Значењето на побуната

30.05.2012 12:27
Протести во Тунис, 2011

Ова не е манифест. Манифестите пружаат краткотраен поглед кон иднината на светот и ја повикуваат појавата на субјектот кој, иако сега само се насетува, мора да се материјализира за да стане вршител на промени. Манифестите делуваат како древни пророци кои со силата на својата визија создаваат сопствени луѓе. Денешните општествени движења го превртеа тој поредок, правејќи ги манифестите и пророците излишни. Вршителите на промени веќе излегоа на улиците и ги окупираа градските плоштади, не само заканувајќи се и рушејќи ги владетелите, туку и повикувајќи ги визиите за нов свет. Можеби поважно од тоа е што масите луѓе низ своите логики и пракси, слогани и копнежи го прогласија новиот збир начела и вистини. Како нивната објава може да стане основа за создавање ново и одржливо општество? Како тие начела и вистини можат да нè водат во повторно осмислување на меѓусебните односи со другите луѓе и со целиот свет? Масите во своите побуни мораат да го откријат преминот од прогласување во остварување.

Отворање на можностите за политичко дејствување

На почетокот од 2011 г., во длабочините на општествените и економските кризи обележани со радикална нееднаквост, здравиот разум навидум ја диктираше нашата доверба во одлуките и водството на владејачките сили за да не нè снајдат уште поголеми катастрофи. Финансиските и државните владетели можеби се тирани и можеби се главни и одговорни виновници за настанокот на кризата, ама немавме избор. Меѓутоа, за време на 2011 г. низа социјални борби го урнаа тој здрав разум и почнаа да градат нов. „Окупирај го Волстрит“ беше највидливата борба, но тоа беше само еден миг во циклусот борби кои го поместија упориштето на политичките расправи и отворија нови можности за политичко дејствување низ годината.

2011 започна рано, на 17 декември 2010 во Сид Бузида, Тунис, кога 26-годишниот уличен трговец Мохамед Буазизи, кој наводно имал диплома по информатика, се самозапали. До крајот на месецот низ Тунис се проширија масовни востанија со барањето „Ben Ali dégage!“ и навистина, до средината на февруари Зин ел-Абедин Бен Али веќе беше на заминување. Египјаните ја презедоа палката, почнувајќи од крајот на февруари во десетици и стотици илјади редовно да излегуваат на улиците и да бараат да си замине Хосни Мубарак. Плоштадот Тахрир во Каиро беше окупиран дури 18 дена пред заминувањето на Мубарак.

Бунтот на индигнадосите

Протестите против угнетувачките режими брзо се проширија на другите земји од северна Африка и Блискиот Исток, вклучувајќи ги и Бахреин и Јемен, но и Либија и Сирија, но почетната искра во Тунис и Египет предизвика пламен и во оддалечените краишта. Протестантите кои ја окупираа владината зграда во Висконсин во февруари и март изразија солидарност и ја препознаа сродноста со своите пандани во Каиро, но клучниот стадиум започна на 15 мај, кога т.н. индигнадоси ги окупираа централните плоштади во Мадрид и Барцелона. Шпанските кампови беа инспирирани од туниските и египетските бунтови и ја пренесоа својата борба на нови начини. Противејќи ѝ се на владата предводена од социјалистите на Хозе Луис Родригез Запатеро, бараа: „Democracia real ya“, одбивајќи ги претставниците на сите политички партии и поттикнаа социјални протести со широк распон на цели, од корупциите на банките до невработеноста, од недоволните јавни услуги до недостигот од станови и неправедните бркања од домовите. Милиони Шпанци учествуваа во движењето, а голем дел од населението ги поддржа нивните барања. На окупираните плоштади „незадоволните“ создадоа собранија за носење одлуки и истражни одбори за испитување на низата општествени проблеми.

Дури и пред остранувањето на кампот на мадридскиот плоштад Puerta del Sol во јуни, Грците ја презедоа палката од индигнадосите и го окупираа плоштадот Синтагма во Атина за да протестираат против мерките на штедење. Набрзо потоа шатори никнаа на булеварот Ротшилд во Тел Авив, барајќи општествена правда и подобри услови за живот на Израелците. На почетокот на август, откако полицијата застрела Британец со црнечко потекло, во Тотенхем избија нереди кои се проширија низ цела Англија.

Пионерски окупатори

Кога неколку стотици предводници на 17 септември донесоа шатори во њујоршкиот парк Зукоти, беше нивен ред да ја преземат палката. Навистина, нивните акции и ширењето на движењето во САД и светот мораат да се толкуваат земајќи ги предвид искуствата стекнати во текот на годината.

Многумина кои не беа дел од борбата тешко ја гледаат поврзаноста во низава настани. Северноафриканските бунтови им се противеа на угнетувачките режими и во средиштето на своите барања го поставија отстранувањето на тираните, додека широкиот распон на социјалните барања низ камповите во Европа, САД и Израел беше упатен кон претставничките системи на власта. Понатаму, израелскиот шаторски протест (не го нарекувајте тоа окупација!) внимателно ги урамнотежи своите барања за да остане молчелив по прашањето за населувањето и палестинските права; Грците се соочени со долг и со мерки на штедење од историски размери; а огорчувањето на британските демонстранти беше предизвикано од долгата историја на расна хиерархија – а тие дури не ни креваа шатори.

Од борба против тираните до борба против финансиската тиранија

Секоја од овие борби е уникатна и е ориентирана кон специфичните локални услови. Но, првото нешто кое треба да се воочи е дека тие навистина комуницираа меѓу себе. Значи, Египјаните ги следеа патиштата на Тунижаните и ги присвоија нивните слогани, но окупаторите на Пуерте дел Сол исто така својата борба ја гледаа како продолжение на искуствата од Тахрир. Исто така, погледите на оние во Атина и Тел Авив беа вперени кон искуствата од Мадрид и Каиро. Окупаторите на Волстрит ги имаа предвид сите нив, преведувајќи ја, на пример, борбата против тираните во борба против финансиската тиранија. Можеби мислите дека тие само биле заведени и дека ги заборавиле или занемариле разликите во своите ситуации и барања. Меѓутоа, ние веруваме дека тие имаат појасна визија од оние надвор од борбата и оти можат без противречности да ги ускладат своите поединечни услови и локални битки со заедничката глобална борба.

Невидливиот човек на Ралф Елисон, по напорното патување низ расистичкото општество, развил способност за комуникација со другите во борба. „Којзнае“, заклучува раскажувачот на Елисон, „можеби на пониските фреквенции зборувам и за вас?“ И денес оние што се во борба комуницираат на пониски фреквенции, но за разлика од времињата на Елисон, никој не зборува во нивно име. Пониските фреквенции се отворени за сите. А некои пораки можат да ги слушнат смао оние коишто се борат.

Кругот на борбата

Се разбира, овие движења сепак споделуваат низа особини од кои најочигледна е стратегијата за подигнување кампови или окупација. Пред десет години алтерглобализациските движења беа номадски. Мигрираа од еден самит до друг, расветлувајќи ги неправдите и антидемократската природа на клучните институции од светскиот систем на моќ: Светската трговска организација, ММФ, Светската банка и националните водачи на Г8 се само некои од нив. Наспроти тоа, кругот на борбата, кој започна 2011 г., е седечки. Наместо кружења прилагодени кон распоредот на самитите, овие движења остануваат на место и одбиваат да се тргнат оттаму. Нивната неподвижност делумно е резултат на фактот дека се длабоко вкоренети во локалните и националните општествени проблеми.

Заедничко за овие движења исто така е и внатрешната организација како мнозинство. Претставниците на странскиот печат во Тунис и Египет очајнички бараа водачи на движењата. За време на најнапнатиот период од окупацијата на плоштадот Тахрир, на пример, секој ден за различна личност претпоставуваа дека е водачот: еден ден тоа беше добитникот на Нобелова награда Мохамед Ел Барадеј, друг ден менаџерот на Гугл, Ваел Гоним, итн. Она што медиумите не можеа да го сфатат или да го прифатат беше тоа дека на плоштадот Тахрир нема водач. Одбивањето на движењата да имаат лидер беше препознатливо низ целата година, но можеби најнагласено беше на Волстрит. Во паркот Зукоти се појавија многу познати интелекуалци и ѕвезди, но никој од нив не можеше да се смета за водач; тие беа претставници на мнозинството. Од Каиро и Мадрид до Атина и Њујорк, движењата наместо тоа развија хоризонтални механизми на организација. Не градеа стожери или основаа централни комитети туку се ширеа како роеви и, што е најважно, создава демократски пракси на одлучување, така што сите учесници можеа да предводат заедно.

Борба за заедничкото

Третата карактеристика која ја покажуваат овие движења, иако на различни начини, е она што го замислуваме како борба за заедничкото. Во некои случаи таа беше изразена со пламен. Кога се самозапали Мохамед Бузизи, неговиот протест беше сфатен не само како насочен против злоупотребата која ја претрпел од локалната полиција, туку и против општествените и економски потешкотии кои ги споделуваа работниците низ целата земја, од кои многумина не беа во состојба да најдат работа соодветна на нивното образование. И во Тунис и во Египет многу набљудувачи поради гласните повици за рушење на тираните се оглушија на длабинските општествени и економски прашања кои ги поставија движењата, како и на клучните акции на работничките синдикати. Пламените од нередите во Лондон исто така беа израз на протест против постојниот економски и општествен поредок. Како и кај париските бунтовници од 2005 г. и оние во Лос Анџелес пред повеќе од петнаесет години, огорченоста на Британците беше реакција на сложениот збир општествени проблеми во чијшто центар лежи расната подреденост. Но, разгорувањето на ограбувањето во секој од тие случаи исто така е одговор на моќта на стоките и законот на сопственост кои и самите се често средство за расно подредување. Значи, тоа се борби за заедничко во смисла дека поставуваат предизвик за неправдите од неолиберализмот и владеењето на приватната сопственост. Но, не се социјалистички поради тоа. Всушност, во овој циклус борби видливо е многу малку од традиционалните социјалистички движења. И колку и да го оспоруваат законот за приватна сопственост овие борби, тие подеднакво се противат и на законот за јавна сопственост и контрола на државата.

Во овој памфлет се обидуваме да ги преиспитаме стремежите и постигнувањата на кругот борби кои избувнаа 2011 г., ама не го правиме тоа анализирајќи ги директно. Наместо тоа почнуваме со истражување на општите општествени и политички услови во кои настануваат тие. Нашата точка на напад се доминантните облици на субјективност кои произлегуваат од контекстот на моменталната општествена и политичка криза. Разликуваме четири основни категории субјекти – задолжени, медијатизирани, секуритизирани и претставувани – од кои сите се осиромашени, а нивната моќ за општествена акција е прикриена или заматена.

Од побуна до моќ

Движењата за востанија и бунтови, откриваме, нè снабдуваат со средства не само за одбивање на угнетувачките режими под кои страдаат овие субјектни категории, туку и за претворање на тие субјекти во носители на моќта. Со други зборови, тие откриваат нови облици на независност и сигурност како на економски, така и на општествен и комуникациски терен, кои заедно создаваат потенцијал за отфрлање на системот на политичко претставништво и афирмација на сопствената моќ за политичко дејствување. Тоа се некои до постигнувањата кои веќе ги остварија овие движења и кои можат понатаму да се развиваат.

За да се консолидираат и зголемат моќите на таквите субјекти, потребен е уште еден чекор. Всушност движењата веќе обезбедуваат низа конститутивни начела кои можат да бидат основа за државотворен процес. Еден од најрадикалните и најдалекусежни елементи на овој циклус движења, на пример, беше одбивањето претставништво и наместо тоа изградба на шема на демократско учество. Овие движења исто така ѝ дадоа нови значења на слободата, ново значење на нашиот однос кон заедничкото и кон низата централни политички договори кои далеку ги надминуваат границите на моменталните државни устројства. Овие значења сега веќе стануваат дел од новиот здрав разум. Тие се основните принципи кои веќе почнуваме да ги сметаме за неотуѓиво право, како оние кои ги негувавме за време на револуциите во 18-иот век.

Нашата задача не е да ги кодифицираме новите општествени односи во утврдениот поредок, туку да создадеме конститутивен процес кој ги организира и ги прави трајни тие процеси, истовремено поттикнувајќи идни иновации и останувајќи отворен за желбите на мнозинството. Движењата прогласија нова независност, а конститутивната моќ мора тоа да го пренесе понатаму.

Извор: Nacional.hr

ОкоБоли главаВицФото