Дра(х)ма над Балканот

31.05.2012 11:04
Дра(х)ма над Балканот

Телевизиското интервју на Славој Жижек во кое овој словенечки филозоф зборува (и) за можноста на поделба на Босна и Херцеговина, односно соединување на Република Српска со Србија, а во контекст на исцртување нови (етничко-државни) граници на Балканот, привлече големо внимание кај овдешната т.н. јавност. Во интервјуто кое Исмаил Кадаре, најважниот албански и еден од најдобрите современи светски писатели, ѝ го даде на новинарката Бранка Богавац, а кое кон крајот на минатата недела го објави неделникот НИН, се изнесуваат размислувања кои е интересно да се споредат со идеите на Жижек.

Да се разбереме, во интервјуто на Кадаре, Босна и Херцеговина како таква воопшто не се споменува. Неговата перспектива е поширока, балканска. Меѓутоа, тоа не значи дека неговото размислување не е битно и за босанскиот политички ќорсокак. На пример, тој буквално вели: „На Балканот кој се смали, денес, по самоповлекувањето на Словенија и Хрватска, постојат три народи кои сè уште се држат и кои се навистина неизбежни: Грците, Албанците и Словените. Тоа се три цивилизации, три култури, три јазика. Балканот не може да се замисли без човекот кој му припаѓа на неговиот балкански контекст. Потиснати со векови во оваа европска област, опстанокот на секој од овие народи е условен од другите. Во сложените случаи, волно или неволно, приморани сме да се договараме. Ви се чини мрачна оваа визија? Мислам дека она што го преживеавме во најново време не беше ништо помалку страшно. За ѝ се вратиме на една визија која влева повеќе надеж, мора да се каже дека на Балканот, сепак, низ историјата беше воспоставена рамнотежа. Денес, во услови на постоење на Европската унија, тутор кој сите го прифативме, оваа рамнотежа е повеќекратно осигурана. Да се вратам на тројката од балканската рамнотежа: Грци, Словени, Албанци – верувам дека се согласувате со мене кога велам дека ниеден од овие три народи, од ниедна причина и во ниедна околност, не може да се издвои од проблематичниот полуостров. Сè лежи во сфаќањето на ова.“

Кадаре вели: Грци, Албанци, Словени; па вели: три цивилизации, три култури, три јазици. Од негова гледна точка, не само што јазикот на кој зборуваат Србите, Хрватите, Босанците и Црногорците – е еден јазик, туку тој на овие Словени со ист јазик им ги придружува и Македонците и Бугарите. (Впрочем, во контекст на споредување со албанскиот или грчкиот јазик, не греши воопшто; сосем е можно да се разговара со Бугарин или Македонец кој зборува на својот мајчин јазик, додека Србинот, Хрватот, Босанецот или Црногорецот зборува на неговиот мајчин јазик, а повторно совршено ќе се разберат.) Исто така Кадаре вели дека сите на Балканот ја прифатија ЕУ како заеднички тутор. Се разбира, тоа е точно, но и во таа смисла нештата се менуваат во однос на блиското минато. Приказната за т.н. европска перспектива на Западниот Балкан, а на некој начин и приказната за „Западен Балкан“ како концепт, започна со самитот на Пактот за стабилност во Солун, кога на земјите кои настанаа по распадот на Југославија (минус Словенија, плус Албанија) им беше ветен пристап кон ЕУ ако задоволат одредени услови. Во тоа време Грција е веќе стара членка на Унијата, дел од цврстото јадро со (тогаш новата) силна заедничка валута, Словенија со уште девет идни членки е пред прием, Бугарија и Романија веќе се во процес на преговори за пристапување, а ЕУ се чини посилна одошто кога и да било, па црната (балканска) дупка меѓу Австрија и Грција делува како аномалија. Во меѓувреме поминаа десетина години, но многу нешта се променија. ЕУ повеќе не се доживува како толку силна, а Грција веќе не е дел од цврстото јадро и виси на вратот на целата Унија како воденички камен. Приказните за враќањето на драхмата, односно излегувањето на Грција од еврозоната повеќе не им припаѓаат само на катастрофичарите и теоретичарите на заговори, туку со нив се занимаваат и најрационалните аналитичари. (Исто така, не треба да се заборави ни одолговлекувањето со влегувањето на Бугарија и Романија во шенген-зоната.) Сликата на Балканот и ЕУ, значи, изгледа сосем поинаку. Ако Грција излезе од еврозоната, цврстото јадро на ЕУ со заедничка валута ќе биде географски сосем компактно, без (црни) дупки среде својот мек стомак и сите слични аномалии. Никој не зборува за излегување на Грција од ЕУ, но без еврото тоа сепак повеќе не би било – тоа. Тогаш Балканот би бил приморан да се сврти кон самиот себе.

И овде се враќаме на тројката на Кадаре: Грци, Албанци, Словени. Свртувањето на Балканот кон самиот себе значи и свртување на Грците, Албанците и Словените едни кон други. Колку комично изгледа во рамките на оваа балканска тројка босанскохерцеговскиот трилинг: Босанци, Срби, Хрвати! (Иста култура, иста цивилизација и ист јазик, единствена различна компонента е верската.) И колку е анахрона идејата да се продолжуваат разграничувањата во рамките на словенскиот југ. Па, и постоечките граници се предебели. Убаво е што одредени граници во регионот можат да се преминат само со лична карта (т.е. без пасош), но во споредба со Шенген тоа е чиста тривијалност. Зошто и на Балканот да не се патува како во ЕУ, зошто границите меѓу Босна и Србија или Црна Гора и Албанија би биле подебели од оние меѓу Австрија и Унгарија или Германија и Полска, зошто да не може да се преминат без никакво легитимирање? Во таквиот контекст идеите на Жижек се чинат бесмислени. Колку се потенки границите на Балканот, толку и меѓуентитетската линија во Босна и Херцеговина е невидлива.

Извор: Oslobođenje

Бугарите и Србите нема

Бугарите и Србите нема совршено да се разберат, сум присуствувал на повеќе ситуации кога на крај испаднало дека е најлесно на англиски да комуницираат.

„Словенски народ“ е нешто што не постои во реалноста, освен можеби во главите на Албанците (што не зборува убаво за нив).

Инаку во право е човекот, треба да се свртат Балканците кон себе.

ОкоБоли главаВицФото