Апокалипса наскоро

31.05.2012 12:07
Апокалипса наскоро

Одеднаш јасно гледаме дека еврото – тој величенствен, фаличен експеримент на монетарната унија без политичка унија – може да распука по шевовите. Не зборувам за некоја далечна иднина. Сè би можело да се распадне страшно брзо, за неколку месеци, не година. А цената – како економската, така и политичката, што е можеби уште поважно – би можела да биде огромна.

Тоа не мора да се случи; еврото (или барем неговиот поголем дел) сè уште може да се спаси. Но, за такво нешто е потребно европските лидери, особено во Германската и Европската централна банка, да започнат да се однесуваат сосем различно од она како се однесуваа во изминативе неколку години. Мора да престанат да морализираат и да започнат да се носат со реалноста; мора да престанат да одложуваат и, барем еднаш, да погледнат подалеку од носот.

Би сакал да можам да кажам дека сум оптимист.

Приказната досега одеше вака: кога еврото беше создадено, Европа ја преплави голем бран на оптимизам – што, како што ќе видиме, беше најлошото нешто што можеше да се случи. Парите се слеаја во Шпанија и други земји, кои одеднаш се гледаа како безбедни за вложување; оваа поплава на капитал стимулираше меури од недвижнина и огромен трговски дефицит. Потоа парите, со избивањето на финансиската криза во 2008, пресушија, што предизвика сериозни падови во истите оние земји кои порано нагло напредуваа.

Во тој миг, недостатокот на политичка унија во Европа стана сериозна пречка. Меури од недвижнини имавме и на Флорида и во Шпанија, но кога меурот на Флорида пукна, пензионерите можеа да сметаат дека пензиите и здравственото осигурување ќе им ги плати Вашингтон. Шпанија немаше таква поддршка. Така пукнатиот меур истовремено стана и финансиска криза.

Европскиот одговор беше штедењето: дивјачко скратување на трошоците во обид да се одоброволат пазарите на обврзници. Меѓутоа, како што може да ви каже секој разумен економист (и зборувавме), ова скратување на трошоците ја продлабочи депресијата во кризните европски држави, што дополнително ја разниша довербата на инвеститорите и предизвика растечка политичка нестабилност.

А сега следува моментот на вистина.

На тапет моментално е Грција. Избирачите кои, разбирливо, се бесни на политиката која произведе невработеност од 22 проценти – над 50 проценти меѓу младите – се свртеа против партијата која ја спроведуваше таа политика. А бидејќи целиот грчки политички естаблишмент беше практично принуден да прифати економска догма однапред осудена на пропаст, фрустрираноста на избирачите предизвика пораст на популарноста на екстремистите. Дури и анкетите да се неточни и владејачката коалиција некако да успее да го привлече мнозинството во следниот изборен круг, игранката е практично готова: Грција нема, и не може, да спроведува политика која ја бараат Германската и Европската централна банка.

Значи, што да се прави сега? Грција моментално поминува низ таканаречен банкарски џогинг – своевидна успорена верзија на навала на банките, бидејќи сè повеќе штедачи ги повлекуваат своите влогови во очекување на можно излегување на Грција од еврозоната. Европската банка практично ја финансира оваа навала на банките, позајмувајќи ѝ ги на Грција неопходните евра; доколку и (најверојатно) кога централната банка ќе донесе одлука дека повеќе не може да позајмува, Грција ќе биде принудена да го напушти еврото и повторно да ја издаде својата валута.

Оваа демонстрација дека еврото всушност е реверзибилно ќе доведе до навала на штедачите на шпанските и италијанските банки. Европската централна банка повторно ќе мора да одлучи дали ќе обезбеди финансирање на неопределен рок: ако одбие, еврото би можело да исчезне.

Меѓутоа, финансирањето не е доволно. Италија, а особено Шпанија, треба да понуди надеж – економско опкружување во кое би можело да има некои остварливи шанси за излез од немаштијата и депресијата. Реално гледано, единствен начин да се обезбеди такво опкружување е Централната банка да се откаже од својата опседнатост со стабилност на цената, да прифати, па и да потикне, повеќегодишна инфлација од 3 или 4 проценти во Европа (и уште повеќе во Германија).

И на функционерите на Централната банка и на Германците оваа идеја им е одбивна, но тоа е единствениот начин да се спаси еврото. За изминатите две и пол години, европските лидери на кризата одговараа со половични мерки со кои се купуваше време, но тие тоа време не го искористија.

Сега времето истече.

Значи, дали Европа ќе биде на висината на задачата? Да се надеваме дека ќе биде – и не замо затоа што пукањето на еврото би предизвикало негативни ефекти низ целиот свет. Уште поголема штета на погрешната европска политика веројатно би била онаа политичката.

Тоа треба да се сфати вака: пропастот на еврото претставува голем пораз на поширокиот европски проект, обид да се воспостави мир, просперитет и демократија на континентот со ужасна историја. Ефектот би бил практично ист како овој кој, по неуспешното стегање на ременот, го гледаме во Грција – дискредитирање на политичкиот мејнстрим и подемот на екстремистите.

Значи, европскиот успех на сите ни е во интерес – меѓутоа, само Европејците можат да го постигнат тој успех. Целиот свет чека да види дали се способни за тоа.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото