Како да го обиколите светот бесплатно

26.05.2012 14:12
Михаил Виге

Своето патување го забележа со камера и според снимките направи ТВ серија „Како да се обиколи светот бесплатно“. Михаил Виге, туристички новинар и видеограф кој зборува германски, англиски и шпански, го напушти Берлин во јуни 2010 г. и патуваше низ светот 150 дена.

Помина 11 земји и стигна до Антарктикот во ноември 2010. Во потфатот му помогнаа над сто луѓе, кои му пружија превоз, храна и преноќиште.

За патувањето се подготвуваше една година – собирајќи контакти кои би можеле да му овозможат сместување или работа, но се потпираше и на љубезноста на непознатите.

На почетокот, храна наоѓал во кантите за отпад на супермаркетите, но потоа сфатил дека тоа не е неопходно. Наместо тоа, нудел ситни услуги – чистење на подот или полиците – во замена за сендвич. Повеќето луѓе на кои им приоѓал во супермаркетите, продавниците и рестораните му давале нешто, вели Виге.

Во Латинска Америка, поголемиот дел од нив биле подготвени да му помогнат кога би им се појавил на врата и би им рекол: „Немам каде да спијам вечерва, може ли кај вас?“. Нивната љубезност и гостопримливост ја сфатил како можна последица на сиромаштијата. Но, во САД таа била на прво место.

Таму му велеле: „Ова е супер, сакаме да ти помогнеме да ја постигнеш твојата цел“.

„Американците ги сакаат ваквите работи“, вели Виге.

Тој го преминал Аталантскиот океан со товарен брод кој пловел од Белгија во Канада на кој, во замена за превоз, работел сè – од боење на оградата до замена на маслото во машинскиот оддел.

Во Лас Вегас се борел со перници на улиците за еден долар и го нудел својот грб како „човечки кауч“. Во Сан Франциско, собирал бакшиш за „туркање на тешките туристи нагоре“.

На крајот имал 300 монети од по еден долар со кои купил авионска карта за Костарика. Оттаму со автостоп отпатувал до Панама, каде што работел како послуга кај германскиот амбасадор. За да премине од Ушуаи, Аргентина, до Антарктикот, се вработил на луксузен брод за крстосување, како помошник водич за експедициите.

„Им ги чистите чизмите на туристите, им помагате на мразот, поставувате црвени знамиња околу полињата со пингвини, помагате бродовите да наполнат гориво“, вели тој за своите обврски.

За да може своите патешествија подоцна да ги претвори во ТВ серија, Виге водел „видео дневник“. Со себе носел камера Canon HDV 1080 со добар широкоаголен објектив и микрофон. Кога ја постигнал својата цел – да стигне до Антарктикот без пари, се вратил дома, откако подигнал пари од сопствената банкарска сметка.

„Би сакал да им дадам мотивација на луѓето. Ако не сте премногу горди да се борите со перници или да изигрувате човечки кауч, со мали размени можете да дојдете до нешто големо. Зошто да не се патува и да не се откачи малку?“

Повеќе подробности за неговиот потфат можете да најдете на неговата интернет страница, како и во книгата „Како да го обиколите светот бесплатно“.

„Јас тоа го сторив, можете и вие!“, порачува Виге.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: howtotraveltheworldforfree.com

ОкоБоли главаВицФото