На пресвртница

28.05.2012 10:55
На пресвртница

Државата на благосостојба исчезнува во Европа. Американските Вили Ломани1 работат по три работи за да ги отплатат куќите кои сега вредат помалку од хипотеките кои се ставени на нив, додека деновиве вкупниот студентски долг во САД надмина илјада милијарди долари. Тоа се околностите од кои израсна движењето „Окупирај го Волстрит“, чијшто еден од иницијаторите е и Дејвид Гребер.

Се наоѓаме, иако можеби за тоа не се свесни сите 99%, во историски меѓупростор кој би можел да биде почеток на „ужасен крај“ или „почеток на нешто што сè уште не може да се дефинира“. Во својата нова книга „Долгови“ Гребер го поставува прашањето: како се најдовме во ова? За да го даде соодветниот одговор, тој ја анализира човечката историја во изминатите 5.000 години.

Антрополог и анархист, Дејвид Гребер е 50-годишник чијшто татко бил доброволец во Шпанската граѓанска војна, а мајка му текстилна работничка. Гребер водел истражувања во регионите на Мадагаскар кои се помалку зависни од централната власт и кои немаат никаква државна структура, составил бројни студии за општествените вредности на различните култури и предавал на Јејл. Редовно протестирал против ММФ, Г7, Светскиот економски форум. Во 2005 г. добил отказ на Јејл без образложение, и покрај извонредниот научен углед. Њујорк тајмс се сомневаше дека е поради политички причини; но поверодостојно образложение е тоа дека Гребер не е склон кон хиерархиско напредување, туку некој кој „пролетерски директно“ ги критикува своите постмодерни колеги. „Антрополозите“, пишува тој, „се залагаат за слабите и се склони кон анархизмот, бидејќи собираат безброј докази за општествата кои постоеле без држава, а во кои не владеел хаос“.

Книгата „Долгови“ е патување низ 5.000 години човечка историја. „Целокупната економска историја е војна меѓу доверителите и должниците, а стекнувањето пари е нејзиното бојно поле.“ Книгата повеќе ја следи драматургијата на предавањето одошто дискусијата, осцилирајќи меѓу континентите и епохите, префрлајќи се од емпириските детали на големите системски категории.

Приказната за долговите и парите почнува во Месопотамија. Таму многу пред да настанат парите постоел системот на натурални долгови. На глинени плочи се вклесувале обврските кои се враќале со камата и камата на каматата. Ако должникот не ја исполнел обврската, ги губел земјата, куќата, жената, децата, својата слобода. Со државно-клерикална сила, санкционираниот механизам на должење ги поларизирал сиромашните и богатите, што во времињата на криза водел или кон егзодус или кон востание на задолжените маси. Повременото простување на долговите било во најдобар сопствен интерес на владејачките класи. Првите сведоштва за ова можеме да ги најдеме во Хамурабиевиот законик; Тората исто така раскажува за враќање на земјата, бришењето на сите долгови, избавувањето од ропство на секои седум или педесет години. Зборот слобода првобитно значел – „враќање кај мајката“. Гребер го цитира професорот по економија Мајкл Хадсон: „Една од најголемите несреќи во историјата на човештвото е што таа институција на позајмување пари со камати се проширила од Месопотамија, а дека притоа не ја следеле првобитните механизми на контрола“.

Контролите се отстранети речиси истовремено со продирањето на парите во милитаризаните блискоисточни, индиски и кинески големи царства. Александровите армии, подоцна и римските, биле плаќани со сребреници. Покорените народи тие ги подложиле на парични даноци, воведувајќи ја со тоа паричната економија во аграрните општества. Пазарните односи, размената меѓу непознатите, стануваат нивен внатрешен организациски принцип, заедно со ограбувањето, освојувањето, уништувањето – тоа е Греберовата реконструкција со која Адам Смитовата приказна за трговците, кои од чиста рационалност решаваат да ги воведат парите, се деградира во легенда.

Парите ги измениле односите на должење. Тие стануваат јасно одредливи, на начин што нееднаквостите и стекнувањето голем имот повеќе не почиваат на односот на моќта туку на договорите „меѓу еднаквите кои во еден одреден период повеќе тоа не се“ – додека должникот не го отплати долгот. Владеењето на класата се монетризира и „демократизира“ со тоа што повеќе долговите не се простуваат. Рим го канонизирал должничкото право, непопустливо и крваво, а ништо не се променило ни кога поради должничкото ропство дошло до масовно заминување од земјата и до крај на империјата.

Истовремено со појавата на парите доаѓа, не случајно, до потрагата на грчките филозофи по „предокот“ и настанокот на големите верски системи. Пророчкиот јудаизам, будизмот, конфучијанството, таоизмот, потоа христијанството и подоцна исламот се системи на смисла и утеха, како морален додаток на една од социјалните обврски на „отргнатата“ економска сфера. „Прости ги долговите наши, како што ние им простуваме на нашите должници“, моли Исус во Заветот. Во Кина будистичките свештеници воведуваат еден вид вредносни хартии против лихварите, христијанството илјада години се придржува до забраната на каматата, а шаријата тоа го прави и до ден-денес. Од друга страна, во вероисповедта продираат ставови за квантификување на вината и еквивалентна противтежа, како што се кармата, вечната вина, хиндуистичкото грешење кон мајката, индулгенцијата во христијанството. Долговите стануваат морален недостаток, религијата ги пренагласува, а државата ги казнува: казните за должниците во случај на неможност за отплаќање остануваат драстични сè до Новиот век.

По настанокот на капитализмот, Гребер се сосредоточува на Европа. Крвавите трудови на нејзиното раѓање – трговијата со робови, англиските трговски компании – се финансирани со кредити; првите големи банки работеле така што им давале кредити на владетелите за опремување на армиите; материјалот за производство на пари е одземан од поробените Индиоси. И конечно, со пронаоѓањето на хартиените пари – овде Гребер го цитира Фауст на Гете – иднината заминува на вечна распродажба. Долговите повеќе не ги одликуваат само односите на размена туку и производството во целост. Луѓето повеќе не се принудени да робуваат, туку за време на еден подолг период да ја продаваат работната сила (кога мрзливите сиромаси не го прават тоа, тогаш ги бесат), не за пари туку да ги одработат лихварските долгови. Архитектонските чуда се незамисливи без големи заеми, државите ја заложуваат иднината за воени и мирновременски обврзници, државните долгови го одредуваат даночниот систем, општествата во целина стануваат должници на финансискиот слој.

Денес се наоѓаме на пресвртница во историјата на должењето. Капитализмот ја губи својата динамика, но задолжувањето со големи тошоци едно време и понатаму ја хранеше илузијата дека сме далеку од крајот. По двојната криза од 2008 и 2010 г., јасно е дека доверителите ги поседуваат побарувањата кои можат да се пролонгираат, ама повеќе не можат да се наплатат, а тоа да не го уништи општеството. Дури и Обама на презадолжените студенти не може да им вети ништо повеќе освен каматата на студентските кредити да остане 3,4% наместо 6,8%.

И сега? Враќањето на старото не е решение, вели Гребер, укажувајќи на две можности. Според едната, „неколку добри причини, пред сè фактот дека вечниот раст на планетата со ограничени суровини е невозможен, говори во прилог на претпоставката дека капитализмот за една или две генерации нема да постои“, што сега се претставува како тотална катастрофа.

Втората можност: Западот носи декрет за општо простување на на долговите à la Месопотамија. Нов почеток. Тоа би бил потег без преседан во историјата на должењето, бидејќи „сите големи империи по Хамураби одбивале да го направат овој чекор“. Колку и да се чини радикално ова барање, Гребер не е единствениот кој ги застапува ваквите ставови. Неодамна двајца аналитичари од Boston Consulting Group претставија истражување според кое неопходно е простување на долговите.

На почетокот на годинава се чинеше дека простувањето на долговите може да стане една од паролите на движењето „Окупирај“. Тоа е барање со кое би можеле да се поистоветат презадолжените сопственици на куќи, студентите, просветените економисти, синдикалистите и левите либерали. Но, потоа оваа идеја се стиши. Во еден текст по повод првомајските демонстрации Гребер се жали дека во медиумите не се известувало за њујоршкиот марш и акцијата на црните блокови2 во Сиетл. Кога американските либерални симпатизери на движењето од минатата есен би останале дома оваа пролет, тоа би било вистински благослов. „Окупирај“ сега се ослободува од општествено конвенционалните соборци и би можело да создаде посилни сојузи за нова револуционерна политика во Америка. Растат надежта во светско востание за правда и иднината на револуционарниот анархизам.

Што значи тоа? Се наоѓаме на почетокот на „ужасен крај“ или „на почетокот на нешто што сè уште не може да се дефинира“. Како да стигнеме таму? За тоа можеме многу да научиме од жестоката и поучна книга на Гребер. Едната варијанта на она во чиј правец треба да одиме веќе ја запиша: социјална сигурност, задравство, образование без логика на капиталот; да се создадат големи површини заеднички имот, кои веќе постоеле; да се скрати работното време; да се прошират зоните на директна демократија. Сето тоа се вистински социјалдемократски барања, па дури ни Америка нема недостаток на револуционерна реторика ни во црните блокови. А книгата покажува и каде сме денес: во меѓупростор, додека трагаме по зборови, цели и проекти.

Извор: Die Zeit

Фотографии: Џејми Трублод

[1] Вили Ломан (Willy Loman), лик од романот „Смртта на трговскиот патник“ на Артур Милер.

[2] Црни блокови (Black blocks) е вид протест во кој учесниците носат црна облека, скијачки маски или кациги за да не бидат препознаени и за да ја симболизираат обединетата маса луѓе кои промовираат солидарност. Пошироката јавност ги запозна за време на антиглобалистичките протести во Сиетл 1999 г.

ОкоБоли главаВицФото