1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Одличното расположение на Петер Алтмаер (CDU) како ништо да не може да го расипе. Пред два часа е именуван за нов министер за екологија, потоа кажа неколку реченици за новинарите, а сега му честитаат разни дописници задолжени за известување од парламентот. Секој посебно, со задолжително ракување. Тој и неговите соработници стојат во тесниот ходник кој води кон работните соби на парламентот. Еден човек го довикува Алтмаер: „Ни требаат 10 минути за Грците!“ – и насмевката исчезнува од неговото лице. „Како? Морам сега да разговарам со Грците? Никој за тоа не ми кажа ништо“. Не, не, само членовите на Линкеа бараат канцеларија за да разговараат со Алексис Ципрас. Се гледа дека на Алтемаер му олесна.
Ужасот на Алтамеровото лице го отсликува стравот кој постои во целата CDU – од репутацијата на Ципрас и неговата лева коалиција Сириза, која стана втора најсилна политичка опција во Грција. До овие избори Сириза имаше 4.6 % подршка, а Ципрасовото име беше малку познато надвор од Атина. Растот на поддршката на 17% и неуспехот на разговорите за формирање на влада го променија тоа. По изборите закажани за 17 јуни Сириза би можела да стане најсилната партија во Грција, што овој 37-годишник веројатно би го направило премиер. Ова можност, благо речено, ја вознемирува Европа.
Ако тој дојде на власт, прво ќе ја запре отплатата на долговите и ќе ги прогласи за нелегитимни пакетите испреговарани со голема мака. Освен тоа, најави дека ќе отпише голем дел од грчките долгови и ќе ги национализира банките. Неговите критичари го обвинија за левичарски популизам и тврдат дека оваа политика би означила крај на Грција во еврозоната и би довела до несогледливи последици за Грција и Европска унија. За приврзаниците на штедењето, Алексис Ципрас е едноставно „најопасниот човек во Европа“.
Во Грција, каде што за време на кризата голем дел од граѓаните се доведени до граница на издржливост, Ципрас е славен како херој – некој кој се осудил да се спротистави на диктатурата. Тој изгледа добро, на гласачите им се допаѓа неговиот младешки шарм, неизлитените и јасни изјави. Тој е она што Грците го нарекуваат „pallikari”, младич кој не се плаши од авторитети. Неговите изјави осцилираат меѓу класна реторика и дипломатски формулации. Тој зборува за „војна помеѓу пазарот и народот“ и трезвено укажува на неуспешноста на досегашните мерки на штедење кои создадоа маѓепсан круг на должење. Голем број избирачи од центарот го дадоа својот глас за Сириза. Некои затоа што мислеа дека Ципрас блефира, за во евентуалните нови преговори да се избори за што подобар резултат, бидејќи опстанокот на Грција во еврозоната, за разлика од други леви радикали во својата коалиција, Ципрас не го доведува во прашање.
Затоа тој со задоволство укажува на изјавата на Ангела Меркел, која рече дека нема да допушти Грција да пропадне, бидејќи пазарот веднаш би ја побарал следната жртва во еврозоната. „Јас никого не уценувам, само сум загрижен за европската идеја“, додава вешто Ципрас.
Фактот дека минатиот вторник, веднаш по посетета на Париз дојде во Берлин, можеме да го сфатиме како демонстрација на неговата самоувереност. На повик на Линкеа ќе се обиде да ја промовира идејата во земјата која како ниедна друга инсистира на политиката на штедење. CDU набрзина порача дека не сака да разговара со новата левица, додека SPD беше неодлучна.
Без оглед на тоа, Ципрас привлече внимание, а особено ја сака играта со медиумите. Штом се вклучија камерите, на неговото лице се рашири насмевка, помалку чудна, но на сликите доста привлечна.
Пред салата на Линкеа куп новинари. Грегор Гиси, шефот на Линкеа во Бундестагот, трча кон гостите од Грција. Како поздрав, еден виц: „Денес на гости ни е не само најдобриот грчки политичар, туку и најубавиот. Поради мене не доаѓаат толку камери“. Ципрас стои пред него и се смее, без преведувач и онака не разбира ниту збор.
Кога влезе во салата, го дочека долг аплауз на левичарите, кои на изборите долго не биле вака успешни како него. За време на аплаузот еден постар човек брбори: „Постојано ги славиме поединците, тоа нема да ни донесе ништо добро“. Ципрас учтиво се заблагодарува на топлиот прием. Зборува за солидарност помеѓу народите, кои не смеаат да дозволат да ги свртат еден против друг. „Оваа борба ја водиме и за германските работници“, извика повторно докажувајќи се како талентиран говорник, кој својата реторика успешно ја прилагодува на секоја ситуација.
Како воопшто Алексис Ципрас стана политичар? Роден е 1974 година, четири дена по падот на воената хунта, во прилично аполитично семејство. Привлече внимание кога како 17-годишник беше организатор на ученичките протести. „Стана водач на неколку стотина клинци кои нема поим поради што протестираат“, се присетува за неодамнешниот прилог за BBC еден негов соборец од тие денови. Ципрас тогаш се покажа не само како професионалец во контактот со медиумите, туку и како непопустлив преговарач со министерството за образование. Фактот дека како ученик успеа да се избори за отстапки на владата остави на него силен впечаток.
Запиша градежен факултет и продолжи да се занимава со политика: како член на студентското здружение и како функционер на Синаспизмос, совет на Комунистичките партии и Грчката левица. На сликите од тоа време можеме да го видиме Ципрас како седи на еден рид, со коса до рамена која ветарот му ја нанесува на лицето, со насмевка на нескршлив оптимизам, цврсто уверен дека светот едвај чека да го спаси. Во деведесеттите протестираше против глобализацијата и неолибералните реформи. Покрај неговиот политички татко, Алекос Аванос, поранешен претседател на Синаспизмос, Ципрасовата политичка кариера напредуваше со голема брзина. Во 2006 година избран е во атинската општина, каде што изгради име како политичар близок на граѓаните, кој не пропушта ниту една соседска слава. Во 2008 г. следеа избори за шеф на Сириза, во 2009 влегува во парламентот.
Покрај тоа, Ципрас и понатаму ќе останеше прилично непознат грчки политичар доколку неговите уверувања не се поклопија со моменталната ситуација во Грција и Европа. Минатата година, додека кризата сè уште целосно не ги измори Грците, Ципрасовите радикални барања ги одбиваа гласачите. Но, не се промени само тоа. Се промени и политичката клима во Европа, што најдобро се гледа од резултатите на претседателските избори во Франција и победата на Франсоа Оланд. Ципрасовиот подем во добар дел може да се објасни со тоа дека тој се најде во вистинско време на вистинско место.
Пред доаѓањето во Берлин, Ципрас во интервју за Њујорк тајмс нагласи дека Ангела Меркел е „екстремно изолирана“, препорачувајќи ѝ да се огледа на програмата на Барак Обама за потикнување на растот. Со широка медиумска офанзива Ципрас подготвува терен за нови преговори. Дури и конзервативниот Die Welt призна дека Ципрас сфатил доста важна работа, а тоа е дека „ во прекрасната нова Европа не постои внатрешна политика, туку мора да се дејствува на европско ниво доколку се сака да се спроведе одредена политика во својата земја.“
По средбата со Линкеа, Ципрас продолжи понатаму, на конференција со новинарите. Шефот на Линкеа, Клаус Ернест, и Грегор Гиси сакаат својот гостин да го претстават на медиумите во главниот град, за малку од неговиот гламур да ѝ помогне на нивната партија, во која овие денови беснеат внатрешни судири. Пред синиот ѕид предвиден за фотографирање, Ципрас стои меѓу нив двајцата. Тие личат на претседатели на некој фудбалски клуб кои објавуваат дека потпишале договор со голема ѕвезда. „Не сум во главна улога, ниту мојата партија е, туку грчкиот народ“, започнува скромно Ципрас.
„Резултатите од штедењето се катастрофални, неопходно е да се спречи катастрофа во Европа. Молиме за солидарноста на францускиот и германскиот народ“, понудувајќи веднаш и аргумент дека тоа е и во корист на Германците, „колку долго сакате да фрлат пари во буре без дно?“. Можеби делува како реченица на Тило Сарацин, но кога ја изговара Ципрас, таа има сосем друго значење. Од моменталната политика профитираат само банките, луѓето не добиваат никаква помош. Тој не бара повеќе пари, туку поинаква прераспределба.
Како ќе изгледаат реформите ако тој ја преземе власта? „Верувам дека избегнувањето плаќање данок не работа на гените, ниту сивата економија е дадена од бога.“ Тој сака даночниот систем да го направи поправеден и да ги зголеми државните приходи. „Медиумите често нè опишуваат како партија која сака да ја уништи Европа, но ние сме проевропска партија. Тие кои водат вистинска антиевропска политика моментално се на власт.“
Ципрас бара разбирање, Германците ги смета за „постари браќа“ и ги повикува ова лето да дојдат на одмор во Грција – но останува цврсто при своите ставови. Нема отплата на долгови под овие услови. По еден час време конференцијата е завршена. Ципрас и Гиси влегуваат во колата која ги чека пред влезот. Право на состанок со Сигмар Габриел, шефот на SPD.
Таа вечер Габриел изјави дека Ципрас го убедил оти грчкиот народ треба сам да одлучи дали ќе остане во еврозоната или не, но дека без оглед на таа одлука, мора да се придржува на веќе постигнатиот договор. Ципрас со тоа сигурно не се сложил.
Извор: Der Freitag