот (читај: кога би се интонирала во официјални прилики) би била скратена за два стиха. Но, формално-правно гледано, двата последни стихови на химната остануваат – официјално решение. Или, пак, низ политички договор на клучните играчи во парламентот химната би било делумно скратена, но би бил сочуван крајниот стих дека Црна Гора е вечна. Така црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, исто како и лидерите на опозицијата, би можеле да се „ослободат од нелагодностите“ од слушање на двата стихови кои наводно ги напишал Секула Дрљевиќ, но основната идеја на песната, сржта за вечна Црна Гора, сепак би била сочувана.

Да не стануваше збор за клучните знаци на идентитетот на државата, можеби на DPS-овите креаторите на понудата би можеле да им честитаме за снаодливоста; јавно да им се признае и политичката луцидност: се обидоа со еден потег, во една пригода, да го отстранат тешкото бреме на идентитетските расправи, а во исто време да ги помират спротиставените политички опции и да создадат услови за двотретинска парламентарна поддршка за уставни промени во правосудството. Способност за правење политички договори со другите, па и со неистомилениците е една од причините за долговечниот опстанок на власт на Ѓукановиќ, Марковиќ или Вујановиќ и нивната Демократска партија на социјалисти.

Линија на договорот и цена на компромисот: Проблемот е, меѓутоа, што не е сè во партиските наговарања: евентуален партиски договор околку дополнувањето на државните симболи не значи и пат кон создавање општествен консензус.

Напротив: усвојување на две знамиња (државно и народно); две верзии на химна (од две и четири строфи); исто како и двостраното толкување на официјалниот јазик и јазикот во службена употреба би можеле да трасираат пат кон зајакнување на поделбите, а не надминување на црногорските поделби! Би можеле да ги замислите обичните празници на кои се веат две знамиња, конфузијата на натпреварите, на партиските собири...

Освен тоа, идентитетската приказна во оваа Лукшиќева верзија, е поставена многу тесно. На шест години од независноста на Црна гора, да ја вратите приказната за симболите во времето на Кралот Никола и Уставот од 1905 година, да го поврзете идентитетскиот договор само со три државни симболи, а притоа да го изоставите – макар и обидот – за договор околку црквата во Црна Гора, е само деновнополитичко сфаќање на проблемите на поделба во општеството. Тоа е потрага по решение за еднократна употреба; со општествен договор мора да се изгради посебност во заедничкиот идентитет – не е решение да се фабрикува хибриден идентитет.

Со други зборови: ако дел од опозицијата го прифати предлогот на премиерот Игор Лукшиќ за измена на државните симболи, доколку на тој начин би се постигнал партиски договор, тоа не би значело вистински напредок на Црна гора.

Приказната за симболите е приказна за современа Црна гора, за недостатоците, недоследностите, за власта и опозицијата. Опозициското условување на измените во правосудството и измената на државните симболи е јасен знак дека на лидерите на опозицијата всушност и не им е суштинско важно да се дојде до измена на системот. Од друга страна, празничната понуда на DPS и лесно ветениот предлог за измена на државните симболи покажува дека на DPS на Ѓукановиќ сепак им е поважно одржување на власта од подобрување на системот на владеење.

Сето тоа се показатели дека, шест години од освојувањето на независност, Црна Гора можеби е на чекор од Европска унија, но е далеку од внатрешен општествен консензус за државниот идентитет. Условувањето и преговорите за измена на државните симболи го открија главниот проблем на Црна Гора: политичката елита која има многу знаење политички да тргува, преговара и договара, но нема капацитет за државна визија кој од Црна гора би направила подобро место за живот. Затоа нам времето од 21 мај 2006 г. до 21 мај 2012 година главно ни поминува во залудна потрага по компромис.

Извор: portalanalitika.me

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото