Критики за урбаната обнова на Приштина

24.05.2012 11:48
Критики за урбаната обнова на Приштина

Недостатокот на главен плоштад во Приштина често ги збунува странците кои се прашуваат каде, всушност, се наоѓа „центарот“. Планот за обнова кој настана со цел да се реши овој проблем, предлага поврзување на неколку стари плоштади и препознатливи згради, што би го унапредило животното опкружување на жителите на овој град.

Плоштадите Захир Пајазити, Ибрахим Ругова и Адем Јашари (име кое наскоро ќе му биде доделено на еден од плоштадите) ќе добијат преправки вредни неколку милиони евра, а ќе ги поврзува централната оска на Приштина.

Сепак, некои архитекти и уметници се прашуваат каква разлика ќе направат овие промени во град кој е одбележан со долгогодишното комунистичко планирање, а подоцна и неконтролираниот развој.

Договор за плоштадите

Иако договорот со две градежни фирми општина Приштина го потпиша лани, работите на реконструкцијата на плоштадите Захир Пајазити и Ибрахим Ругова започнаа дури пред два месеци, додека одлуката за изведувач на работите на плоштадот Адем Јашари сè уште не е соопштена во јавноста.

Првпат за проектите се разговараше во 2008 г., но сè до 2010 г. општината немаше буџет за изработка на плановите, кога одвои 1,6 милиони евра за целиот проект, од кои еден милион евра треба да стигнат од донации. Само една година подоцна, предвидените трошоци се претворија во 4,4 милиони евра, и тоа само за плоштадот Ибрахим Ругова, и дополнителни 4,6 милиони за плоштадот Захир Пајазити.

Во февруари годинава општината, заедно со архитектите од Smart Project, излезе во јавноста со плановите за плоштадот Ибрахим Ругова, кој се простира на 13.000 м2, што е приближно еднакво на два фудбалски терена. Во рамки на планот ќе биде подигната статуа на албанскиот јунак Скендербег, како и нова скулптура на водачот на косовската независност, Ибрахим Ругова. Ќе бидат изградени и три фонтани, од кои најголемата ќе биде пред Народниот театар.


Исто така започна и обновата на стариот хотел Union, кој во 2009 г. беше тешко оштетен во пожар. Beneton, кој во 2007 г. ја купи оваа зграда за 3,2 милиони евра, заедно со косовската фирма QMI, ќе инвестира 10 милиони евра за да се зачува нејзината архитектонска вредност.

Набрзо ќе започнат и работите на плоштадот Захир Пајазити, кој зафаќа околу 15.000 м2. Проектот содржи три помали делови на плоштадот: првиот, во близина на споменикот на Захир Пајазити до паднатиот херој на Косовската ослободителна армија, вториот дел вклучува сала во близина на хотелот Гранд, а третиот дел го зафаќа просторот околу улицата Луан Харадинај. Околу овие три дела ќе се наоѓаат фонтани, игралишта за деца и тезги за продавање книги, кои сега ги продаваат на столчиња на расклопување. Според планот, 25-30% ќе биде прекриено со зеленило. Ќе се изградат и јавни нужници.

Набрзо ќе почне и реконструкцијата на плоштадот Адем Јашари, на кој моментално се наоѓа југословенскиот споменик на братството и единството. Предлозите за овој плоштад вклучуваат и изградба на подземно паркиралиште и поставување споменик на хероите од Косовската ослободителна армија.

„Четири фирми поднесоа свои проекти и во тек е процес за избор на изведувач на работите“, вели Мухамед Гаши од општината, кој истата изјава ја даде и во август 2011 г. Тој вели дека скулптурата Братство и единство нема „ни културна ни историска вредност“.

Гаши се извинува за сите одложувања, но вели дека чекањето ќе се исплати. „Знам дека за целиот процес е потребно многу време, но среќна околност е тоа што реконструкцијата на плоштадот Ибрахим Ругова започна, и што работите на плоштадот Захир Пајазити ќе започнат за неколку дена“, вели тој.

„Се обидуваме да направиме нешто што постои во градовите од соседството и иако постоеја сомнежи во работењето на општината и ангажираните компании, на крајот ќе имаме убав дел од градот. На Приштина ѝ требаше ова уште пред многу години, и новата генерација ќе ужива во овие предности.“

Без консултации

Некои од невладините организации се сомневаат во тоа. Иницијативата за напредок (INPO), која ги следи јавните расправи, вели дека доцнењето од четири години за така важен проект ѝ е необјасниво.

Неприфатливо е да се вложат 8 милиони евра во изградба на два плоштада без никаква визија и план“, вели истражувачот Едмир Сејдиу. Тој вели дека најдобро решение е да се спојат сите три проекти, да се изедначат размерите на објектите и да се добие што е можно подобар дизајн. INPO забележува дека за четирите години во кои се дискутираше за проектот, општината ниеднаш не ја вклучи јавноста и нејзините потреби.

Садруи Рамбаја, претставник на движењето Самоопределување (Vetevendosje) во општинскиот совет, во меѓувреме се сомнева во распоредувањето на државните пари. „Претставниците на градската управа си играат со јавните личности кои се претставени на плоштадите“, се жали тој. „Често го критикуваме проектот, но од нас не зависи ништо.“

На архитектите им е сеедно

Арбнор Мурати, познат косовски архитект кој работи за една швајцарска фирма, вели дека сегашните планови се губење време. Тој вели оти додека многу европски градови не можат да постигнат значајни промени поради барањето да се заштити наследството, Приштина го нема тој проблем.

Приштина го има она што другите градови го немаат. Овој простор може да се зголемува додека другите градови не можат да дозволат повторно да почнат да градат простори кои би можеле да претрпат големи промени“, вели тој.

Општината формираше група од архитекти кои се занимаваат со судбината на плоштадите, но според зборовите на еден соговорник кој е близок до овој процес, групата е распуштена. Плановите да се доведат во Приштина стручњаци од Лондон кои би помогнале во дизајнот исто така пропаднаа.

Сали Шоши, директор на канцеларијата Културно наследство без граници, се жали дека општината за време на спроведувањето на овој процес не давала доволно информации. „Мора да постои интеракција меѓу овие плоштади, која јас не ја гледам“, вели тој и додава дека со процесот мораше да биде предвидена дискусија меѓу „заинтересираните групи, уметниците, архитектите и граѓаните.“

Фисник Исмаили, автор на споменикот New Born (Новороденче), веројатно најпознатиот споменик во Приштина, вели дека во времето на неговите родители постоела традиција на вечерно шетање низ корзото, и дека тоа мора да се обнови. Новите плоштади ќе бидат сместени од обете страни на сегашната пешачка зона, отворајќи ја можноста за корзо, но Исмаили вели дека се потребни повеќе објекти за тоа да функционира. „Во 1990-те години се променија нештата, бидејќи кафулињата, клубовите и баровите станаа места каде што се среќаваат младите, а булеварите не успеаја да создадат забавна понуда за урбаната младина“, вели тој.

„Верувам дека булеварите треба да бидат многу позабавни и поинтерактивни. На пример, еден фин булевар треба да има кафе барови со многу столчиња во градини во кои луѓето би можеле да навратат на пијалак или да се сретнат со пријателите... Би сакал да видам една мала зона за скироли, со мал кошаркарски терен каде што спортистите би можеле да играат, што би им било интересно на минувачите“, додава Исмаили.

Бескорисни лавиринти

Јетон Незирај, поранешен уметнички директор на Народниот театар на Косово, вели дека Приштина станала грд бетонски град, без топлина. „Пред сè, нема доволно плоштади, паркови и други простори“, вели тој. „Ме ужаснува тоа што речиси секое ќоше на Приштина им е продадено на градежните компании и, колку што сум запознаен, новиот изглед на плоштадите ќе создаде бескорисни лавиринти.“

Писателот Гезим Алиу исто така нема доверба во способноста на општината да го цивилизира градот преку изградба на плоштади. „Плоштадот не е само простор низ кој се поминува. Тоа е живо опкружување, со култура и уметност. Приштина нема такви плоштади. Она што го нарекуваат плоштади, во суштина се загрозени подрачја, опкружени со згради и сообраќајна врева“, вели Алиу. „Недостатокот на концептуална уметност е видлив во актуелните планови“, додава тој.

Филмскиот режисер Беким Луми исто така мисли дека Приштина е далеку од отфрлање на своето комунистичко наследство. „Онака како што е градена за време на комунизмот, Приштина не создава можност за урбан развој. Локациите кои ги нарекуваме плоштади не потсетуваат на тоа. Плоштадите кои ќе се градат немаат соодветни планови, ниту архитектонски анализи, така што повторно ќе доживеат неуспех“, вели Луми.

Поддршка на улица

Но, додека уметничките кругови се полни со негодување, обичните луѓе не се толку скептични. Исмаил Авдиу, жител на Приштина, вели дека новите плоштади се симбол на промените. „Ние граѓаните често се жалиме, ама ретко ја гледаме добрата страна на нештата“, вели тој додека гледа кон градилиштето каде што еден ден ќе никнат плоштадите. „Овие плоштади ќе имаат паркови каде што ќе играат деца, и јас мислам дека тоа е важно.“

Неговиот пријател Абдурахман Маџуни се согласува.

„Чекавме со години за сега да ги добиеме овие плоштади“, вели Маџуни. „Според она што го гледам на таблите, урбанистичкиот план изгледа добро, и предвидува простор за деца и за продавачите на книги.“

Извор: seecult.org

ОкоБоли главаВицФото