Да се мисли Југославија во денешна Европа...

26.05.2012 18:43
Да се мисли Југославија во денешна Европа...

Во октомври 2011 година во Белград почина Радомир Константиновиќ, книжевник и филозоф, доследен борец против национализмот и еден од најактивните членови на Независното здружение на југословенски писатели, кои кон крајот на осумдесеттите години се обидуваа да му се спротистават на надоаѓачкото националистичко лудило. Уште еден ангажиран член на здружението, писателот Павле Угринов, во својот дневник наведува дека Константиновиќ, бидејќи ги прочитал документите за основачкото собрание на здружението, се спротиставил на тоа што во нив Југославија се третира исклучиво како географски поим и подвлекол дека „Југославија за нас е нешто повеќе, и нешто подлабоко, и нешто не само објективно туку и лично, па не би требало да се сведува на географски поим“.

Во годината на смртта на Константиновиќ се навршија две децении од распадот на Југославија. Веќе толку долго Југославија повеќе не е (ни) географски поим, но се чини дека прашањето како да се размислува за неа сè повеќе добива на значење.

Југославија како објект на историјата

Како наднационална политичка творба, Југославија има прецизен датум на формирање и, макар што времето на нејзиното настанување може да се утврдува по различни критериуми, денес таа е недвосмислен дел од минатото и историски факт. Иако држава под името Југославија постоела и пред Втората светска војна и по 1991 година, денес името Југославија, доколку не е маркирано со друга одредница, најчесто се однесува на социјалистичката федеративна држава која настанала во 1943 и исчезна во 1991 година. Како објект на историјата Југославија подлежи на типични процеси на историзација: станува предмет на историографски прегледи и научни анализи и се сместува во музејските архиви и на изложби. Поради начинот на кој државата се распадна, академската литература која се занимава со „смртта“ на Југославија е многу пообемна од онаа која се занимава со нејзинот „живот“. Кога се во прашање и „животот“ и „смртта“ на Југославија, вниманието на истражувачите првенствено е посветено на политичките и институционалните аспекти на функционирање на државата и/или нејзиниот колапс, додека искуството од секојдневниот живот и популарната култура се теми кои се појавуваат ретко и дури во последно време.

Музејските изложби и наративи за Југославија како конкретни и, што е уште поважно, завршени историски случувања, се обликуваат по правило низ праксата карактеристична за „авторизираниот дискурс на културното наследство“ (термин преземен од критиката на културното наследство на Лауријана Смит) и припаѓаат на парадигмата во која низ собирање и изложување артефакти уште поизразено се истакнува нејзиното недвосмислено природно минато.

Со историзацијата на Југославија, нејзиното сведување на историски факт, дефиниран низ временски распон ограничен со почеток и крај, Југославија се вклучува во линеарен, историографски или музејски наратив. Како што се случува со други музејски наративи, како наративите за модернизација и индустријализација, историзација и музеализација, приказната за Југославија се „смирува“, се потиснува во завршеното и недвосмислено минато со што и’ се одзема секоја можност за интервенција во сегашноста.

Сведувањето на приказната за Југославија на збир податоци, предмети и документи би требало да ни пружи дистанцирана и објективна слика за тоа што значело да се живее во Југославија, а притоа се игнорира фактот дека цела генерација граѓани на просторот на поранешна Југославија се дел од тоа проживеано искуство. Генерациите на поранешни Југословени така и самите стануваат објект на минатото – ним (во врска со сераспространетата „тоталитарна парадигма“ според која социјалистичките субјекти не можат да бидат легитимни политички актери во иднина, бидејќи доброволно или без многу размислување се подредиле на тоталитарниот систем) практично им се одзема можноста за преговарање за сегашноста и иднината од позиција која сериозно би го земала предвид нивното социјалистичко искуство. И споменатите малубројни истражувања на секојдневниот живот во Југославија често учествуваат во „заклучувањето во минатото“ на постсоцијалистичкиот субјект, на што предупредува словенечкиот филозоф Гал Кирн, наведувајќи дека тие истражувања често имаат за цел „потврдување на тезата дека дури и за време на социјализмот луѓето живееле нормални животи. Тоа потврдување можеме да го збиеме во една реченица: сега, кога периодот на социјализмот засекогаш измина, можеме барем да тврдиме дека луѓето тогаш живееле достојни, односно нормални животи. И тие биле само луѓе“.

Кога последиците од историзацијата на Југославија ќе се постават во контекст на симболичната географија на современа Европа, до израз доаѓа веќе познатиот механизам на легитимизација на колонијалните односи и пракси со помош на алохронизам, претстава според која другите живеат во друго време: „меѓународната заедница“ поранешните Југославени ги гледа како несамостојни и недораснати политички субјекти, што отвора пат за примена на експеримент и увезени модели во обликување на нивните општествени реалности и иднини. Притоа, во целост се игнорираат личните и колективните желби, афинитети, идеи и сништа кои граѓаните на просторот на поранешна Југославија ги носат како багаж од минатото.

Во редефинирање на односот помеѓу општествата на поранешна Југославија низ процесот на „европеизација“, игнорирањето на минатото произведува сличен колонизациски ефект. Колонијалниот однос на „европска Словенија“ кон остатокот на поранешна Југославија се гледа како во конкретните државни и инситуционални политики (да речеме, во случајот со сезонските работници), така и на ниво на продукцијата на знаење. Претставата за Србија во Словенија се сведува на стереотип за хедонистички рај, земја на ирационалните, насилните и темпераментни луѓе со лежерен однос кон времето и работата. Српската културна продукција, која наоѓа пат до словенечката публика, е ограничена на филмовите на Емир Кустурица и Срѓан Драгоевиќ, трубачки оркестри и турбо фолк – на она врз што се одржува сликата за Србија како општество од друго време. За различните, рефлективни гласови од Србија, критичките литерарни дела на младите поколенија српски писатели и за алтернативната музичка сцена – за сето она што таквата Србија би ја довела во прашање, нема место ниту претерано интересирање.

Во процесот на „европеизација“ на поранешните југословенски држави, југословенското минато не само што се сведува на чист историски факт, туку често е и потполно избришано. Тоа бришење, сеприсутно во институционализираните пракси на историски ревизионизам, се доживува како неопходно дури и кога се во прашање и просторите кои во периодот на социјализмот претставувале точки на алтернативното и космополитското, како белградскиот Дом на младите, каде за време на реновирањето од мермерните плочки покрај влезот е избришан податокот дека е изграден со подршка на Јосип Броз Тито, а Pogon Doma omladine е преименуван во Sala Amerikana.

Југославија како искуство и како сеќавање

Уште еден ефикасен начин југословенското искуство да се исклучи од преговорите за сегашноста и иднината е неговата тривијализација, ритуализација и комодификација, приклучување во „индустријата на комунистичкото искуство“. Основната премиса на оваа постапка е деполитизацијата на тоа искуство и на праксата на сеќавање: тие се ограничуваат на сферата на приватното, личното и сентименталното или, пак, се сведуваат на објекти за масовна популарна култура и потрошувачка.


Сведувањето на југословенското искуство на деполитизирана приказна, на тривијални сентименти, кичести збирки на предмети од периодот на социјализмот и на бизарните комеморијални пракси го утврдува разбирањето на афектите и емоциите како пречки за легитимно политичко делување. Постсоцијалистичките субјекти, кои на своето минато му пристапуваат со големо емоционално вложување, се претставуваат како неспособни или незаинтересирани за артикулација на релевантни пораки и барања, а нивниот обид југословенското искуство да го вградат во политичката иднина се отфрла како сентиментална, опсесивна и непродуктивна насоченост кон минатото. Меѓутоа, наспроти популарните категоризации, емоциите не претставуваат спротивност на рационалното, ниту пречка за политичко дејствување: како што истакнува Хју Рафлс, „односите, знаењето и праксата не се одредени само со општествените моќи и дискурси, туку и со емоциите. Тоа нè предупредува на фактот дека емоциите се, иако променливи, исто така и сеприсутни, и како такви постојано одново ја одредуваат рационалноста“.

Исто како и „ објективните“ наративи за Југославија како историски факт, и ваквите пристапи „ги заклучуваат“ носителите на југословенското искуство во минатото од кое не е возможна никаква легитимна интервенција во сегашноста и автономен пристап до сопствената иднина. Со тоа, како што истакнува Гал Кирн, се „блокира секоја еманципациска политика, секоја критичка расправа и политичко дејствување кое би било насочено кон барање вистинска алтернатива на сегашната конјуктура на капиталократијата“. Ништо помалку важно, со преговарањето за сегашноста и иднината се исклучува афективниот импулс заснован на различни облици на сеќавање на социјализмот и на видовите на југословенското искуство – а без тој импулс минатото може да се опише само со свршени глаголски облици – тоа се праќа во историјата, станува дел од ладниот, линеарен историски наратив и му се одзема движечката сила и можноста да интервенира во сегашноста и да влијае на создавање различни и прифатливи визии за иднината. Токму поради капацитетот да интервенира во сегашноста, да „вознемирува“ и да создава пукнатини во нормализираните наративи, инсистирам на тоа дека југоносталгијата како специфична конфигурација на афекти и емоции навистина е продуктивна аналитичка категорија и важен начин на мобилизација на социјалистичкото наследство во политичките преговарања за сегашноста и иднината. Впрочем, како и другите облици на носталгија – така Елизабет Блекмар пишува за вознемирувачкиот потенцијал на носталгијата која произлегува од фотографиите на индустриските урнатини во САД.

Југославија како утопија

На спротивниот пол на пристапувањето на Југославија како историски факт стојат интерпретациите за повикување на југословенското искуство во кое се отфрла релевантноста на историската подлога. Во нив инсистирањето на социјалистичкото минато се разбира не како жал за изгубеното минато, туку како повикување на минато кое никогаш не постоело, односно како утопија. Бред Лухар и Маруш Пушник истакнуваат дека југоносталгијата, всушност, е „проекција на утопистичкото минато кон иднината во посткапиталистичките општества настанати од Југославија. Она што се нарекува југоносталгија е пренесување на утопијата – идеално општествено уредување, благосостојба и успех, ред и сигурност – кон секојдневието и несигурноста на денешните животни услови“. Според нивното мислење, таквата југоносталгија „може да понуди утеха низ утописка визија на стабилност, правда и сигурност позајмена од фантазијата за минатите социјалистички светови“.

Проблемот на толкувањето на југоносталгијата како утопија лежи во тоа што го игнорира искуствениот, проживеан аспект на ова минато – југословенското искуство за генерации Југословени сè уште е важен дел од личните биографии. Ним на тој начин им се ускратува можноста да се повикаат на оние аспекти од тоа искуство кои сакаат да ги истакнат не како замислена, туку како доживеана алтернатива на денешните општествени односи и преовладувачки вредности. И во овие интерпретативни рамки граѓаните на општествата на просторот на поранешна Југославија се претставуваат како неспособни да дејствуваат како легитимен политички субјект, да ги разликуваат фантазијата од „објективното минато“, проживеаното од измисленото. Акцентот на идеализација на југословенското минато, на неговото оддалечување од проживеаното и изедначувањето со фантазија, имаат ефект споредлив со тотализирачкиот ефект на „тоталитарната парадигма“ на разбирање на сеќавањето на социјализмот за која говори историчарката Марија Тодорова, истакнувајќи дека „преовладувачкиот идеолошки третман сака да нè убеди дека сето тоа доаѓало во пакет: не можеш да имаш постојана работа без рестрикции, мир помеѓу различните етнички групи без присилна хомогенизација, или бесплатна здравствена заштита без тоталитаризам. И бидејќи по таквата интерпретација не можеш да го сакаш делот, а да не ја сакаш целината, секое позитивно споменување на социјалитичкото минато станува идеолошки сомнително“. Така и порананешните Југословени не можат да укажат на мошне конкретните позитивни аспекти на југословенскиот социјализам за кои зборуваат со полно емоционално вложување и врз основа на сопственото искуство, а да не бидат обвинети за идеолошко слепило, идеализирање на тоталитарното минато или за желба за враќање на социјализмот. Таквиот пристап го отфрла значењето и потенцијалот на интимното знаење како важна социјална категорија: значењето засновано на личното искуство и на минатото како простор на интимноста (сфатен широко, како простор на емоцијата и афектот) има значајна улога во политичките преговарања на различни општествени нивоа. Без оглед на ова, толкувањето на утопијата како опачина на југоносталгијата заслужува посебно внимание затоа што низ него се воспоставува директната врска помеѓу југословенското минато и иднина.

Сфаќањето на југоносталгијата како утопија носталгијата ја признава како движечка сила и можност таа да биде орудие за еманципација; според зборовите на Митја Великоња, таа не служи само за „лижење на старите рани, туку предизвикува пукнатини во она што сега доминира“. Инсистирањето на одредени аспекти и значења на југословенското минато, кои како такви во времето на социјализмот не биле нужно присутни или релевантни, на граѓаните во општествата на просторот на поранешна Југославија им дава не само глас за отпор против доминантните вредности и општествените односи, туку и можност за обликување на алтернативни визии, односи и наративи. А таа можност денес, во време на нормализираните и нормативни дискурси и хегемонски односи на моќ е од суштинско значење. Југословените, етноним кој во време на Југославија претставуваше неутрално, немаркирано одредување за нејзините граѓани, денес станува не само навреда која (во пакет со „југоносталгичарите“) националистичките елити ќе им ја препишат на своите противници, туку и средство со чија реапропријација граѓаните создаваат алтернатива на преовладувачкиот националистички и провинцијален модел на идентификација во постјугословенските светови. Драган Марковина, професор на сплитскиот универзитет, му порачува на градоначалникот Жељко Керум, за кого урбаните Југословени се најголемите противници и, се разбира, најголемите непријатели на Хрватска, дека „урбаните Југословени навистина постојат и се насекаде околу Вас. Постојат во културното сфаќање, во саморазбирливата комуникација, во идентичните обрасци на растењето и општествената реалност, но пред сè, постојат во заедничките соништа за поправедно и поубаво живеење на сите нас заедно на овие несреќни простори од поранешната држава. Тука ви се тие, каде и да го свртите погледот, само немој да се грижите. Нема страв од загрозување. Тие, имено, се тоа што вие и таквите како вас, никогаш нема да бидете“. Југословените, понатаму, не се „спорен остаток на минатото“, туку општествени актери кои бараат друга визија за иднината. Ваквата идентификација не е само акт на интимно препознавање на сличноста – тоа е ариткулирано политичко дејствување, за кое беше свесен и политичкиот естаблишмент во Србија кој на граѓаните на пописот 2011 година им ја скрати можноста да се изјаснат како Југословени, иако според пописот од 2002 година во Србија имало 80.721 Југословени.

Алтернатива за постојните, хегемонски и нормативни дискурси подеднакво е неопходна и на европски план, каде наспроти политичките елити кои инсистираат на тоа дека денешна Европа, ваква како што е, е единствената можна и одржлива, граѓаните на Европа сè почесто и на најразлични начини порачуваат дека е неопходно да се отвори простор за плурализација на идејата и дискурсот во Европа и сериозно да се сфатат новите и алтернативните модели на политичка организација и дејствување. Затоа и денешната европска криза треба да се сфати не само како уште една (негативна) паралела помеѓу Југославија и Европа, туку и како можност за ново и различно промислување на Европа и европејството.

Извор: elektrobeton.net

Од книгата YUROPA: Jugoslovensko nasleđe i politike budućnosti u postjugoslovenskim društvima, која наскоро ќе излезе во Fabrika knjiga (Beograd)

ОкоБоли главаВицФото