10 причини за верба во Европа

29.05.2012 10:31
10 причини за верба во Европа

Многумина денес веруваат дека еврото нема да го преживее неуспехот на политичката класа во Грција или сè повисокото ниво на невработеност во Шпанија – само почекајте уште неколку месеци, велат тие, започна несопирливиот колапс на ЕУ.

Мрачните пророштва се често погрешни, но можат и да се остварат. Да бидеме искрени – туркањето на фактите под килим деновиве не е само примамливо за светот на медиумите, каде што „добри вести се оние кои ги нема“; се стекнува впечаток дека за тоа постојат најголемите оправдувања досега. Кога станува збор за ЕУ, ситуацијата никогаш не била посериозна.

Токму во овој миг е од суштинска важност повторно да се влее надеж и здрав разум. Затоа нудам десет причини зошто треба да се верува во Европа – десет рационални аргументи да се убедат песимистичките аналитичари, како и загрижените инвеститори, дека е прерано да се погреба еврото, а со него и Унијата.

Првата причина за надеж е дека државништвото се враќа во Европа, иако во хомеопатски дози. Премногу е рано да се предвиди какви последици ќе има изборот на Франсоа Оланд за претседател на Франција. Меѓутоа, во Италија еден човек, Марио Монти, веќе прави разлика.

Се разбира, никој не го избра Монти, и неговата позиција е нестабилна и веќе оспорувана, но речиси и да постои позитивен консензус, што му овозможи да ги започне долго очекуваните структурни реформи. Сè уште е рано да се зборува за тоа колку долго ќе трае тој консензус и кои промени ќе ги донесе тој. Меѓутоа, Италија, земјата која под безобѕирното владеење на Силвио Берлускони беше извор на очај, стана извор на вистински, иако кревок, оптимизам.

Втората причина за верување во Европа е тоа што со вербата во државништвото доаѓа и напредокот во раководењето. И Монти и Оланд поставија жени на клучните позиции. Бидејќи беа толку долго маргинализирани, жените го поттикнуваат апетитот за успех, што ќе ѝ користи на Европа.

Трето, европското јавно мислење конечно целосно ја сфати сериозноста на кризата. Ништо не може да биде подалеку од вистината од тврдењето дека Европа и Европејците, со можен склучок на Грците, ја негират реалноста. Без луцидноста која настана од очајот, Монти никогаш не би дошол на власт во Италија.

Ни граѓаните на Франција немаат илузии. Нивниот глас за Оланд беше глас против Саркози, а не против мерките на штедење. Тие се уверени, покажуваат резултатите на неодамна спроведените анкети, дека нивниот нов претседател нема да исполни некои од своите „неодржливи ветувања“ и се стекнува впечаток дека тоа го прифаќаат како неминовност.

Четвртата причина за надеж има врска со европската креативност. Европа не е осудена да биде музеј на сопственото минато. Секако, туризмот е важен и од таа гледна точка европската разновидност претставува единствен извор на примамливост. Но, таа разновидност исто така е извор на инвентивност. Имајќи го предвид широкиот дијапазон на производи, од германските коли до француската луксузна стока, не треба да се потценува европската индустриска конкурентност.

Сè ќе се промени кога Европа навистина ќе верува во себе, како што е тоа случај со Германија, и кога ќе ги комбинира долгорочните планови со добро распоредените вложувања во истражување и развој. Всушност, во одредени клучни области, Европа поседува традиција на совршенство кое е светски признато и кое има врска со длабоката култура на квалитет.

Петтиот извор на оптимизам е малку парадоксален. Постои тенденција дека националистичките претерувања ќе ја поведат Европа во катастрофални војни. Но, враќањето на националистичлкиот сентимент во Европа денес создава чувство на имитирање и конкурентност, што неодамна се покажа како многу пожелно во подемот на Азија. Корејците, Кинезите и Тајванците сакаат да остварат успех како Јапонија. На ист начин ќе дојде мигот кога Французите ќе посакаат да бидат успешни како Германија.

Шестата причина има врска со самата природа на европскиот политички систем. Познатата изјава на Черчил дека демократијата е најлошиот политички систем, со исклучок на сите останати, е поткрепена низ целиот континент. Над 80% од француските граѓани гласаа на претседателските избори.

Гледајќи го на ТВ возвишеното, достоинствено, мирно и транспарентно примопредавање на власта од страна на претседателот кого го поразија на претседателот кого го избраа, граѓаните на Франција можат само да бидат задоволни со самите себе и да бидат привилегирани што живеат во демократска држава. Европејците можеби се збунети, неефикасни и бавно ги носат одлуките, но демократијата сè уште претставува ѕид на стабилноста кој штити од економските и другите неизвесности.

Седмата причина поради која треба да се верува во Европа е поврзана со универзалноста на нејзината порака и јазик. Малкумина сонуваат да станат кинеска националност или, со исклучок на мандаринскиот, да ги научат варијантите на кинескиот јазик. Наспроти тоа, англискиот, шпанскиот, францускиот и сè повеќе германскиот ги надминуваат државните граници.

Границите на универзалноста ги надминува осмиот фактор кој го поддржува опстанокот на ЕУ, а тоа е мултикултурализмот. Тој е спорен модел, но мултикултурализмот е повеќе извор на сила одошто слабост. Културната разновидност на континентот повеќе збогатува отколку што го осиромашува европскиот народ.

Деветтата причина за надеж потекнува од новите и идните членки на ЕУ. Полска, државата која ѝ припаѓа на Нова Европа, ја наградува ЕУ со легитимитет кој го доби од Европа за време на својата посткомунистичка транзиција. А влегувањето на Хрватска во ЕУ, а потоа и на Црна Гора и уште неколку балкански земји, би можело да претставува компензација за излегувањето на Грција од нејзините рамки (доколку дојде до тоа).

И последната и најважна причина е тоа што Европа и светот немаат подобра алтернатива. Можеби Европа е приморана поради грчката криза да се движи кон поголема интеграција со или без Грција. Германскиот филозоф Јирген Хабермас зборува за „трамсформација на реалноста“, што е синтагма која ја означува едноставната реалност – поделени паѓаме, додека обединети, на наш сопствен сложен начин, можеме да се стремиме кон „величина“ во најдобра смисла на зборот.

Се разбира, инвеститорите седат на повеќе столчиња. Бидејќи имаа успешни, но ризични потфати во недемократските држави во развој чиишто слабости почнуваат да ги плашат, некои од нив, играјќи на сигурна карта, почнуваат повторно да ја откриваат Европа. Постои голема можност да се многу мудри.

Извор: projec-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото